Македонија и натаму делумно слободна и високо корумпирана

Седница на Владата на Република Македонија

Домашните аналитичари велат дека Македонија се уште не е зрела демократска држава, а тоа го покажуваат и најновите податоци од релевантни меѓународни организации според кои, државата е делумно слободна и со висок степен на корупција

Според најновиот извештај на Фридом хаус, „Слободата во светот 2019“ Македонија и натаму се наоѓа во групата делумно слободни земји. Само неколку дена претходно и извештајот за Индексот за перцепција на корупцијата во 2018 година што го објави Транспаренси Интернешнал покажа дека Македонија е на 93 место и заедно со Косово се смета за најкорумпирана земја на Балканот.

Анализирајќи ги ваквите податоци, домашната стручна јавност оценува дека решавањето на проблемот со името и фокусирањето врз тоа прашање, придонело власта да заборави на другите проблеми во општеството.

„Заради решавањето на крупните прашања кои се историски за Македонија, како што е договорот со Грција и со Бугарија како и другите отворени прашања, мислам дека луѓето од власта мислеа дека имаат поголема слобода да не прават ништо или да продолжат да го прават тоа што го правеа нивните претходници. Една личност не може да смени една пракса која датира со години, но мора да се тргне од некаде“, вели политичкиот аналитичар Џељал Незири.

И политичкиот аналитичар Никола Дујовски се согласува со оценката на релевантните организации, додавајќи дека квалитетот на животот во земјава не се подобрил, ниту кај економската ситуација, ниту во однос на демократските слободи и права или пак во сферата на корупцијата.

“Најважно е да разбереме дека борбата со претходниот режим не заврши со формирањето на новата влада. Во институциите во нашата држава се уште има многу луѓе коишто работат спротивно на интересите на владата, на министерствата, во самите министерства има многу луѓе кои работат спротивно на стратешките интереси на министерствата. И тоа е процес кој кај нас ќе потрае уште одреден период,” прогнозира Дујовски.

Според Дујовски, единствената надеж за промена на актуелните состојби е евроинтегративниот процес.

„Единствена надеж за Македонија е да почнеме што поскоро преговори за членство во ЕУ. Справувањето со овие состојби ќе може значително да се подобри дури откога во работните групи, по различните министерства навистина ќе почнат процесите на промена во општеството. Кај нас за жал, од 2017 година кога е формирана новата влада, не се почнати тие процеси“, вели Дујовски.

Во таа насока, Незири вели дека е неопходно власта да ги исчисти од своите редови оние личности кои ги продолжуваат и ги применуваат лошите навики на минатата власт.

„Оваа влада ќе мора да направи реконструкција и однапред да се исчисти од сите тие луѓе кои власта ја сфаќаат како алатка или рудник за злато, како метод за богатење преку ноќ, а потоа да пристапи кон создавање можности и амбиент за независни истраги на ЈО, судовите да постапуваат според законите и така натаму“, заклучува Незири.

Иако новата власт тврди дека „урна режим со пенкало“ и ветуваше дека ќе ги врати изгубените демократски вредности и човекови права и слободи, изминатите две години, според аналитичарите, таа потфрлила и не ги исполнила очекувањата на граѓаните.