Следната година буџетот на Министерството за образование ќе биде поголем за речиси шест милиони евра, додека за Бирото за развој на образованието под чија законска надлежност ќе биде развојот на новиот концепт што го најави министерката Мила Царовска е намален за повеќе од 70 илјади евра во однос на годинава. Од министерството за образование велат дека пари за спроведување на новиот концепт за основното образование има доволно. За следната година во буџетот за основното образование се планирани над 200 милиони евра од кои дел од нив ќе бидат наменети за капитални инвестиции, дел за плати и дека за новата реформа во која како ставки се предвидени речиси 2 милиони евра за нови учебници, обуки на наставници и изготвување на нови наставни планови. Нова реформа треба да го опфати основното образование и со неа ќе се изменат дел од наставните содржини, учебници како и наставни програми кои ќе бараат и дополнителна обука за наставниците.
Според буџетот за 2021 година за Биро за развој на образованието се одвоени за околу 70 илјади евра помалку во споредба со годинава. Од МОН велат дека од буџетот од Бирото за развој на образованието за обука на наставниците ќе бидат извоени 130 илјади евра, а за изготвување на наставните програми за основното образование планирано е да чини 40 илјади евра.
Во одговорот на Министерството за образование е наведено дека новата концепција за основно образование е во фаза на изработка и дека течат консултации со сите засегнати страни. По усвојување на конечната верзија на концепцијата, ќе се изработат нови наставни планови и програми, како и нови учебници и наставни помагала. Во однос на финансиската рамка на реформата ќе бидат опфатени зафати директно и индиректно поврзани со изградбата на целосно нов образовен систем.
„Почетна точка е продолжувањето и интензивирањето на процесот на изградба на нови и реконструкција на постоечките училишта како и изградбата на спортски сали. Овие процеси се дел од капиталните инвестиции на МОН, кои за прв пат значат финансиска поддршка на капитални проекти кои се пристапни, или стануваат пристапни, со што училиштата ги правиме инклузивни“, се вели во одговорот од МОН.
Оттаму додаваат дека капиталните инвестиции на МОН за 2021 година, од буџетски средства, изнесуваат над 16 милиони евра и дека дизајнирањето и имплементирањето на реформиските зафати ќе опфати повеќе елементи.
„Меѓу нив, трансферите до единиците за локална самоуправа наменети за основно образование за 2021 година изнесуваат 11.220.800.000 денари. За учебници и наставни материјали, се издвоени 110 милиони денари, а од буџетот на Бирото за развој на образование за обуки на наставниците, се предвидени 8 милиони денари. Изготвувањето наставни програми за основно образование е планирано со 2.500.000 денари.
Во буџетот за 2021 година е предвидена и нова ставка „проект за унапредување на услугите во основното образование“ за која се предвидени околу 37 милиони денари или 600 илјади евра.
Видете и ова: Образованието финско, пампурот од турскоПоранешниот заменик министер за образование Петар Атанасов вели дека во буџетот за образование има доволно пари за една суштинска реформа особено имајќи ги предвид искуството од претходно кога се потрошени 30 милиони евра за, како што вели, погрешниот концепт наречен Кембриџ.
„Со оваа бројка можам да тврдам дека има и во оваа ставка и во многу други ставки за заштеда во министерството за образование. Доколку тие што го водат министерството за образование најдат начин да заштедат од таму од каде што истекуваат многу пари а не придонесуваат за квалитет, може и во овој буџет да се спроведе важнни проекти“, вели Атанасов.
Премиерот Зоран Заев изјави дека преку новиот концепт за настава во основното образование ќе се интегрираат дел од предметите, но и ќе се вклучат нови наставни содржи кои, како што вели тој, се клучни за да се подготват учениците за современиот дигитален свет.
„Се разбира, новите содржини не одат на сметка на постоечките. Учениците и натаму ќе учат историја, географија, хемија, биологија и се друго што е неопходно за нивните знаења. Но, за оваа работа низ дебата ќе го избереме најдобриот модел“, изјави Заев.
Од друга страна опозицијата засега го критикува само делот околу историјата.
„Под ниеден услов не смее да се прифати измена на образовниот систем, а уште помалку да се дозволи бришење на историјата како предмет во образованието. Доколку се случи нешто такво, тоа ќе биде почеток на едно ново време, кое ни малку нема да наликува на она што е вистина за Република Македонија, а тоа е историјата која ја изучувале нашите дедовци и татковци“ изјави претседателката на комисијата за образование и науки на ВМРО-ДПМНЕ, Весна Јаневска.
Во меѓувреме, во новиот буџетски план за наука и истражување се издвоени помалку пари во однос на претходните години. Во однос со овогодишниот буџет таа ставка е за 100 милиони денари поголема, но е значително помала од претходните години. Причината за порастот е и новата потпрограма која влегува во ставката наука и истражување влегува а тоа е „превод на книги од реномирани автори“, за која ќе бидат издвоени 106 милиони денари, која се враќа во програмата за наука, откако оваа година недостасуваше од Буџетот. Истовремено средствата за научно-истражувачка работа и за научните институти се малку намалени во споредба со буџетот за оваа година.
На пример ако се земе за споредба буџетот за 2021 во однос на буџетот од 2014 се забележува зголемување на парите за цели 40%, но парите за наука се намалија за повеќе од половина односно за 54 проценти. Во 2014 година за наука и истражување биле одвоени 0,45 проценти од буџетот, додека во 2018 таа ставка изнесувала 0,20 проценти а во буџетот за догодина таа изнесува 0,16 проценти.
Видете и ова: Средношколците на различни линии за државната матураПрофесорот Виктор Стефов од Институтот за хемија при Природно Математичкиот Факултет во Скопје, вели дека во државава практично изумира науката.
„Јас не познавам држава во светот која е развиена, која држи до себе да нема сериозно вложување во науката. Без тоа нема напред. Без истражување, вложување во наука и образование, практично ние ги сечеме сите гранки што ги имаме“ вели Стефанов.
Неговиот колега од УКИМ од Институтот за социолошки и политички правни истражувања професорот Атанасов вели дека се надева оти конечно државата ќе инвестира во годишни програми и повеќе пари за научни истражувања.
„Затоа што претрчани истражувања кои ги прават оние што се јавуваат во јавноста, не се доволни. Нас ни требаат фундаментални истражувања, особено на полето на образованието. Апелирам да се вложат пари во научни истражувања затоа што ни една паметна држава не работи без тоа“, вели Атанасов.
Годинава во ставката наука и истражување влегува и потпрограмата „превод на книги од реномирани автори“, за која ќе бидат издвоени 106 милиони денари, која се враќа во програмата за наука, откако оваа година недостасуваше од Буџетот. Истовремено средствата за научно-истражувачка работа и за научните институти се малку намалени во споредба со буџетот за оваа година.