Сојузот на средношколци вчера се изјасни дека не треба да има државна матура, туку само проектна задача. Но, денеска Министерството за образование и наука соопшти дека планот засега е државната матура да се одржи во предвидениот законски рок, односно јуни 2021 година.
Ланската учебна година заврши со настава од далечина, како последица од епидемијата на КОВИД-19. Со доцнење од еден месец започна учебната 2020/2021 година, исто така со настава на далечина за поголемиот дел ученици. Епидемијата го откажа и полагањето државна матура за матурантите од претходната учебна година.
Средношколските претставници бараат и матурантите од учебната 2020/2021 година да не полагаат државна матура. Средношколското претставничко тело во Македонија донесе одлука, односно Декларација со која бараат да биде откажана државната матура за учебната 2020/2021 година. Наведуваат дека одлуката ја донеле водејќи се од принципот на осигурување на квалитетот на наставата од далечина што е суштински дел во средното образование годинава, како и состојбата на менталното здравје на средношколците и стресот од несигурностите со пандемијата на КОВИД-19.
„Државната матура нема да биде ефективно тестирање за матурантите во оваа учебна година. Лошата состојба на наставата од далечина од март до јуни 2020 година, дополнета со скратените наставни програми поради пролонгираниот почеток на оваа учебна година, само ја отежнуваат можноста на средношколците адекватно да се подготват за матурските испити“, истакнуваат од Сојузот на средношколци, дополнувајќи дека одлуката е во консултација со средношколците ширум земјата во сите градови каде Сојузот функционира.
Според нив, испитите во државната матура „припаѓаат на едно застарено образовно решение“.
„Тестирањата, во конвенционална смисла на зборот, постепено се исфрлаат од образовните системи на развиените држави. Општоприфатениот факт дека препишувањето на испитите е широка појава само ја намалува кредибилноста на државната матура“, наведува Сојузот.
Нивниот став е дека квалитетот на образованието и благостојбата на средношколците треба да бидат „императив во носењето на вакви сеопфатни одлуки“. Според тоа, тие потенцираат дека секоја одлука поврзана со средношколците треба да се донесе со нивно вклучување.
Сојузот на средношколци ја поздрави неодамнешната одлука на Министерството за образование и наука за реформирање на проекната задача. Со таа одлука, се воведоа дополнителни четири нови форми на проектната задача, и тоа младинска иницијатива, дигитални едукативни и социјални платформи, видеоматеријали и уметничка или сценска изведба.
„Реформата ја прави проектната задача многу поинтересна и го ослободува креативниот потенцијал на секој поединечен матурант. Предлагаме проектната задача да остане дел од државната матура и во оваа учебна година“, истакнуваат од Сојузот на средношколци.
Министерството за образование и наука се изјасни дека е против оваа одлука на средношколците, со тоа што информираше дека годинава „државната матура ќе се одржи во предвидениот законски, односно јуни 2021 година“.
„Полагањето на државната матура е обврска утврдена со Законот за средно образование и се спроведува според Правилникот за полагање испити од државната матура. Учебната 2020/2021 година се одвива успешно согласно планот и програмата, а МОН во континуирана комуникација со учениците и училиштата ќе обезбеди заеднички решенија за непречено, и безбедно полагање на матурските испити“, соопшти МОН.
Од МОН потсетија на законските рокови за пријавување на проектна задача, што е до крајот на месецов, и за пријавување на испитите од листата за полагање, чиј рок е до крајот на декември.
„Истовремено, во насока на ефективно и организирано полагање на испитите од државната матура, испитните програми по сите наставни предмети ќе бидат со скратени содржини. Полагањето завршни испити од државна матура е дел од образовните системи на сите европски земји и земјите од регионот како што се Словенија, Хрватска, Црна Гора, Косово, Албанија. Во овие земји матурските испити се реализираат непречено и со почитување на сите здравстени и безбедносни протоколи, а пандемијата не беше пречка матурските испити да се организираат непречено и во континуитет“, велат од МОН.
Бидејќи државната матура е законска обврска, матурантите од учебната 2019/2020 година не полагаа согласно законска уредба која ја донесе Владата во мај годинава. Тогаш, во Македонија имаше вонредна состојба, што значи дека Владата, која е извршна власт, добива и ингеренции на законодавна власт. Со тоа, министрите на владини седници носеа уредби со кои правеа измени во законите. Во нормални услови, Собранието е законодавна власт, но тогаш Собранието беше распуштено поради изборите кои следеа во летниот период. Во актуелните услови само Собранието, кое е функционално и нема вонредна состојба, може да донесе законски измени за откажување на државната матура.
Дополнително, според законите, испитните програми ги донесува министерот на предлог на Бирото за развој на образованието. Додека, начинот на полагање и оценување на учениците се уредуваат со Концепција за државна матура, училишна матура и завршен испит во јавното средно образование. Законската Концепција ја предлага Државниот матурски одбор, а ја донесува министерот за образование.