Достапни линкови

Спасовски – Криминал има во цел свет, важно е како државата ќе одговори


Спасовски – Управата за финансиско разузнавање извести за случајот со Зекири
please wait

No media source currently available

0:00 0:15:12 0:00

Спасовски – Управата за финансиско разузнавање извести за случајот со Зекири

Кражби се случуваат насекаде, престапници и криминалци постојат насекаде, но важно е државата да има вистински одговор и оние коишто направиле кривични дела да се изведат пред лицето на правдата, вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Министре Спасовски, ви се случи грабеж на полициски магацин во Охрид. Како се дозволи полицијата да биде жртва на грабеж?

Прво, ова е прирачен полициски магацин, второ не е украдено оружје и мислам дека такви шпекулации коишто сакаат да ги употребат за дневнополитички цели не користат никому. Значи, ова е прирачен магацин којшто имаше одземени предмети коишто биле таму складирани и дел хемиски средства коишто го користел СВР Охрид. Така што воопшто не станува збор за кражба на оружје, а секако дека сите истражни дејствија се насочени кон откривање на сторителите.

Над 100 шишиња со масло од канабис и кеси со цветови од канабис беа украдени од крушевска фирма која била под стечај. Зошто е направен пропуст во чувањето на канабисот за кој е одговорна државата?

Ова не е прв случај да ни се случува од вакви објекти, од фабрики за медицински канабис да имаме изнесување или во некои од случаите кражба на опојните дроги. На тоа полицијата имаше реакции во изминатиот период. Повеќе такви акции беа спроведени и сторителите изведени пред лицето на правдата. Секако дека надлежноста во однос на обезбедувањето на објектите и чувањето си ја имаат фирмите, според сите прописи, додека надзорот од овој аспект го врши Министерството за здравство. Така што ние сме максимално посветени во делот на контролата и надзорот што е во надлежност на МВР. Овде станува збор за кражба за којашто се прибираат податоци, сè со цел сторителите да бидат пронајдени и казнети. Сите досегашни слични грабежи беа расчистени.

Како граѓаните да имаат доверба во полицијата кога од нејзини магацини се краде, а полициски службеници примаат поткуп?

Дали постојат институции во коишто не се случуваат вакви работи? Дали знаете држава во светот во која не се случуваат вакви работи? Да не создаваме погрешна перцепција во јавноста. Државниот апарат мора да биде ефикасен во борбата против корупцијата и против кривичните дела, подеднакво да одговори без разлика за кого станува збор. Тие постапки да бидат транспарентни и да бидат неселективни. Секако дека постојат низа на механизми, на мерки коишто се преземаат и впрочем поради преземањето на таквите мерки, посебно во делот на антикорупциската политиката, Република Северна Македонија се искачи на скалата во однос на борбата против корупцијата и криминалот. Тоа е доказ дека сите институции преземаат низа на мерки во делот на антикорупциските активности. Секако дека мора да работиме за да се стесни просторот, да се намали нивното на корупција и во институциите, а најважно од сè е да имаме ефикасност во откривањето на случаите. Така што, кражби се случуваат насекаде, престапници и криминалци постојат насекаде, но важно е државата да има вистински одговор и оние коишто направиле кривични дела да се изведат пред лицето на правдата.

Сомнежите за корупција не ја заобиколија ни владата. Поранешниот генерален секретар Мухамед Зекири е во притвор под сомнение за злоупотреба на службена должност. Истрагата првично ја водеше МВР, пред да заврши во Обвинителството. Како дојдовте до сознанија за случајот?

Секој обид или секоја индиција дека постои каков било криминал или висока корупција, и во државните органи, се процесуира. Така што, сите овие активности, пред сè Управата за финансиско разузнавање ги следи финансиските трансакции, веднаш каде што постои сомнеж го известува надлежното јавно обвинителство и Министерството за внатрешни работи, постапуваме по однос на овие дела. Секако и за конкретниот случај којшто го споменавте е постапувано на тој начин. Ние нашата работа професионално ќе си ја завршиме, но сепак доказите на крај треба да ги цени судот и да ги донесе одлуките.

Директорот на финансиската полиција Арафат Муареми е предмет на предистражна постапка за непостапување во истрагата во случајот Труст против бизнисменот Сеад Кочан. Очекувате ли и тој да поднесе оставка, како што направи Зекири?

Јас видов дека има доставено некаква кривична пријава, не знам дали е воопшто во предистражна постапка, поради тоа што доставувањето на кривичната пријава не значи веднаш преминување кон предистражна постапка. Јас апсолутно верувам дека нема преземено ниту едно дејствие коишто е незаконито, затоа што извршување на пресуда не може никако да биде во надлежност на директор на Управата за финансиска полиција.

Министре, првоосомничениот за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот ѝ се предаде на полицијата и се наоѓа во притвор. Тој, како што информиравте, бил пронајден на подрачјето на Аеродром. Каде се криел првоосомничениот? Му помогнал ли некој во криењето?

Сите други аспекти ги имаме во тек на активности во работењето. Кога ќе дојде момент за соопштување во јавноста секако дека ќе бидат соопштени. Уште еднаш сакам да напоменам - немојте да очекувате МВР или кој било друг орган кој води истражна постапка тоа да го прави преку медиуми.

Целото интервју со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски може да го погледнете на видеоснимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG