Достапни линкови

Каква разврска ќе има битката на Муареми со Русковска и Стафа


Директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми
Директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми

Првиот човек на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми и Државното правобранителство повторно си ги вкрстуваат копјата за само неколку месеци. Претходно тие меѓусебно се обвинуваа и за „Трансмет“, но и за други случаи. Муреми води битка и со Обвинителството на Вилма Русковска.

Деновиве против директорот на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми е поднесена пријава од жител на Дебар, поврзана со мислење за отуѓување на имот. И во овој случај се споменува Државното правобранителство, според пишувањата во медиумите и според информациите од финансиската полиција. Од Управата на Муареми прашуваат зошто секогаш кога ќе се чепне Државното правобранителство, тој добива кривична пријава.

РСЕ побара коментар од Државното правобранителство. Од таа институција велат дека Државното правобранителство има одлична соработка со Управата за финансиска полиција со која што има склучено и Меморандум за соработка.

Од Управата за финансиска полиција за РСЕ потврдуваат дека Муареми добил пријава од жител на Дебар. Против истиот човек Управата веќе водела предистрага за постапка. Станува збор за оттуѓување на државно земјиште со кое стопанисува државна институција - Акцинонерското друштво за станбен и деловен простор. Откако финансиска полиција почнала предистражна постапка за жителот од Дебар, со иницијали К.С, тој го пријавува Муареми до Основното јавно обвинителство, до Обвинителството за борба против организиран криминал, до премиерот Димитар Ковачевски и до министерот за финансии Фатмир Бесими.

Пријавата се однесува за легализација на објекти во Дебар. Објектите биле изградени на државно земјиште дадено на стопанисување на државна институција. Државното правобранителство, иако знаело дека имотот го користи државна институција, дало позитивно мислење да се отуѓи имотот во корист на жителот на Дебар.

Но, од Државното правобранителство посочуваат дека „од објавената преку медиумите кривична пријава се гледа дека се работи за постапка за легализација на објект во која постапка Државното правобранителство не учествува, па оттука и не може ни да биде спомнато“.

Во документ што го објавија дел медиуми, за кои тврдат дека е пријавата против Мауреми, се наведува дека подносителот на пријавата од февруари годинава бил предмет на притисоци, закани и уцени од страна на Муареми, кој ја користел моќта што му ја дава функција, за како што се вели, човекот од Дебар да се откаже од правото на легализираниот имот.

Медиумите претходно пишуваа и дека има наводи оти Муареми вршел притисок врз правни субјекти кои биле рекетирани и уценувани да исплатат „црни пари“, а за возврат институциите да не ги гонат за кривични и други дела сторени од нив.

Од Финансиската полиција велат дека Муареми ги деменатира тие наводи, а ако веќе се тврди такво нешто нека се посочат предметите и оштетените страни, а не само да се нарушува угледот на директорот и на институцијата.

Муареми, вчера, во пишана изјава до јавноста, обвини дека овие напади доаѓаат од еден ист центар, центар за којшто во Управата, но и во други институции веќе активно се водат соодветни постапки, во зависност од надлежностите на институцијата. Муареми вели дека нападите се исценирани и неосновани.

„Очекуваме ваквите напади и притисоци да продолжат и во иднина, сè додека органите на прогон работат на расчистување на неодамнешните случувања со незаконскиот претрес во нашата институција“, вели Муареми.

Муреми води битка и со Обвинителството на Вилма Русковска

Освен со Државното правобранителство, Муареми води битка со пријава и со преписки преку медиумите и со Обвинителството за борба со организиран криминал. На 18 јули Обвинителството на чело со обвинителката Вилма Русковска изврши претрес во Управата за финансиска полиција, по што тој поднесе претставка до Државното обвинителство и до Советот на обвинители. Муареми се пожали дека претресот бил незаконски, а од Советот на обвинители е побарано да се испита одговорноста на судијата кој издал упат за претрес во финансиската полиција. Од институцијата на Муареми за РСЕ велат дека не знаат за што бил претресот, ниту им било посочено што бара Обвинителството од Финансиската полиција. Од таму велат дека наредбата за претрес содржела основано сомневање, а тогаш точно се знае што се бара.

