Владата многу скоро ќе му најде замена на првиот човек на Управата за финансиска полиција, Арафат Мауреми, за да не трпи институцијата, велат од власта. Суспендираната шефица на Обвинителството за организиран криминал Вилма Русковска, пак, ќе ја менува обвинител кој со годишен план треба да го менува раководното лице, во случајот тоа е обвинителката Ивана Трајчева. Но и за Трајчева исто така јавниот обвинител во вторникот поведе дисциплинска постапка. Во одговор за РСЕ, јавниот обвинител Љубомир Јовески вели дека иако има постапка за Трајчева, таа може да ги врши сите надлежности на јавен обвинител. Тој додава дека додека Трајчева е на одмор, за тие денови работите ќе ги врши обвинителката Лиле Стефанова. Русковска треба сите предмети со кои е задолжена да ги предаде на Трајчева.
Видете и ова: Корупцијата и судството приоритети на новата американска амбасадоркаОд Обвинителството на Јовески велат дека ОЈО и Обвинителството за гонење на организиран криминал непречено функционираат и ќе продолжат со постапките без разлика на преземеното против обвинителките.
„Сите предмети ќе бидат времено рaспоредени кај друг надлежен јавен обвинител и по нив постапката ќе продолжи со несмален интензитет“, велат од Основното јавно обвинителство за РСЕ.
Спорот кој тлееше меѓу првите луѓе на Финансиската полиција и на Обвинителството за гонење организиран криминал, проследен со медиумско препукување, и кривични пријави, кулминираше во вторникот кога Јовески поведе дисциплинска постапка против три обвинителки, а Русковска ја суспендираше. Потоа Муареми најави дека се повлекува од функцијата. Тој против обвинителките на 8 август покрена кривични пријави за, како што, наведе, тенденциозен претрес во Управата.
Професионален товар врз обвинителките
Адвокатот и поранешен судија во Кривичниот суд, Владимир Туфегџиќ за РСЕ вели случувањата во овие две институции ќе се одразат на довербата во нив.
„Особено поради тоа што овој конфликт доби една доза на личен конфликт меѓу првите луѓе кои се задолжени за борба против корупцијата и криминалот. Во таа смисла секако ќе има сериозни последици затоа што се веќе отворени дисциплински постапки, а тоа значи јавните обвинители против кои се отворени понатаму ќе работат со еден голем притисок и професионален товар не само во овој предмет, туку и во другите започнати кривични постапки кои им се доверени во работа“, вели Туфегџиќ.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Колку долго ќе траат негативните состојби во посочените институции, кои се со нарушен углед, ќе зависи од одговорот на надлежните институции, посочува адвокатот.
„Не треба да остават ова прашање да остане нерешено. По мое мислење суштински проблем и нивото на кулминација и ескалација на овој конфликт е толку поради затајувањето на контролата и системот на хиерархија и субординација“, вели Туфегџиќ.
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, кој беше и министер за правда во претходниот владин состав, вели дека на Муареми всушност му престанал мандатот, а Владата која е задолжена за именување директор на Управата наскоро ќе назначи негов наследник за да не остане таа институција без раководител.
Од Управата за финансиска полиција велат дека мандатот како директор му истекол на 15 февруари, по што Владата го назначила за в.д директор.
Вицепремиерот вели дека додека СДСМ е на власт има завидни резултати во борбата против високата корупција, нотирајќи ги тука пресудите против поранешен премиер, двајца поранешни министри за внатрешни работи, поранешен шеф на тајна служба. Маричиќ додава дека останува на Јовески да одлучи како сега ќе се раководи Обвинителството за гонење организиран криминал, но вели дека таму пред неколку месеци имало избор на нови обвинители, па има доволно ресурси и капацитети.
Професор Темелко Ристески вели дека на посочените институции наместо највисок интерес да им биде правдата, влегоа во конфликт.
„Ако тие не се независни, не може ниту да бидат ефикасни во служба на правото и правдата“, вели тој.
Несоработката меѓу Обвинителството на Русковска и Финасиската полиција одамна лебди во воздух. Тие се „судрија“ и за случајот со бизнисменот Сеад Кочан. Муареми на брифинг со новинарите на 3 август обвини дека има лоша соработка со Обвинителството, оти многу истраги што тие ги сработеле, Русковска не ги процесирала или ги крие во фиока, а за „големите пари“ не биле ниту консултирани. Русковска, пак, во полноќно обраќање до граѓаните на 4 август, побара странска и помош од владата, но не ја доби, односно амбасадите посочија дека проблемот треба да се реши инситуционално.