Одбранбената политика на Северна Македонија примарно е водена од стратегијата на Скопје за членство во НАТО што придонесе за засилување на нејзиниот отпор кон руското мешање во политиката на државата. Ова стои во заклучокот од најновиот извештај на американското Министерство за одбрана за односите на Македонија, Србија, БиХ и Косово кон Русија, а во кој извештај увид имаше Радио Слободна Европа.
„Северна Македонија го избегна учеството во активности кои се поврзуваат со Русија во областа на безбедноста. Соработката на Скопје со САД е продуктивна, а со потпишувањето на Преспанскиот договор за Северна Македонија беше отворено ново поглавје“, се наведува во извештајот на американското Министерство за одбрана.
„Попречувањето“ на македонскиот референдум за името како пример
Според извештајот, во цел Западен Балкан се евидентирани „многу примери на обиди за руско влијание“, а се потенцирани неколку во Македонија и во Црна Гора.
„Постојат бројни примери на руско малигно влијание во Западен Балкан, како што беа обидот за државен удар во Црна Гора и агресивната руска кампања за дезинформирање чија цел беше попречување на референдумот за промена на името и договорот со Грција, што беше предуслов за членство во НАТО и ЕУ“, се наведува во извештајот.
Целта на Македонија е Запад
Голем дел од македонските експерти, меѓу кои и универзитетскиот професор Денко Малески, се согласуваат дека во Македонија постојат обиди за руско влијание врз политичкиот курс на државата, наспроти тврдењата од официјална Москва дека САД, НАТО и ЕУ се тие кои ја притискаат Македонија за членство.
„Уште во 1991 година Македонија ги постави своите стратешки цели – членство во НАТО и ЕУ и сите политички партии и граѓаните се обединија околу тие цели. Тоа не е ситуација која САД и Европа ја измислиле сега, во овој момент заради некакви свои интереси, туку е помагање во остварување на волјата на македонските граѓани искажана уште пред 27 години“, вели професор Малески.
Видете и ова: Чекор поблиску до НАТО, понервозна Русија
Тој смета дека влегувајќи во НАТО заедно со земјите од регионот, ние ќе ја решиме нашата безбедносна дилема.
„Од друга страна, Русија не поставува услови за нас, туку бара ситуацијата да остане таква каква што е, но се со цел да се одржи нестабилност на регионот, нестабилност од која руската држава би имала корист“, додава Малески.
Руското оружје од времето на Југославија како товар
Иако Македонија успеала да одолее на руското влијание, сепак, како што стои во извештајот, има делови каде што е евидентирана зависност на Западен Балкан од Русија, а во тој домен кај Северна Македонија е забележана нејзината зависност од руското наследство на воена опрема уште од времето кога била дел од поранешна Југославија.
„Сите држави од Западен Балкан се зависни од тоа наследство на руска опрема, освен Косово. Северна Македонија и БиХ се во процес на одрекување од тоа наследство, што е можност за САД да бидат нивни партнер“, се вели во извештајот и се додава дека соработката на Северна Македонија и САД е продуктивна.
„Потпишувањето на историскиот Преспански договор со Грција и решавањето на спорот за името отвори ново поглавје за соработка со Северна Македонија во областа на безбедноста. Откако Грција го поддржа членството на Северна Македонија во НАТО, сојузниците го потпишаа протоколот за пристап на Скопје во НАТО како 30-та членка“, стои во извештајот.
„Со доаѓањето на Вучиќ, Србија се приближи до Русија“
Покрај Македонија, извештајот се однесува и на останатите држави од Западен Балкан, од кои Србија е оценета како најпопустлива и најблиска со Русија, при што, меѓу другото, е потенцирана набавката на оружје и воена опрема од Русија.
„Пред доаѓањето на власт на Александар Вучиќ во Србија, соработката на Србија и Русија беше на многу пониско ниво“, се потенцира во извештајот, во кој акцент е ставен и врз руската стратегија на Балканот. Нејзината цел, според американското Министерство за одбрана, е да го сврти јавното мислење против НАТО и ЕУ, при што користи алатки од типот „економска помош, дипломатија, енергетска зависност и насочени кампањи за дезинформирање“.