Достапни линкови

Русковска бара странска помош – Како тоа се напаѓаат обвинителите кои гонат функционери?


Обвинителката Вилма Русковска и директорот на Финансиската полиција Арафат Муареми
Обвинителката Вилма Русковска и директорот на Финансиската полиција Арафат Муареми

Обвинителката Вилма Русковска бара странска и владина помош против притисоците од владиниот функционер Муареми, откако тој претходно најави кривична пријава против неа и уште две обвинителки кои минатиот месец направија претрес во Управата за финансиска полиција.

Шефицата на Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) Вилма Русковска вечерва преку писмено обраќање ги повика на помош амбасадите на САД и ЕУ, владата и јавноста од, како што го нарече, загрозувачкиот притисок од претставник на владата, односно директорот на Финансиската полиција Арафат Муареми кој е под истрага, а кој денеска се закани дека на Русковска и на две други обвинителки од обвинителството ќе им поднесе кривични пријави.

„Ги повикувам сите надлежни институции во државата, меѓутоа и сите меѓународни институции и амбасади, пред сè Амбасадата на САД и Канцеларијата на ЕУ еднаш засекогаш да се проверат сите факти и да се расчисти кој во оваа држава се бори против криминалот, а кој го прави криминалот. Исто така ја замолувам и Европската обвинителка Ковеши, доколку е во можност, да дојде и да ги провери сите предмети на ОЈО ГОКК откако јас сум на чело на Обвинителството, со посебен осврт на предметите за Драги Рашковски, Мухамед Зекири и овој најновиот за Арафат Муареми“, пишува Русковска.

Реакцијата на шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал доаѓа откако Управата за финансиска полиција најави кривична пријава против Русковска и обвинителките Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска кои го извршиле претресот во Управата на 18 минатиот месец.

„Не смее Вилма Русковска да ги руши државните институции, да создава јавен впечаток дека Финансиска полиција е корумпирана и не работи според закон, а истовремено да смета дека никој не смее да ја контролира и оценува нејзината работа“, рече првиот човек на Финансиската полиција Арафат Муареми на брифинг со новинарите.

Русковска - Зошто се напаѓаат обвинители што гонат владини функционери?

Обвинителката прашува „како тоа се напаѓаат клучните обвинители кои ги водеа случаите против Катица Јанева, Фросина Ременски, Драги Рашковски и Мухамед Зекири, а во исто време водат и повеќе предистраги за актуелни и поранешни високи владини функционери“.

„Никогаш нема две вистини, има само една“, го завршува Русковска обраќањето.

Таа вели дека во наредниот период е подготвена со јавноста да ги сподели информациите кои ОЈО ГОКК ги има за директорот на Финансиската полиција Арафат Муареми, „па јавноста нека суди кој е криминалец, а кој се бори против криминал“.

„Токму поради овој атак и притисок врз обвинители на ОЈО ГОКК треба и меѓународните институции, како и амбасадите на САД и ЕУ сериозно да преземат мерки затоа што ова најмалку доликува на членка на НАТО и земја што почнала преговори за ЕУ, каде владеењето на правото е имератив“, пишува Русковска.

Таа ги повика домашните институции да реагираат за притисоците лично кон неа и кон Обвинителството за гонење организиран криминал затоа што „во државата има криминал, но има притисоци тој да не се гони“.

„Македонија не е ниту диктатура, ниту монархија, во Македонија не смее да владее волјата на некои сегашни или пак поранешни владини функционери за обвинители да замижуваат пред кој било криминал, па и тој да е во највисоките ешалони на власта“, пишува Русковска.

За Арафат Муареми, Русковска вели дека нема да дозволи лице против кое се постапува да ѝ го валка образот, а пред јавноста ќе презентира што е откриено за да се види кој сторил криминал.

„Јас како обвинител со стаж повеќе од 34 години, во кои обвинител за организиран криминал од самото основање на Одделението за организиран криминал на ЈОРМ далечната 2004 година, нема да дозволам лице за кое се проверува постапувањето да ми го валка образот и честа кои долги години макотрпно сум ги градела. Честа, угледот, поштењето, ги имам научено од мала возраст од моите родители кои и двајцата се бореле со фашистите за денешна слободна и независна Македонија. Татко ми беше потполковник на дивизија во НОВ, закопан со бугарски куршум. Мајка ми партизанка која лежела во бугарски затвор и која се борела и на Сремскиот фронт“, го почнува Русковска обраќањето до јавноста и до амбасадите.

Муареми на брифинг со новинатите, на 3 август, рече дека претресот бил тенденциозен, со единствена цел да му се наруши угледот, да се доведат во прашање сите постапки што ги водел и води, а се со цел, како што вели, да ги заштити интересите на нејзините блиски луѓе, пријатели и соработници за кои Управата води предмети.

Од Финансиската полиција велат дека при претресот биле направени низа пропусти од страна на обвинителите. Еден од тие пропусти е што кога се прави претрес во државен орган, според Законот за кривична постапка, треба да се присутен старешината, во случајов министерот за финансии (или од него назначено лице ), велат од Управата за финансиска полиција.

Побаравме одговори и од Министерството за финансии и од Владата, оти финансиската полиција е дел од Министерството за финансии, а директорот на институцијата го поставува Владата. Ги прашавме дали се запознаени со медиумската „војна“ меѓу Муареми и Вилма Русковска и за тоа дали владата се уште има доверба во Муареми.

„Владата не коментира тековни истраги на обвинителството“, ни одговорија од Владата.

Од Финансиска полиција не се задоволни од соработката со Обвинителството за гонење организиран криминал. До нив во изминатите години, кога не чело на оваа институција е Арафат Муареми доставиле низа пријави, наредби и извештаи од ОЈО ГОК, но од Обвинителството многу случаи не процесуирале, експресно ги отфрлиле или дека предметите „ги заборавиле“ во фиока.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG