Надлежните одлучија да се одржи државната матура, повикувајќи се дека тоа е законска обврска. Во соработка со Сојузот на средношколци, МОН донесе одлука испитот да има поедноставени прашања. Но, неформална група матуранти сепак бараат да не се полага државна матура и бојкотираат настава.
Државната матура ги подели средношколците. Од една страна, Сојузот на средношколци смета дека мора да се одржи државната матура, а од друга страна, неформална група матуранти децидно бараат откажување на матурскиот испит.
„Сојузот на средношколци смета дека државната матура мора да се одржи поради три клучни причини: недостаток на правна рамка, немање на меѓународни преседани и задржување на квалитетот на образованието“, стои во соопштението на Сојузот.
Оваа учебна година, поради епидемијата на коронавирусот, учениците започнаа со комбинирана настава, односно дел следат онлајн настава, а дел со физичко присуство. Но, онлајн наставата е најчест облик на настава кај матурантите.
„Околу 40000 ученици немаат услови да следат on-line настава, и не ја следат истата или ја следат со прекини. Како тие ученици ќе полагаат државна матура кога наместо да учат од предавања тие се снаоѓаат да учат на други начини? Кога целиот систем ќе биде прилагоден на секој ученик, тогаш ќе може да размислуваме за полагање на државна матура“, напишаа учениците кои се против државната матура, на фејсбук страната „Средношколски глас“ од каде ги испраќаат повиците за протест и бојкот на наставата.
Министерката за образование и наука Мила Царовска денеска изјави дека државна матура ќе има и оти таа е законска обврска. Но, претходно, Министерството за образование и наука во соработка со Сојузот на средношколци одлучи државната матура да има поедноставни прашања од материјалот кој е изучуван во трета и четврта година.
„Важно е да бидеме дел од развиените држави оти минатата година ние бевме негативен исклучок по тоа што не можевме да спроведеме или не се оствари матурата. Тоа направи огромни проблеми за учениците коишто требаше да се запишат и во високото образование во нашата држава, но исто така уште повеќе ја искомплицира работата за учениците коишто требаше да се запишат надвор од државата“, изјави министерката Царовска на денешната прес конференција.
На 18 ноември, кога МОН го објави концептот за полагање и датуми за државната матура, „Средношколски глас“ реагираше.
„Минатата година кога дневно имаше само по 10 заразени се одложи, но сега со бројка од 50 илјади заразени граѓани МОН заклучува дека државната матура треба да се одржи. Учениците и професорите имаат доволно стресови со сегашниот начин на учење и ситуацијата, а МОН со ваквата лоша одлука придонесува до зголемување на стресот. Нема ниту услови, а не е ниту соодветно да се одржи државната матура“, истакнаа од „Средношколски глас“.
На ова, Сојузот на средношколци одговори дека не може да се споредува моменталната ситуација со таа во јуни, годинава.
„Но, здравствената ситуација не беше причината за откажувањето на матурата, туку таа се откажа поради вонредната состојба, уставен елемент кој е стриктно правен, а не здравствен, наспроти распространетото верување. Досега јавноста не била информирана околу планови за прогласување на вонредна состојба, а ова подразбира дека процесот на откажување на матурата треба да помине пред Собранието - значи нема да биде едноставна постапка на владина одлука, туку ќе треба да се менуваат закони. Исто така, моменталната ситуација не можеме да ја споредиме со таа во јуни, 2020, бидејќи сега, целокупното општество не слуша за вирусот првпат, туку има подготвено протоколи и правила за справување со него, како и веќе употребливите вакцини“, соопштија од Сојузот.
Тие во нивното соопштение наведуваат примери од развиените земји каде не се откажуваат испитите за учениците и изнаоѓаат решенија за тестирањата. Според нив, укинувањето на државната матура е спротивно од интересите на учениците.
„Најпрвин, македонските факултети се автономни институции и ако тие сметаат дека оценките од средношколското образование (без матурата) се недоволен показател, можат да воведат приемни испити. Приемните испити се лошо решение бидејќи средношколците се подготвуваат за државната матура четири години, а не за приемниот испит, што само би ги зголемиле стресот и напнатоста. Дополнително, приемните испити би ги фаворизирале учениците кои можат да си дозволат приватни тутори и подготовки. Исто така, државната матура е квалификација признаена во странство, а приемните испити ги признава само тој факултет што ги спроведува. Немањето на државна матура во голема мера ја елиминира можноста нашите средношколци да студираат на странските универзитети“, објаснуваат од Сојузот на средношколци.
Меѓутоа, од учениците против државната матура веќе бојкотираат настава и одржаа протест пред Министерството за образование и наука. Тие имаат започнато и онлајн петиција, а и под хаштагот „стопзадржавнаматура“ споделуваат незадоволство на социјалните мрежи.
Според одлуката на Бирото за развој на образование, јунската сесија за полагање на испитите е од 29 мај до 14 јуни. Првиот екстерен испит е задолжителен – мајчин јазик (македонски, албански или турски јазик) и литертаура, и ќе се полага на 29 мај 2021. Вториот екстерен испит е избор помеѓу странски јазик и математика. Полагањето на странскиот јазик (англиски, француски, германски или руски) е закажано за 5 јуни, а за 14 јуни е тестот за тие што ќе изберат математика. На 11 јуни, пак, ќе се полага третиот екстерен испит за кој матурантите може да избираат меѓу 10 предмети (естетика, филозофија, хемија, физика, биологија, историја, социологија, бизнис и првпат за оваа државна матура – информатика и географија).
Државната матура во македонскиот образовен систем се спроведува од 2007 година, во јунска и во августовска испитна сесија. Првпат годинава не беше реализирана поради пандемијата. Владата и МОН пролетта одлучија за генерацијата 2019/2020 да нема матурски испит и им овозможија на матурантите да се запишат на факултет со уверение за завршено средно образование.