Достапни линкови

Младинската невработеност намалена, но далеку од европскиот просек


Мерките и програмите за вработување на млади даваат резултати. Податоците покажуваат интерес на младите за самовработување, обуки за ИТ вештини, за практиканство. Работодавачите велат дека младите се добро информирани, се споредуваат со нивните врсници во светот и не сакаат да работат за мали пари и во лоши услови. Но, не е проблем само невработеноста. Истражувањата со години наназад покажуваат дека младите сонуваат да си заминат од земјата.

По завршувањето на факултетот сакам да останам во земјата и да го работам она за што сум студирала, да работам со деца, вели младата Илина.

„Сакам да работам тука. Но гледајќи како денеска стојат работите, малку потешко е да се вработиш. Но јас ќе се потрудам, а иселувањето ми е последна опција“, вели таа.

Виктор Миладиновски работи сезонски работи во Грција. Се обидел и тука да работи, но вели дека условите за работи не му биле добри.

„Работев во една компанија, лоши услови за работа, лоши и финансиски услови“, вели тој.

Негова млада сограѓанка вели дека прво сака да го заврши факултетот.

„Потоа има опции, да се почне кариера, кој сака во јавна администрација, кој да си почне сопствен бизнис. Јас ќе се обидам да се вработам како професорка, а можеби и сопствено нешто“, вели таа.

Заев до младите – Користете ги мерките

Млади борете се, создавајте услови во земјата, повикува премиерот Зоран Заев, преку видео порака објавена на неговиот фејсбук профил. Тој советува да не се бара работа само во јавната администрација, туку да се бараат и други начини за вработување и да се користат мерките на државата.

„Државата дава поддршки преку Фондот за иновации, преку мерките за вработување, преку поддршки на инвестициите. Инвестираме во капитални проекти, финансиски сме стабилни, сигурни, имаме одлична перспектива. Еве испративме порака дека ги препознаваме младите луѓе им даваме шанса“, рече Заев.

Има ли лек против иселувањето на младите?
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:14 0:00

Гаранција за млади

Младинска гаранција, субвенции за самовработување, бенефити за работодавачите кои ќе вработат млади, обуки, практиканство, младински картички, „предизвик за млади истражувачи“, се само дел од проектите кои оваа влада ги презема.

Mладинската гаранција како пилот проект минатата година се реализираше во три градови. Лани во проектот се вклучиле 8850 луѓе, од нив 4651 се жени, а 1982 се вработиле. Оваа година се реализира во три региони – Североисточен, Полошки и Југозападен. Оваа програма опфаќа млади кои ниту работа, ниту пак учат. Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска во разговор за РСЕ вели дека за годинава било планирано со програмата да бидат опфатени 9500 млади. Како успешна ќе се смета ако најмалку 30 отсто од вклучените во програмата, по четири месеци се вработат, повторно се вклучат во образовниот процес или пак во други мерки и програми за вработување. Но заклучно до крајот на месецов, имало далеку повеќе заинтересирани од планираната бројка.

„Предвидовме дека ќе опфатиме 9500 млади лица, но само за четири месеци од реализацијата опфативме 13.300 млади лица и од тие 4000 веќе се вработени. И ако требаше 30 проценти од вкупниот број да се вработат, ние до сега имаме вработување на 33 проценти од младите кои биле вклучени во оваа мерка. Важно е дека апсорпцијата на активните мерки за вработување од страна на млади е зголемена токму заради младинската гаранција“, вели Царовска.

Министерката вели дека минатата година младите немале информации за мерките и за тоа како може да се вработат, но младинските советници кои работеле на терен придонеле информациите да се рашират и да се зголеми бројката на вработувања. Оваа година има и повеќе пари за вработување и повеќе заинтересирани, вели Царовска. Таа најавува и дополнителен младински додаток, односно пари за вработување на млади во одредени гранки.

„Навистина е важно младите да се вклучат и во реалната економија. Во моментов имаме повеќе млади кои бараат да работат во јавна администрација, но тоа е погрешен концепт, така едноставно беше поставено општеството. Секое младо лице кое има капацитет, знаење, идеа, тие треба во реалниот бизнис, во реалната економија да вложат, зошто таа има најголем поврат и за општеството и за нив. Платите кои може да се постигнат во реалниот сектор, никогаш не може да се постигнат во јавниот, зошто бизнисот секогаш ако оди напред, ги зголемува платите, ја води државата напред, но и нивните животи ќе бидат поквалитетни“, објаснува министерката.

Истражувањето на Ангел Мојсовски, истражувач во Институтот за европски политики ЕПИ покажало дека гаранцијата дава добри резултати, но недостасуваа координација меѓу институциите и другите сектори.

„Недостасува координација меѓу овие три чинители -меѓу владата со министерствата, универзитетите и факултетите со нивните програми и бизнис секторот кон кого треба сите да се приспособуваат“, вели Мојсовски.

Тој вели дека уште во средно треба да се насочуваат младите да размислуваат за претпиемништво.

„Се уште има анкети кои покажуваат дека младите се насочени кон вработување во администрација, односно не се спремни да ризикуваат. Ако малку ги оспособиме, ги охрабриме младите луѓе, уште во основно и во средено училиште, дека преземањето ризици не е толку страшно и дека неуспехот не е толку страшен, понатаму би биле охрабрени да почнуваат со идеи за бизнис“, вели Мојсовски.

Младите заинтересирани за практиканство и за ИТ вештини

Оперативниот план на Владата за вработување годинава изнесува околу 20 милиони евра и е највисок износ досега, три пати повисок отколку во 2014 година. Акцент со овој план се става на младите невработени до 29 години и на корисниците на гарантирана минимална помош. Младите невработени може да конкурираат за развој на дигитални вештини, да се вработат преку стекнување обуки и преквалификации. За добијат пари за самовработување, да им се субвенционираат платите. Податоците за минатата година покажуваат дека речиси половина од оние кои конкурирале за програмата самовработување се млади. Младите интерес покажале и за мерката субвенционирање на плати, околу 64, 47 проценти од заинтересираните за оваа мерка, биле млади. Многу заинтересирани биле и за практиканство, вели Виолета Стојановиќ, раководител на Секторот за активни програми и мерки за вработување во Агенцијата за вработување.

„Процентот на реализација во мерката практиканство изнесува 87,66 проценти. Оваа мерка е наменета исклучиво за млади до 29, односно до 34 години и со успех се реализира, како и претходно наведените мерки. Исто така младите лица покажуваат интерес и за учество во обуките, особено за обуките за стекнување вештини за странски јазици и за напредни ИТ вештини. Процентот на реализација за овие мерки е, за обуките за стекнување ИТ вештини е 70 проценти, а за обуките за странски јазици е околу 52 проценти“, вели Стојановиќ од Агенцијата за вработување.

Стојановиќ вели дека и годинава младите покажуваат голем интерес за мерката самовработување.

„Голем дел од младите настојуваат своето вработување да го решат со започнување сопствен бизнис, со тоа што имаат поддршка во износ од пет илјади евра неповратни средства во форма на набавка на опрема и репро материјали. Тоа се буџетски средства кои се дел од оперативниот план на активни програми и мерки за вработување. Од вкупно предвидениот опфат 1070 грантови за 2019, имаме 698 апликации, досега селектирани бизнис планови за регистрација на фирми се 262. Во тек е реализација на програмата за самовработување, до крајот на годината ќе ги имаме конечните бројки“, вели Виолета Стојановиќ од Агенцијата за вработување.

Таа дополнува дека во мерката субвенционирање на плати годинава договори склучиле 522 млади лица. Во мерката вработување и раст на правни субјекти, од предвидените 497 лица, млади се 304 лица. Интерес има и за обуките и за услугите –помош при барање работа, мотивациските обуки и обуки за вработува и за работа.

Невработеноста намалена, но загрижува бројот на невработени млади

Невработеноста во земјата, според податоците заклучно со првиот квартал годинава е намалена и изнесува 17, 8 отсто, но се уште загрижува бројот на невработени млади. Младинската невработеност со години се движеше околу 50 проценит, според статистичките податоци до крајот на првиот квартал годинава речиси 37 отсто од младите на возраст од 15 до 24 години се невработени.

Податоците на европската агенција за статистика „Евростат“ покажуваат дека високи 36,3 отсто од младите во земјава на возраст од 20 до 34 години, не се ниту вработени ниту во процес на образование. Тој процент во земјите од ЕУ е 16, 5 отсто.

Со 200 евра плата младите не се задржуваат во Македонија

Работодавачите, пак, велат дека младите се информирани, знаат за колкави плати работат нивните врсници во Европа и не сакаат тука да работат за мали пари, вели Миле Бошков – претседател на Бизнис конфедерацијата на Македонија,

„Младите имајќи ги во предвид тие информации, не се најсреќни да работат во тие услови. Тоа е една работа, друга работа е условите за работа во македонските компании, работниот однос, исплаќањето, тоа се услови кои не ги привлекуваат младите“, вели Бошков.

Тој дополнува дека работодавачите мора добро да им ги објаснуваат условите во кои ќе работат, а да работат и на нивно подобрување.

„Јас имам син студент, кој отиде да работи летна работа во македонска компанија и е тотално разочаран. Повеќе му е жал не зошто поминал таму неколку дена на работа, туку му е жал за тие луѓе таму кои што работат со години, кои ги оцени како несреќни, со наведната глави и со безидејност. Може да замислите каква услови се тоа за работа? Тоа ни е стварноста. Чест на исклучоци секако, но глобално е така“, вели Бошков.

Тој вели дека и во нивната организација има практиканти и смета дека програмите треба да се прошират.

„Што е можно повеќе млади да се вклучат, особено тие до 29 години, така тие ќе стекнат работно искуство, меѓутоа и ќе видат дали ќе сакаат да работат во македонски услови или можеби ќе сакаат да направат нешто и самите за да имаат егзистенција“, вели Бошков.

Но не е проблем само невработеноста, оти многу млади кои имале работа си заминале. Со мерките се создава атмосфера младите да почнат да веруваат во системот, вели министерката Царовска.

„И по сите оние анализи што ги правиме како министерство почнуваат да се обраќаат и да се вработуваат. И секој бара да живее подобро, затоа што не е само вработувањето и платата основата за истото, целиот квалитет на живот е, образовен систем, здравствен систем, квалитет на воздух, на вода, култура итн., ги привлекува младите да заминат во некоја развиена земја. Затоа што ако ги гледате тенденциите не заминуваат сиромашните и неснајдените, заминуваат и тие што тука имаат можност да работат и да снајдат, но заминуваат затоа што таму имаат поквалитетен живот и тоа нема да застане целосно, ние мора да превенираме затоа што држава без човечkи капитал не може да функционира, нема на што да се базира економијата“, вели Царовска.

Истражувањата на јавното мислење со години наназад покажуваат дека младите сонуваат да си заминат од земјава. Не се знае колку млади си ги спакувале куферите,оти со години немало попис. Достапните податоци пак на домашните институции не се целосни, бидејќи се регистрираат само они кои се откажале од македонското државјанство или пријавиле дека се иселиле. Во Студијата за млади на Северна Македонија 2018/2019 година во која учествувале 1.038 испитаници на возраст од 14 до 29 години, спроведена од страна на Фондацијата Фридрих Еберт-канцеларија Скопје, меѓудругото стои дека младите сакаат да мигрираат во странство заради подобрување на животниот стандард, а најпосакувана дестинација е Германија. Германскиот амбасадор Томас Герберих на крајот на минатата година кажа дека дневно добиваат по 70 до 80 апликации за работна виза.

Во јуни годинава почна и проектот „Младинска картичка“. Мерката, според најавите на властите, е во насока да ги задржи младите, да им понуди квалитетен живот со цел да почнат да размислуваат да останат во државата. Картичната им нуди попусти и услуги на младите, а освен во земјата, поволности ќе може да користат и во други европски држави.

Полска со даночни олеснувања против иселувањето на младите

Во Полска стапи во сила нов закон со кој се укинува данокот на доход за вработените млади луѓе - потег насочен кон запирање на емигрирањето на Полјаците во странство. Мерката се очекува да ги зголеми платите на скоро два милиона Полјаци во земјата, но и да ги привлече да се вратат дома оние што сега се во странство.

Гоце Атанасов

Полскиот тинејџер Франчизек Филиповски штотуку се пријави за својата прва работа во еден вегетаријански ресторан во Варшава и благодарение на новата владина мерка, тој нема да плаќа данок.

„Сегашната партија на власт ги укина даноците за оние помлади од 26 години. На тој начин, тие покажуваат симпатии спрема младите гласачи“, рече тој, посочувајќи дека тоа би можело да биде пресметан политички потег пред изборите во октомври.

Од даночната пауза, која стапи во сила од 1 август, може да имаат корист околу два милиона млади во земјата во која живеат 38 милиони луѓе. Имено, таа се однесува само на вработените, а не и на младите претприемачи.

Заменик-министерот за финансии Лешек Скиба очекува законот да ги охрабри младите луѓе брзо да влегуваат на пазарот на трудот, на кој се повеќе им недостасува работници. Работниците под 26-годишна возраст сега ќе добиваат поголема плата, бидејќи нивните работодавци повеќе не мора 18 проценти од платата да им ја даваат на даночните власти. Владата исто така се надева дека мерката ќе ги обесхрабри младите луѓе да емигрираат во потрага по повисоки плати.

„Невозможно е да се предвиди сè, но тие ќе видат дека јазот меѓу нивната нето плата овде и во странство се намалува и тоа ќе ги мотивира да останат во Полска“, вели Скиба, додавајќи: „Покрај тоа, „некои од оние што веќе се во Западна Европа - во Германија, Велика Британија, Франција или Ирска - ќе видат причина да размислат за враќање дома“.

23-годишниот Јан Пјотровски пак, вели дека е скептичен во врска со целата иницијатива.

„Идејата исплива непосредно пред изборите во ЕУ, така што постои елемент на популизам“.

Тој не очекува оваа мерка да му донесе поголема плата, некаде околу 100 до 200 злоти или до 50 долари месечно. За колкаво зголемување станува збор и податокот дека хамбургер чини околу 25 злоти.

Некои економисти не се убедени во планот на владата со оглед на тоа што цените постојано растат. Дел од нив веруваат дека работодавците ќе бидат тие кои ќе имаат најголема корист од мерката. Според нив, мерката за фаворизирање на младите е со цел да се компензира негативниот ефект на повисоките давачки за социјално осигурување за малите бизниси, кои треба да стапат на сила во јануари.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG