Достапни линкови

Образованието финско, пампурот од турско


Училиште во Македонија
Училиште во Македонија

Новиот концепт на образование предвидува историјата во основното образование да не биде посебен предмет, туку да се интегрира во предметот општествени науки. Министерката Мила Царовска вели дека концептот е сличен како тој во Финска, но дел од граѓаните велат дека уште има училишта „од турско“.

Најавите на владата за промена на наставните програми, според кои предметот историја во основното образование веќе нема да се учи како посебен, туку влегува во предметот општествени науки предизвика жестоки реакции во јавноста. Реагираа сите, историчари, педагози, професори, а на крај и сите кои имале предмет историја на школо.

Поддржувачите на идејата велат дека македонскиот образовен систем произведува неписмени ученици, што го потврдуваат и меѓународните тестирања, и затоа треба да се менува, додека други сметаат дека ова е прифаќање на бугарските барања за промена на македонските учебници по историја на мала врата.

Министерството за образование појасни дека не се укинува ниту историјата, ниту која било друга научна дисциплина, туку според новиот концепт за образование неколку предмети се спојуваат во еден, па така во новиот предмет општествени науки се спојуваат историја, географија и граѓанско образование, а биологија и хемија се спојуваат во предметот природни науки. Целта на реформите е ученикот да добие целосна слика за одреден настан или тема. Во Министерството велат дека во оваа фаза не се дискутира за конкретни наставни програми, туку за концепт на образование. Според министерката Мила Царовска овој модел наликува на оној во Финска.

Синдикатот бара да не се брза, и прво да се спроведе пробен проект.

Најголемите критики од граѓаните се дека историјата се укинува како посебен предмет за да им се угоди на бугарските барања.

Други, пак, аргументираат дека ако велиме дека историјата се укинува, тогаш исто толку се укинува и географијата, биологијата или хемијата, кои исто така ќе се изучуваат во склоп на други предмети. Сепак, во ваков чувствителен политички момент, биологијата не предизвикува реакции, затоа што не е оспорена од никого. Но, историјата е.

Некои се шегуваат дека тогаш не мора да има предмети, туку на школо да се оди по ука.

Дел од професорите посочуваат дека образовните програми се лоши, а македонските ученици се на самото светско дно по знаење и дека тоа мора да се смени со воведување интердисциплинарност во наставата. Дополнително, во основно училиште децата треба да се научат да размислуваат, а не фокусот да се стави на оптоварување со податоци.

Речиси истовремено додека Министерството за образование објави дека се прави образовен модел како во Финска, Истражувачката репортерска лабораторија објави истражување за Кембриџ-програмата по која досега учеа македонските ученици. Истражувањето покажува дека Меѓународниот испитен центар Кембриџ не учествувал во развојот на учебниците „по Кембриџ“ во Македонија, па македонските учебници може да се опишат како во бугарскиот виц: „Този Кембриџ не е Кембриџ“.

Други, пак, не влегувајќи во расправа за наставните програми, дали се како во Финска или по Кембриџ, потсетуваат дека голем дел од македонските ученици учат во училишта во кои нема санитарни јазли, туку полски вециња надвор од објектот, се греат на пампур на среде училница во која кровот протекува. Додека не се создадат физички услови за настава, програмата е помалку битна.

Промените кои се планираат во однос на наставните предмети ќе започнат од идната година и ќе се воведат во прво и во шесто одделение, изјавиле за „Мета“ од Бирото за развој на образованието.

На последното ПИСА тестирање (Меѓународна студија која ги мери способностите и знаењата на учениците) од декември минатата година, македонските ученици се меѓу најслабите, односно се меѓу последните 15 од 77 земји во читање, математика и наука. Резултатите што ги објави Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) покажуваат дека македонските средношколци се оценети со 393 бодови за читање, што е под просекот од 487. Потоа, 394 за математика и 413 за природни науки, а во двете категории просекот е 489.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG