Невработеноста кај младите во Западен Балкан е двојно поголема од онаа во ЕУ

работодавците бараат искусни работници

Стапката на млади луѓе од Западен Балкан кои не работат ниту пак одат на училиште е 35% и е двојно поголема од просекот на земјите-членки на Европската унија, според истражувањето за вработувањето на младите во Западен Балкан на Советот за регионална соработка од 2021 година. Зошто? Соња Гочанин

Причините за високата стапка на невработеност, според истражувањето, честопати лежат во несоодветните политики за вработување и оскудната понуда на работа за младите, која главно се привремена.

Во јазот меѓу школувањето и работата

Во Европската унија во просек, 16,9 проценти од младите на возраст од 15 до 24 години не работат и не се на училиште.

На Западен Балкан, таа бројка е 35,1 процент, а најлоша е ситуацијата во Косово, каде што скоро половина од младите (49,1 проценти) ниту работат, ниту одат на училиште. Една од причините за тоа е слабата врска помеѓу образованието и пазарот на трудот.

Државната помош за млади претприемачи со неколкумесечна процедура

„Кога младите ќе завршат средно училиште или факултет, тие честопати имаат тешкотии да ја добијат својата прва работа, бидејќи им недостасува работно искуство и немаат соодветно советување за кариерата“, се вели во студијата, додавајќи дека повеќето млади луѓе бараат работа врз основа на лични контакти.

Од друга страна, според истражувањето, работодавците бараат искусни работници, а младите немаат можност да го стекнат потребното искуство.

Видете и ова: На излезот од пандемијата: младите сè уште ниско на листата на општествените приоритети

Сарита Брадаш, истражувач во Фондацијата Центар за демократија во Белград, смета дека една од главните причини за поголемата невработеност кај младите во регионот во споредба со Европската унија е подобрата понуда на работни места во ЕУ, но и разликите во пристапот на институциите кон овој проблем.

„Постои гаранција за младите во Европската унија, која ги обврзува агенциите за вработување да им понудат на младите квалитетна работа четири месеци откако ќе завршат училиште или ќе се пријават во службата за вработување“, вели таа, додавајќи дека на младите во Европската унија кои немаат доволно квалификации им се овозможува продолжување на образованието.

Брадаш посочува дека тоа често не е случај во земјите од Западен Балкан, каде што не се обезбедуваат соодветни програми за вработување на млади.

Според неа, програмите за професионална пракса во Србија немаат многу ефект и им нудат на младите работни места со плати пониски од пропишаната минимална плата (во Србија е околу 255 евра) и младите немаат соодветно социјално осигурување.

Бизнисот бара квалитетни и стручни работници, а не етнички подобни

„Во 2019 година, повеќе од половината од младите луѓе во Србија беа вклучени во програмата за практикантска работа, а ефектите врз вработувањето, што значи колку млади луѓе беа вработени шест месеци по завршувањето на стажирањето, е еден од пет од оние кои учествуваа. Таквите ефекти се незначителни“, наведува Брадаш.

Истражувањето за Западен Балкан исто така наведува дека агенциите за вработување не се доволно активни за да им помогнат на младите да најдат работа, па затоа младите се принудени да се потпрат врз семејните и политичките врски.

Според Советот за регионална соработка, во повеќето земји од Западен Балкан, патот од дипломирање до прва работа трае една до две или повеќе од две години. Само во Албанија, 42% од младите можат да најдат работа по дипломирањето за помалку од една година.

Какви работни места им се нудат на младите?

„Младите во Западен Балкан се соочуваат со несигурни форми на работа на пазарот“, се вели во студијата на Советот за регионална соработка. Според истражувањето, врз вработувањето на младите особено негативно влијаело пандемијата на коронавирусот.

„Младите беа повеќе изложени на отпуштања од другите затоа што тие често беа на несигурни работни места, или со привремени договори. Тие исто така се соочуваат со долгорочна невработеност“, се вели во истражувањето.

Видете и ова: Евроинтеграциите не се решение за иселувањето на младите, но се надеж за иднината

Брадаш, исто така, наведува дека еден од големите проблеми е големиот удел на млади луѓе кои работат на несигурни работни места.

Според истражувањето, во Србија повеќе од половина од младите луѓе кои работат (54,5 проценти) се ангажирани со договори кои се од ограничена или привремена природа. Во Косово и Црна Гора, тој број на млади луѓе е поголем од 70 проценти (во Косово е 78,9 проценти, а во Црна Гора 75,2 проценти).

„Една информација е важна тука. 82 процента од младите во Србија наведуваат дека причината зошто се вработени со договори со ограничено времетраење е затоа што не можат да најдат постојана работа, додека во Европската унија просекот е околу 30 проценти“, вели Брадаш, објаснувајќи дека младите во Европската унија имаат различни мотиви да работат на привремени работни места.

Според неа, младите во ЕУ работат на привремени работни места затоа што сакаат да го продолжат своето образование и да заработат пари, додека во Србија, младите работат со такви договори затоа што нема трајни работни места.

Брегу: Околу 70 отсто од младите на ЗБ би се иселиле

Брадаш исто така наведува дека околу една четвртина од младите кои се високо образовани во Србија работат на работни места за кои е потребно пониско образование.

Истражувањето посебно го нагласува проблемот со непријавената работа на младите или работата „на црниот пазар“, што, како што се наведува, е особено присутно во Албанија.

Непријавените работници немаат здравствено и пензиско осигурување, а со оглед дека станува збор за непријавена работа и устен договор со работодавачот за работните услови, работниците немаат сигурност дека ќе бидат соодветно платени за нивната работа.

Видете и ова: Од училишни клупи на работа - неисполнет предизвик

Истражувањето исто така наведува дека програмите што треба да ги охрабрат младите да започнат сопствен бизнис на Западен Балкан не се соодветни. Ваквите програми ги започнаа Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија и Србија.

„Младите се борат да ги надминат административните и бирократските пречки и се соочуваат со недостаток на пристап до деловни заеми поради недостаток на искуство“, се вели во студијата.

Кои се последиците врз младите?

Работата на несигурни работни места и долгорочната невработеност влијаат врз менталното здравје на младите луѓе, смета Брадаш.

„Тоа создава чувство на несигурност и неизвесност што ги намалува можностите за планирање на животот, за одвојување на младите од нивните родители, за основање семејство“, вели таа, додавајќи дека речиси 60 проценти од младите луѓе во Србија на возраст од 25 до 34 живеат со своите родители.

Како една од последиците на невозможноста да се најде работа, Брадаш ја посочува и неактивноста на младите во барање работа, што доведува до долгорочна невработеност.

Партиите за младите - од надвор мазно, внатре празно

„Статистиката треба да ги разгледа податоците за оние кои не се сметаат за невработени затоа што активно не бараат работа“, објаснува таа, наведувајќи дека може да се претпостави зошто некои млади луѓе се откажале од барање работа.

„Стотици кандидати аплицираат за едно работно место во Србија. Податоците од порталот за вработување во Србија Инфостуд покажуваат дека еден кандидат се натпреварува во просек за десет огласи.

„Кога аплицирате за десетици работни места и тоа не доведува до никакви ефекти, ја губите мотивацијата“, истакнува таа.

Стапката на младинска активност на пазарот на трудот на Западен Балкан е 30,1 проценти, пониска од просекот во земјите-членки на Европската унија, каде што е 37,8 проценти, се вели во истражувањето на Советот за регионална соработка.