За предизвикот на иселувањето на младите треба многу повеќе креативност, макотрпна работа и долгорочна визија отколку слободен превоз во вторник и четврток и бесплатно користење на дебарските бањи. Некои од европските, но и од соседните држави, навремено го сфатија ова, искористувајќи ја младата дијаспора како најголема шанса и решение за справување со „одливот на мозоци“.
Тридеценискиот „нон-пејпер“ мотив за иселување на младите
Се чини дека во изминатите триесетина години, јавниот дискурс во нашата држава е збогатен со уште една празна флоскула: младите. Пандан на секојдневните добро ислушани термини како експерт, реформи, демократизација, транзиција, владеење на правото и други, поимот млади истовремено значи сè, ама и апсолутно ништо. Често централна тема во наративот на политичарите, нормално, кога има простор од многуте „државни“ прашања кои ни го загадија духот повеќе од скопскиот воздух, младите и нивните надежи сè уште остануваат само еден од инструментите за влијание во рацете на политичарите и политичките партии. Нивната иднина е прашање на преговори и договори како и сè досега во изминатите три децении.
Од самата независност, младите во нашата држава се гледале како најгорлив проблем, а не решение, иако се тие кои незаслужено го носат товарот на општествено-вредносната транзиција, често етикетирани како мрзеливи, инертни и бескорисни. Оваа системската негрижа за младите ги позиционира како една од најмаргинализираните и најзанемарени категории граѓани. Само за илустрација, Северна Македонија има највисока стапка на младинска невработеност на Балканот од 37 отсто, во која една третина од младите не се вработени, ниту вклучени во образование или обука и се на ризик од сиромаштија. (Државен завод за статистика 2019).
Долготрајните транзициски и евроатлански процеси испреплетени со бројни разочарувања и неправди спрема младите, ги принудија сами да ги бараат своите решенија. Секако, сакајќи да се дистанцираат од безидејноста и безволието на надлежните институции и власти, тие цврсто одлучија да ги користат бенефитите на глобалниот и мобилен свет и да „гласаат со нозете“. Зачекорувајќи кон западноевропските и прекуокеански „ветени“ земји, каде што тревата е секогаш позелена и сонцето посветло сјае, полека, но сигурно, иселувањето на младите може да се окарактеризира како масовна евакуација, отколку како миграција! Според Извештајот на Светската банка (2019), во изминатите години, приближно 500 илјади луѓе веќе ја напуштиле земјата, од кои најголем дел млади, високо обучени и квалификувани луѓе. Овие статистики ја позиционираат Северна Македонија како една од државите со највисок емиграциски тренд во светски рамки.
Најпластична илустрација за сериозноста на феноменот на „одлив на мозоци“ е фактот што младите кои треба да се грижат за нашето образование, знаење и здравје и оние кои треба да бидат интелектуален носител на позитивните промени, „ладнокрвно“ ја напушаат или претендираат да ја напуштат државата засекогаш. 69 отсто од универзитетските професори, асистенти и истражувачи би сакале да ја напуштат државата, а над 20 отсто веќе имаат преземено конкретни активности за напуштање на истата (Институтот за стратешки истражувања и едукација, 2018), додека во последните осум години, земјава ја напуштиле повеќе од 1200 лекари (Лекарската комора на Северна Македонија 2019).
Но, овие професии се само дел од генералната слика за силната желба за емиграцијата на нашиот млад талент. Истражувањето на германската Фондација „Фридрих Еберт“ (2019), покажува дека повеќе од две третини од испитаниците имаат желба да ја напуштат државата. Сепак, прашањето на „одливот на мозоци“ e доста покомплексно од тоа што се гледа само на површината. Едноставната фраза дека „младите си одат за повеќе пари и подобри плати“ сè повеќе ја губи својата релевантност и додава кон релативизацијата на феноменот. Од спротива, пак, емиграциските „профитери“ како Германија, Швајцарија, Австрија, Обединетото Кралство, САД и други задоволно тријат раце и топло ги пречекуваат нашите „мрзеливи, интертни и бескорисни“ млади како најголеми таленти, нудејќи им сè поедноставни услови да станат нивни постојани жители.
Од негативен до позитивен наратив за „одливот на мозоци“?
Но, да се навратиме на националниот наратив, кој емиграцијата (слично како и самите млади) секојдневно ја претставуваат како негативен феномен. За волја на вистината, на прв поглед можеби и нема ништо позитивно во целата приказна. Иселувањето отсекогаш била традиционална, македонска емотивна тема која зазема и голем дел од нашата литература и која има далекусежни последици на лично и општествено ниво.
Во оваа смисла, во изминатите неколку години интензивно се дискутира иднината на младите во нашата држава, често користејќи ги термините „да се задржат младите“, „да се спречат да се иселат“, „да се натераат да останат“. Сепак, глобализацијата, технологијата и скоро непостоечките бариери за миграција, не даваат ни најмал простор, ниту оправданост да се зборува за спречување или задржување на младите. Онаа народната „подобро да се спречи отколку да се лечи“ e апсолутно неприменлива за модерната млада и образована индивидуа, на која денес буквално светот ѝ е на дланка.
Иако станува збор за докрај неиздржани кованици во македонскиот јазик кои алудираат на негативни мерки и рестрикции, сржта на политиките и мерките за „одлив на мозоци“ e позитивна. Наједноставно, кога зборуваме за овој феномен, зборуваме за креирање на позитивни услови за младите квалитетни и образовани кадри да сакаат да останат, творат, да придонесат и да го искористат својот талент во својата земја. Најважно, успешните политики за „одлив на мозоци“ ја претставуваат и другата страна на приказната на миграцијата на младите и поддржуваат и ревезибилен процес на „прилив на мозоци“. Овие политики ги свртуваат на глава емиграциите и сфаќањата за „одливот на мозоци“ и се насочени токму кон привлекување на младите стручни и образовани кадри од дијаспората (како и квалитетни млади од други земји) назад во татковината.
Но, поразителните бројки и интензитетот на иселувањето на младите, алудираат на потребата од радикална промена на досегашните политики, кои мора да се креираат и спроведат со забрзано темпо и во синхронизација на сите релевантни актери. Особено што статистиката и искуствата од поновите земји членки на ЕУ, како Бугарија, Романија, Хрватска, Полска, Естонија и др. укажуваат на тоа дека најголемите емиграциски бранови на младите луѓе се случиле токму после нивниот влез во ЕУ (Еуростат 2019). Како претенденти за влез во Европското семејство, ова е последниот аларм за неопходната паника која недостига за ефикасното менаџирање на младите, кои без суштински промени одбројувањето до влезот во ЕУ ќе го чекаат со куферите во рака.
Приказни од пoблиското и подалечно соседство
За предизвикот на иселувањето на младите треба многу повеќе креативност, макотрпна работа и долгорочна визија отколку слободен превоз во вторник и четврток и бесплатно користење на дебарските бањи. „Одливот на мозоци“ е хронична главоболка за сите која не поминува лесно, ниту ќе помине со едноставно препишување терапија од политички квази-лекови. Некои од европските, но и од соседните држави навремено го сфатија ова, користејќи ја младата дијаспора како најголема шанса и решение за справување со „одливот на мозоци“.
Неодамна, полските политики за иселувањето на младите одекнаа во медиумите како една од најдрастичните мерки во борбата со „одливот на мозоци“. Јавно признавајќи го иселувањето на младите како најголемиот пораз за Полската нација, премиерот Матеус Моравјецки иницира донесување закон (поддржан со повеќе од половина милијарда евра) за укинување на персоналниот данок на секој граѓанин под 26 години, таргетирајќи околу 2 милиони млади Полјаци. Слично и Хрватска го укина персоналниот данок за младите под 25 години и воедно го намали за 50 отсто за млади помеѓу 25 и 30 години, со цел нивелирање на разликите во примањата со поразвиените земји и натпреварување за својот млад талент.
Во соседна Бугарија, Пловдив е исклучокот од правилото за емиграционите трендови. Вториот град по големина во 2017 е единствениот во Бугарија кој има повисока стапка на младинска имиграција во однос на емиграцијата за 7 отсто (The Guardian 2019). Од традиционално индустриски град, преку конкретни економски и младински политки, Пловдив се трансформира во средиште на урбан развој. Ставајќи акцент на ИТ секторот, бенефиции за бизниси, можности за аутсорсинг и промоција на младинскиот урбан културен живот, Пловдив е во предност кај младиот талент во однос на главниот град Софија.
Пловдив на некој начин е балканскиот Талин, кој исто така успеа да ја трансформира Естонија (земја со само 1.7 милиони жители) во „дигиталниот тигар“ на Европа, земја со највисоко ниво на дигитализација и најголем број на стартапи. Креирајќи култура на „инвестициски рај“ за младите и особено „дигиталните номади“ и фриленсери, Естонија во 2018 ја воведе и првата виза за нив, привлекувајќи илјадници млади ИТ таленти од Азија и Европа, но и неколку стотици Естонци, млади претприемачи назад преку бизнис програмата „Талентот назад дома“ (2011). Сличен концепт на естонскиот неодамна најави и Србија, која формира независна Агенција за циркуларна миграција со цел враќање на младата српска дијаспора назад во татковината.
Уште поблизок пример е Албанија како првата земја од Западен Балкан која институционално пристапи на предизвикот уште во 2006 година. Под лидерство на тогашниот премиер Сали Бериша беше креирана сеопфатна национална Програма за „прилив на мозоци“ како една од ретките во светски рамки во тоа време. Програмата во својата петгодишна имплементација успеа да привлече 137 високо образовани млади кој дополнително го етаблираа Универзитетот во Драч, помогнаа во креирање мрежа на илјадници високообразовани Албанци во странство и отворија неколку нови прогресивни одделенија во рамките на националните министерства. Сепак, иако ова е најраниот конкретен обид за „прилив на мозоци“ во регионот, неговата успешност е дискутабилна со оглед на сè уште големиот број млади кои ја напуштаат Албанија.
Можеби и највпечатливиот пример и земјата која условно кажано ја победи емиграцијата е Ирска. Забележувајќи го проблемот уште во раните 1990-ти, тогашната претседателка Мери Робинсон даде силни политички заложби за создавање на нова Ирска која „значајно ќе се реосмисли и ќе го врати кредибилитетот во економска смисла“ преку својата многубројна и квалитетна дијаспора. Во соработка со граѓанскиот сектор и бизнис заедницата, тогашната влада го создаде првиот „Бизнис фонд“ кој финансиски ги мотивира младите Ирци да ги префрлат своите бизниси во татковина. Покрај Фондот, во подоцнежните години се формираа и разни иницијативи за промоција и анимација на младата дијаспора, кои денес, после повеќе од 20 години истрајна битка со емиграцијата, ја направија Ирска центар на Гугл, Микрософт и други светски гиганти. Ова издигнување и ребрендирање на државата се должи токму на миграциските политики и милијардите евра, знаење и искуство од ирската дијаспора која мотивира голем дел од младите Ирци да го пронајдат својот животен пат дома.
Што МОРА уште вчера да се направи?
Прв чекор кон успешно справување со „одливот на мозоци“ е неговото признавање дека воопшто и постои. Настрана од говорница на митинг во предизборна кампања, никоја од досегашните влади во овие триесетина години јавно не го призна и прифати овој пораз. Неопходна е искрена, отворена дискусија т.н. објава на „војна“ на „одливот на мозоци“, базирана на квалитетни и веродостојни податоци за емиграцијата што ќе покажат колку млади си отишле и сакаат да си одат, зошто, кои се и каде се, кои вештини и знаење го носат итн.
Од друга страна, сериозноста на ситуацијата, неопходно бара и промена на наративот за младите и емиграцијата со кој сите сме губитници. Младите не се проблем, ниту емиграцијата по дефиниција е негативен феномен. Напротив, младите се неограничен ресурс на знаење, талент, креативност и енергија од кои и зависи иднината на државата. Дали ќе има кој да нè лечи, кој да нè образова, кој да нè храни, кој да ги полни пензиските фондови итн., зависи од нивните шанси за успех во нашата татковина. Симплифицирањето на „одливот на мозоци“ и претставувањето само на најнегативното од негативното не носи прогресивни промени. Затоа, прашањето на емиграцијата од емотивно, мора да стане политичко, научно, финансиско, административно и човечко прашање.
