Достапни линкови

Зошто власта, а ни опозицијата не предлагаат нови уставни судии


Ниту еден пратеник од Комисија за именување и избори не доставил предлог за нови уставни судии, вели претседателката на собраниската комисија Марија Георгиевска. Ако до декември не се изберат нови уставни судии, тоа ќе значи клуч на вратата на Уставниот суд, велат оттаму.

Указот за Преспанскиот договор, законот за јазиците и законот за социјална заштита се дел од 30- те иницијативи и предмети кои чекаат Уставниот суд да работи во полн состав за да може да бидат ставени на дневен ред за одлучување. Собраниската комисија за избори и именувања може да избере нови уставни судии, ама ниту еден од пратениците членови на комисијата не испратиле нити еден предлог за нови уставни судии па беспредметно е да се дискутира на таа тема, вели новата претседателка на Комисијата Марија Георгиевска.

Уставниот суд од почетокот на годинава работи со 5 наместо 9 судии колку што е неопходно според Уставот. Точно една година како им истече мандатот на тројца од четири испразнети места во Уставниот суд. Во мај 2021 година им завршија мандатите на тројца судии кои се и поранешни претседатели на Уставниот суд, Сали Мурати, Елена Гошева и Никола Ивановски. Во меѓувреме, во Уставен се испразни и четвртото столче бидејќи кон средината на јануари годинава заврши мандатот и на судијата Јован Јосифовски.

Георгиевска во изјава за Радио Слободна Европа вели дека имала средба со членовите на комисијата и побарала од нив да достават предлози за избор на нови уставни судии. Таа објаснува дека нема правило кои членови треба да достават предлози и вратата е отворена за членовите од сите партии да достават предлози.

„Кој било член, каков било предлог да достават, веднаш во исто време ќе биде закажана седницата, тоа е моја деловничка одговорност и јас веднаш ќе го сторам тоа. До тој момент е беспредметно да дискутирам“, вели Георгиевска.

Од друга страна пак, Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски вели дека прво е потребно владејачкото мнозинство да закажат седница со точка на дневен ред избор на уставни судии, па потоа ќе се произнесат по тоа прашање.

„Не е кај нас „топката“, кусо ни одговори Мицевски.

И додека пратениците се надмудруваат и чекаат некој прв да „повлече нога“ ризикот од политичка криза со активната блокада на Собранието и барањето за предвремени избори може Уставниот суд да го остави без уште еден член, со што ќе се блокира во целост работата на највисокиот суд во државата. Во ноември и истекува мандатот на уште една уставна судијка Вангелина Маркудова.

Кој е сега најодговорен за избор на нови уставни судии?

Изборот на нови уставни судии „заглави“ во Собранието повеќе од една година. До пред два месеци владејачкото мнозинство тврдеше дека работата на комисијата е блокирана затоа што по локалните избори дотогашниот претседател на комисијата Костадин Костадинов кој, исто не ја закажуваше седницата, стана градоначалник. Дополнителен проблем за власта беше мнозинството во Комисијата, поради пратеникот Фадил Зендели од Беса која премина во опозиција, па неколку месеци се водеа дебати дали тој треба да го задржи местото член на Комисијата.

По неколку месеци, на 3 март годинава, модифицираното мнозинство, кое беше на став дека пратеникот не треба да го зазема местото кое ѝ припаѓа на владејачката коалиција, успеа да го разреши Зендели. На истата пленарна седница на 16 март, кога Георгиевска беше избрана за претседателка, на местото на Зендели пратениците за нов член го избраа и Дарко Каевски од СДСМ.

Речиси два месеци поминаа откако и тој проблем со мнозинството се реши во корист на владеачката коалиција, но седница не е закажана, а ни официјални предлози за нови уставни судии нема.

Опозициските пратеници брифираат дека проблемот лежи во владејачката коалиција во која партиите СДСМ и ДУИ меѓусебно не можат да се договорат кои имиња да ги впишат во предлогот за нови уставни судии.

Пранешната пратеничка од ДОМ Лилјана Поповска укажува дека собранискиот Деловник остава можност и пратеници од власта и од опозицијата да иницираат седница на која ќе се дискутира за нови уставни судии. Таа објаснува дека и претседателката Георгиевска самоиницијативно може да закаже седница на која ќе да им даде рок на пратениците да достават предлози.

„Оваа ситуација најлесно се решава со колегијален договор меѓу пратениците од различни партии, на координација се договара како да се постапи и кои чекори да се преземат. По правило не е важно која постапка прва ќе оди, дали прво ќе се закаже седница па на таа седница ќе бидат предадени предлози од одредена партија, или пак ќе дадат предлози претходно што ќе се смета за иницијатива за претседателот на Комсиијата да закаже седница. Во случајов јасно е дека има политички надмудрувања кој да го направи првиот чекор“ вели Поповска.

Кацарска- Собранието како да го игнорира Уставниот суд

Од Уставниот суд на прашањето дали стравуваат дека политичката блокада во Парламентот дополнително ќе го отежни изборот на нови уставни судии велат дека нема да кометираат политички одлуки, но се надеваат дека изборот нема дополнително да се проблематизира, затоа што кај пратениците мора да проработи совеста и да го сфатат значењето на Уставниот суд, да го почитуваат Уставот кој предвидува 9 судии.

„Ако до декември не се изберат уставни судии тоа ќе значи клуч на врата за Уставниот суд, нешто што досега не се случило во историјата на демократска Република Северна Македонија“, се вели во одговорот од Уставниот суд за Радио Слободна Европа.

Поранешните уставни судии стравуваат од можна уставна криза ако наскоро не се изберат најмалку двајца нови уставни судии. Мнозинство со пет судии со кои и сега функционира Судот е несистемско мнозинство, вели поранешниот претседател на Уставниот суд Трандафил Ивановски.

„Тоа е вовед во една уставна криза и едно одговорно општество не смее да си допушти. Уставниот суд, највисоката институција во заштитата на слободите и правата од аспект на заштита на законитоста и уставноста да не може да функционира. Тоа е несериозен однос на сите субјекти во државата, пред се на одговорните субјекти, а тоа е Парламентот, тоа е Собранието на Републиката , кое знае кога се избрани тие судии и требало благовремено да делуваат“, вели Ивановски.

Во јавноста веќе извесно време се шпекулира дека на листата на предложени за уставни судии е и шефот на јавното обвинителство Љубомир Јовески, кој јавно посочи дека ако го изберат би ја прифатил позицијата. Шефицата на обвинителството за организиран криминал и корупција Вилма Рускоска рече дека нема интерес за таа функција иако мандатот и истекува во ноември годинава.

Покрај Маркудова, која на функцијата дојде во 2013 година а мандатот и истекува годинава во ноември, во составот на судии се и претседателката Кацарска, Насер Ајдари, Осман Кадриу и Дарко Костадиновски. Ајдари, Кадриу и Костадиновски, пак, беа избрани во јануари односно март 2018 година, што значи дека нивниот мандат ќе истече во 2027 година. Кацарска беше последната што му се приклучи на Уставен, нејзиниот деветгодишен мандат започна во ноември 2020 година.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG