Објавувајќи црно-бели фотографии, жени на социјалните мрежи даваат поддршка на борбата против родовото насилство. Тие под хаштагот #challengeaccepted и #WomenSupportingWomen споделуваат фотографии и повикуваат и другите жени да го сторат тоа за подигање на свесноста дека насилството врз жените и неговата најекстремна форма фемицидот постои насекаде околу нас и може да и се случи на секоја жена.
Видете и ова: Едно убиство, 79 семејни насилства за време на карантинотИдејата за ваквиот предизвик го поттикна убиството на млада жена во Турција, по што жени ширум светот почнаа да споделуваат црно-бели фотографии. Дваесет и седум годишната студентка од Турција Пинар Ѓултекин беше брутално убиена минатиот месец од страна на нејзиното поранешно момче. Сега, милиони жени од целиот свет споделуваат фотографии и зборуваат за овој предизвик.
Во Македонија пак, само во последните неколку месеци беа регистрирани три случаи на фемицид, односно на убиство на жени.
Во мај, кога во државата имаше вонредна состојба и полициски час поради пандемијата на коронавирусот, во рок од две недели беа убиени две жени. Прво во Арачиново мажот си ја застрелал жената со пиштол, а потоа во Скопје до смрт беше претепана жена од нејзиниот невенчан сопруг.
Невладините организации што се занимаваат со човекови права алармираа дека во кризни услови може да се зголеми насилството врз жените и бараа системски одговор на семејното и родово базираното насилство. Во јули е убиена жена откако нејзиниот невенчан сопруг ја удрил со тврд предмет по главата. Нејзиното тело го завиткал во најлони и во ќебе и го оставил покрај пат. Тоа беше најдено два дена подоцна.
Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет на Македонија вели дека многу од фемицидите можеле да се спречат ако институциите постапувале како што треба.
„И од страна на Центарот за социјална работа, и од страна на Министерството за внатрешни работи и на крајот судските постапки не се ефикасни, односно не ги спасуваат жртвите од насилниците. Тоа е главниот проблем. Многу од фемицидите во Македонија сме утврдиле дека всушност се случиле затоа што не е реагирано како што треба од страна на службите. Тоа е главниот проблем. Треба да се постапува поажурно, и кога ќе се види дека постои опасност и постои насилство треба веднаш да се преземат мерки“, вели Пировска.
Според Анализата на случаи на фемициди на Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство, објавена во 2018 година, а го опфаќа периодот од 2008 до 2016, во земјава најчесто убиството на жени било извршено од актуелниот или поранешниот партнер или пак од вонбрачен партнер. Анализата покажува дека жените се небезбедни дома, оти најчесто жртвата била убиена во домот или пак, ако биле во постапка на развод, тогаш во домот на родителите на жената. Пиштолот е најчесто оружје со кое се извршени убиствата. Во периодот од 2008 до 2016 биле убиени 70 жени.
Во меѓувреме, активисти во земјава спроведоа и друга акција против семејното насилство, под мотото „Молчењето не е решение“. Во Градскиот парк беа поставени фотографии на жени жртви на семејно насилство. Активистите го избрале тоа место оти таму секојдневно проаѓаат бројни функционални семејства во кои нема семејно насилство, но секако биле и се сведоци на овој тип насилство, а никогаш не реагирале.
„Идејата на оваа акција е од една страна да се охрабрат жртвите да проговорат и да побараат помош, но од друга страна главна цел на акцијата е повеќе да се охрабрат сведоците на ваквите состојби да реагираат наместо да игнорираат и да ја забиваат главата во песок под превезот дека тоа не е нивна работа“, посочуваат активистите.