Улогата на сите државни институции, бизнис заедницата, медиумите, граѓанскиот сектор и младите, мора да е јасно позната и синхронизирана до последен детаљ. Политиките треба да ја дадат потребната визија која недостига и која бара храбро и искрено политичко лидерство, слично како на тоа во Ирска во раните 1990-ти. Продавањето празни зборови и ветувања за НАТО и ЕУ интеграциите не се доволни да се мотивираат младите да останат дома, а уште помалку да се привлечат оние квалитетните кои својот пат го нашле во туѓина.
Поволните услови за овој чекор се тука уште пред неколку години. Бројноста на дијаспората и нивната поврзаност со нивните блиски во државата се гледа по износот на дотациите од странство. Моментално, нашата дијаспора испраќа повеќе од 721 милион евра годишно од кои најголем дел се трошат за секојдневни потреби (читај преживување) на македонските граѓани. Жално, само 1 отсто се користат за инвестиции кои би го подобриле животниот стандард на сите (Вестминстер фондација 2019). Колку е неограничен потенцијалот на дијаспората, кажуваат и искуствата од регионот, каде што најголемиот број нови претприемачи и иноватори се токму повратниците. (Светска организација за интелектуална сопственост 2017)
По сите бројки и трендови, моментот за вакво нешто е дојден, a се чини и е последен. Искрената желба за помош од македонската дијаспора, која брои некои 700 илјади иселеници не се разгорува со излишени партиотски фрази. На младата дијаспора ѝ треба рационално, економско и човечко поврзување со татковината кое се гарантира преку овозможувачки политики за бизнис, грантови и промоција, исто како и во странство. Во оваа насока, мапирањето на младиот талент и човечки капитал од дијаспората е клучен предуслов за понатамошни чекори. Владата, министерот за дијаспора, Агенцијата за иселеништво, Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, мора да ги вложат сите напори за привлекување директни инвестиции во Северна Македонија.
Примерите од Естонија и Ирска, укажуваат на тоа дека странските инвестиции од нашата дијаспора треба да се најважните, бидејќи покрај економска добивка, ги носат и нашите млади назад, опремени со знаење и вештини на иднината, кои може да ги охрабрат младите да останат и да ја променат државата од корен. За ова, неопходно е отстранување на сите бариери во секоја смисла на зборот кои се conditio sine qua non за создавање успешна бизнис клима за дијаспората (Од 70-80 мали бизниси како директни инвестиции од дијаспората, 55 отсто од нив се соочиле со проблеми при отворање бизнис во Северна Македонија - Македонија 2025).
Без конкуренција, „одливот на мозоци“ е најважното прашање во државата кон кое треба и така да се пристапи. Сите реформи, дискусии и заложби за НАТО и ЕУ паѓаат во вода ако не останат луѓе во нашата земја кои и ќе го видат и доброто од овие процеси. Ако продолжиме со истиот наратив и безидејност, ќе нема воопшто и потреба од ЕУ ингеграции затоа што нашите млади веќе ќе се во Европа. На Северна Македонија ѝ треба нова приказна, ново реосмислување преку младиот талент и неговите потенцијали. Ни треба итно ребрендирање и трансформација од земја на емиграција во земја на имиграција. Дали ребрендингот ќе е во насока на иновации, технологија, ИТ, земјоделство, култура и друго зависи од сите нас.
Но, едно треба да се сфати. Справувањето со „одливот на мозоци“ е долгорочна и макотрпна борба која мора да почне уште вчера. Резултати преку ноќ и магични формули нема.
Реалност или фикција? Северна Македонија 2045: Неколку стотици автомобили со шведски регистарски таблички чекаат за влез во Северна Македонија. Швеѓаните сè уште остануваат најголемите ривали на нашите млади за најквалитетните работни позиции.
Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.