Ако фрлиме краток преглед кон историјата на човештвото, не би грешеле ако изјавиме дека ние како општество секогаш одиме напред, се развиваме во аспект на општествени науки, природни науки, технологија, свеста кај човекот и останато. И поради тоа ние денес тврдиме дека во дваесет и првиот век повеќе не треба да содржи елементи на штетни традиции и верувања од деветнаесеттиот па дури и подоцнежниот дваесеттиот век. Ама денес тука сме, во „модерно општество“ во кое се уште има потреба од глобални кампањи за полова еднаквост и против насилство насочено кон жените.
Денот кога се рашири веста за насилството врз девојката во Штип, народот веднаш беше на нозе и со масовно ширење на веста, насилниците за брзо време беа идентификувани и приведени од страна на полицијата, што покажа добра свест кај граѓаните во Македонија.
Но, тука останува еден поголем проблем, ако ние го откривме ова поради тие мангупи кои ја снимиле и после го објавиле видеото, што е со тие случаеви кои не се снимени? Што со тие лица кои трпат физичка болка секојдневно, позади сцената, каде што никој не може да открие за да им се помогне? Погоре спомнав свест како дел од елементите која човекот ја развива само со тек на времето, преку историјата и искуствата кои ги имаме преку истите. Како граѓани во 21-ви век, не е ли нехумано да се нема толкава свест и пак жените и мажите да бидат жртви, дали на семејно насилство или на друг вид на насилство?
Нешто што упорно ме заплашува е менталитетот на многу сограѓани не само во оваа земја, туку и во регионот на Балканот. Како е воопшто можно некаде во светов да постојат верувања како „не е убаво да се тепа жена, ама дај да видиме прво што направила, од која постапка таа го заслужила ќотекот“, или „бабуш си го заслужила“ од страна на „балканскиот алфа-мажјак“, кој знае од А до Ш на секоја тема, од коронавирусот кој го пуштил до геополитиката на Путин и Трамп, и да не заборавиме на трагедијата помеѓу 5Г и птиците.
Насилството врз жена или маж, може да се појави преку повеќе форми. Тоа е, според моето верување, едно од најголемите повреди врз човековите права во нашата историја. Според европската комисија 30 % од жените над 15 години искусиле физички или сексуално насилство од партнер во нивниот живот, и 18 % од жените ширум светот имале искусено сексуална злоупотреба во нивното детство. Оваа појава значително е присутна кај земјите во развој, каде има нестабилна економија, ниско ниво на свест и за жал, длабоко старомодни средини кои само придонесуваат кон истиот проблем.
Голем проблем е што жртвите на секаков вид на насилство, едноставно не го пријавуваат тоа, од пуст страв што само тие си ја знаат маката. Нешто што ме поттикна да размислам е, дали јас познавам луѓе кои го искусиле ова, ама не пријавиле и сега живеат со последиците од истото. Со појавата на „МеToo“ движењето, многу луѓе се здобија со храброст да ги пријават насилниците, да покажат прст кон истите и да ги остават институциите да се погрижат за другото.
Технологијата можеби оди напред, ама ние во својство на човек во однос на вистинско човештво, очигледно не одиме напред. Се додека постои овој менталитет во рамките на целиот свет, се додека постојат изјавите како “и што ако ме тепа, тоа значи дека ме сака“, “ај да не го расипувам бракот, ќе не озборува цело маало“ или пак јаготката врз шлагот „јас сум маж, не можам да пријавам срамота е“ ВО ВОДА ПРОПАЃА СЕ ШТО ЌЕ ГО ПОСТИГНЕМЕ ЦЕЛ ОВОЈ ВЕК И ПОНАТАМУ.
Признавам дека бев пријатно изненаден од моите сограѓани, кои веднаш ги открија насилниците во Штип и масовно преку социјалните мрежи ја извршија својата граѓанска должност - да ги пријават тие лица и да ги остават во рацете на институциите, кои се надевам дека ќе се покажат способни, барем за овој предмет. Заклучок? Или ќе пријавиш, или народот ќе пријави за тебе! А за насилниците? Најстрогата казна како порака до останатите.
Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.