Јавниот долг на Македонија во изминатите 2,5 години е зголемен за над 830 милиони евра, односно за 2,8 процентни поени. На средината на 2017 година, кога дојде до промена на власта, јавниот долг бил 4,7 милијарди евра или 46,1 проценти од БДП, додека на крајот на минатата година достигнал 5,5 милијарди евра, односно 48,9 проценти од БДП-то. Власта се фали дека го ставила јавниот долг под контрола, со оглед на тоа што претходната влада драстично ја зголеми задолженоста, додека опозицијата обвинува дека власта неодговорно продолжува да ги задолжува идните генерации.
Од Министерството за финансии велат дека парите од новото задолжување кое изнесува 131, 7 милиони евра по основ на доспеани хартии од вредност, ќе се вратат во стопанството.
„По основ на доспеани хартии од вредност Министерството за финансии ќе врати 8,1 милијарда денари или 131,7 милиони евра во стопанството, по основ досепани издадени хартии од вредност. Вчера беа вратени 7 милијарди денари, додека на 8-ми, за кога нема предвидено аукција, ќе се вратат 1,1 милијарда денари. На вчерашната закажана аукција на државни хартии од вредност, понудени се хартии од вредност во износ од 8,1 милијарда денари, односно нето задолжувањето со оваа аукција е нула“, информираа од ресорното министерство.
Опозицијата пак е убедена дека парите од новото задолжување за раздолжување нема да се вратат во стопанството. Дополнителниот заменик министер во министерството за финансии, Гордана Димитриеска - Кочоска преку соопштение во јавноста наведува дека ова е лажно претставување на фактите, бидејќи парите всушност ќе се вратат на финансиските институции, односно банките.
„МФ и Владата не мислат на стопанството, да мислеа немаше данокот на добивка и понатаму да паѓа, односно стопанството и понатаму да тоне. Само од јануари до денес нето задолжувањето изнесува цели 52 милиони евра. Oва е моменталната ситуација во државата: Државата се задолжува, капиталните инвестиции се на рекордно најниско ниво, што значи имаме непродуктиви трошења“, се наведува во соопштението на Димитриеска-Кочоска.
Годинава доспева за враќање еврообврзницата од 2015 година од 270 милиони евра, но дел од таа сума беше предвремено исплатена. Дополнително во 2021 година доспева и еврообврзницата од 500 милиони евра од 2014 година, а треба да се врати и втората рата од заемот базиран на политики од Светската банка во висина од 155 милиони евра. Во меѓувреме, редовно доспеваат за враќање и домашни задолжувања.
Видете и ова: Каматите течат, парите од еврообврзницата си стојат
Универзитетскиот професор Зоран Ивановски вели дека трендот на задолжувања може да прекине само кога буџетот е во добра кондиција и кога има генерирано суфицит на приходи.
„Не може да се очекува кога буџетот не се полни согласно планираната стапка на економски раст да имаме веднаш и намалување на задолжувањето на државата. Истото треба да се реализира преку прудентна фискална политика на одреден рок како што е предвидено и со Фискалната стратегија која впрочем ја поддржаа и релевантните меѓународни финансиски институции“, вели Ивановски.
Професорот Алаудин Зекири од Тетовскиот Универзитет пак вели дека не може да се зборува за развојна компонента на економијата доколку продолжи трендот на задолжување.
„Нашето стопанство има просечна рејтинг ситуација во однос на јавниот долг. Тој тренд ќе продолжи и понатаму, бидејќи во кварталните извештаи имаме првични видувања и за вториот и третиот квартал. Показателите се дека јавниот долг се зголемува поради враќање на претходно доспеани ануитети, а тоа значи дека не може да зборуваме за развојна компонента ако тој тренд на задолжување продолжи“, вели Зекири.
Задолжувањата се тесно поврзани со каматните стапки и ова прашање треба посериозно да се отвори, смета професорот Ивановски. Според него и претходната и оваа влада користат каматни стапки кои се на слободниот финансиски пазар, а кои во моментот се поволни, односно ниски.
„Но факт е дека има и пониски каматни стапки кои ги нудат меѓународните финансиски институции, како на пример ММФ за краткорочно задолжување или Светска банка за долгорочни долгови. Но, тоа значи дека тука се губи можноста за слободна, еластична фискална политика односно за користење на позајмените средства за потреби кои самата влада ги планира, односно истите се условени од страна на кредиторите и бараат од владата рационално трошење на буџетските средства. Тоа е факт кој го избегнаа и оваа влада и претходната, односно да се однесуваат согласно барањата на доверителите што пак обезбедува поголема сигурност дека државата нема да влезе во долгорочни долговни проблеми“, вели професорот Ивановски.
Инаку, според Фискалната стратегија за периодот 2019-2021 година, јавниот долг годинава ќе се зголеми на 54,5 отсто од БДП, за во 2021 година да се намали на 53,2 отсто. Бројот на аукции на државните хартии од вредност исто така е преполовен. Каматните стапки се неколкукратно намалени, а тоа според Министерството за финансии значи дека со пониска камата се рефинансираат старите издадени државни хартии од вредност кои доспеваат.