Македонија веќе не е сама, има 29 сојузници

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Северна Македонија на иста маса со НАТО

Ова е историски чин, неколкупати нотираше генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на потпишувањето на протоколот за влез на Македонија во Алијансата. По ратификацијата на протоколот од земјите членки, Северна Македонија ќе стане 30 земја членка на НАТО.

Од денеска мојата земја е многу силна, рече министерот за надворешни работи Никола Димитров на церемонијата за потпишување на пристапниот протокол за членство во НАТО, затоа што, како што рече, силата на една земја се гледа по нејзината армија, по држењето до демократските институции, но и според тоа колку сојузници има, а Македонија денеска добива 29 сојузници. На церемонијата за потпишување на протоколот во седиштето на НАТО во Брисел, Димитров рече дека за Македонија, НАТО е преминување на линијата на безбедност и сигурност.

„НАТО за нас е семејство кое тежнее да го направи нашиот свет помирен и подобро место за живеење. Ова патување не направи позрели и со тоа што го постигнавме со нашите соседи докажавме дека може да ја преземе нашата обврска, нашата одговорност, дека можеме да се соочиме со проблемот и да го решиме“, рече Димитров.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг рече дека долго чекале земјата да им се придружи, а го нотира и придонесот на Македонија во НАТО операциите во Авганистан.

„Како процесот на ратификација ќе продолжи во главните градови на сојузниците, ние очекуваме да продолжите со реформите за да го зголемите придонесот на вашата земја во Алијансата. Од своја страна, НАТО ќе продолжи да ви пружа помош и поддршка. Од денеска вашите претставници ќе ни се придружат на оваа маса, како претставници на поканета земја на состаноците. Тоа што ќе станете 30 земја членка, ќе ви помогне да обезбедите долгорочна стабилност, суверенитет и безбедност“, рече Столтенберг.

Неколкупати генералниот секретар на Алијансата рече дека ова е историски чин. За премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев рече дека покажале стратешка важност и придонеле за регионалната стабилност и соработката.

И министерот Димитров рече дека Заев и Ципрас го поплочија патот кон, како што рече, овој историски чин, и докажале дека невозможното може да се случи. Димитров му се заблагодари и на бугарскиот премиер Бојко Борисов, кој ги охрабрил на овој пат.

По говорите на Столтенберг и на Димитров, претставниците на 29-те земји членки на Алијансата го потпишаа протоколот, а потоа тој оди на ратификација во нивните метрополи. Најавено е дека Грција тоа ќе го стори прва, во својот Парламент в петок. Откако Грција ќе го ратификува протоколот, стапуваат на сила уставните промени и Македонија и официјално ќе стане Република Северна Македонија.

Димитров на прес-конференцијата по потпишување на протоколот рече дека ќе го зголемат буџетот за одбраната и ќе се стремат кон ставката најмалку два отсто од БДП да издвојуваат на таа намена. Но и ќе водиме сметка за што ги трошиме тие пати за да бидат покорисни за нас и за нашите сојузници, рече Димитров.