„Ако постои основано сомнение за кривично дело кое наводно го извршил директорот, е кривично дело по својата правна квалификација е веќе сторено или завршено, а Обвинителството за гонење организиран криминал со наредбата за претрес бара предмети од 2018 до денот на вршење на претресот. Доколку сакале да извршат ревизија, можело да го сторат тоа слободно, немало потреба од претрес, затоа велиме дека е незаконски“, велат од Управата за финансиска полиција.

Од Обвинителството за борба против организиран криминал не ни одговорија на прашањата поврзани со претресот во Управата и со новата кривична пријава за Муареми, па и по десетина дена од претресот останува неодговорено за какво сомневање за криминал се работи и што и кој се огрешил. Засега во јавноста познати се само меѓусебните обвинувања на првите луѓе на овие две институции.

Муареми рече дека претставката била испратена еден ден откако Обвинителството го започна претресот, а во јавноста беше обелоденета една недела подоцна. Тоа според Русковска е обид да се изврши притисок врз Обвинителството и Судот. Од Финансиската полиција велат дека претставката ја испратиле ден по претресот, но не ја објавиле во јавноста, оти им оставиле време на институциите да се изјаснат за претресот, но откако тоа не се случило ја објавиле во медиумите.

По изјавата на Русковска, повторно реагираше Муареми, кој рече дека уште кога го пишувал соопштението бил свесен дека Русковска ќе се „фати“ за „наводен притисок“ врз институциите. Тој вели дека реакцијата до надлежните органи ја направил за да си ги заштити сопствените и правата на Управата со која раководи.

Поранешната потпретседателка на СДСМ и пратеничка, професорката на факултетот за безбедност Фросина Ременски, во објава на Фејсбук пишува дека Русковска го направила претресот во Финансиската полиција поради, како што пишува „заштита на интересите на нејзината клиентела и попречување истраги за таа клиентела“.

„Мотивите и целта за претрес во просториите на ФП – (врз основа на непоткрепено со докази барање за претрес на Вилма Русковска пред судијата на претходна постапка Реџепагиќ – исто барање непоткрепено со докази за претрес во дом на Потпретседател на Собрание пред судијата Весна Димишкова) – се заради ЗАШТИТА НА ИНТЕРЕСИТЕ НА КЛИЕНТЕЛА на Вилма Русковска и свесно/намерно ПОПРЕЧУВАЊЕ НА ИСТРАГИ за таа клиентела, пишува меѓудругото Ременски.

Русковска ја обвини Ременски во случајот Меѓународен сојуз, за помагање на делот измама, но по судската постапка, таа беше прогласена за невина. Судот одлучи дека јавниот обвинител не прикажал доволно докази дека Ременски сторила кривично дело.

Пинг-понг пријави со Државното правобранителство – прва рунда

Обвинителството води друг случај против Муареми, по пријава на Државниот правобранител, Фехми Стафа. Се работи за случајот „Трансмет“. Името на Муареми се спомнуваше и во мај годинава кога Државното правобранителство, на чело со Фехми Стафа, соопшти дека поднело кривична пријава против сегашниот прв човек на Управата за финансиска полиција, за време кога бил истражител на СЈО и обвинителите кои за време на истрагата биле дел од СЈО Артан Ајро и Гаврил Бубевски.

Државното правобранителство и Муареми и обвинителите меѓусебно се обвинуваа кој е виновен што не може да му се конфискува имотот на Трансмет на бизнисменот Сеад Кочан, кој беше осуден во предметот Труст на СЈО. Кочан беше осуден поради тоа што неговата фирма Трансмет во 2011 година незаконски добила тендер за ископ на јаглен во РЕК Битола вреден 17 милиони евра.

Финансиската полиција доставила известувања за утврдени неправилности од страна на Правобранителството во постапката за стечај на фирмата на „Трансмет“ до Обвинителството, три дена пред Правобранителството да поднесе кривична пријава против Муареми и обвинителите Ајро и Бубевски.

Државниот правобранител тврдеше дека поради пропусти на јавните обвинители овој имот останал оптоварен со хипотеки и товари. Во меѓувреме Агенцијата за конфискација на имот тврди дека пресудата, односно конфискацијата на имотот, е неизвршлива. Тоа значи дека засега за државата не останало ништо за наплата од пресудата. Враќањето на украдените пари во буџетот беше еден од главните изборни адути на оваа власт на изборите во 2016 година.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG