Достапни линкови

Како и за што ќе ги дели премиерот парите од буџетот?


Архивска фотографија: Премиерот Зоран Заев и вицепремиерот Кочо Анѓушев
Архивска фотографија: Премиерот Зоран Заев и вицепремиерот Кочо Анѓушев

Премиерот Зоран Заев како министер за финансии може да влијае да се забрза протокот на пари и да се прескокнуваат административните пречки за да се забрза економијата, но тоа значи и помала контрола и можности за злоупотреби.

Преземањето на раководењето со Министерството за финансии од страна на премиерот Зоран Заев може да ѝ даде импулс на економијата на краток рок, но исто така веројатно ќе значи и намалување на дисциплината во трошењето на јавните пари, со што се оставаа простор за злоупотреби, велат дел од економските аналитичари. Други, пак, велат дека нема да се промени ништо, ни на лошо, ни на добро.

Дел од економистите со кои разговаравме велат дека во држава со авторитарни тенденции, како Македонија, работите може да се забрзаат ако наредбите доаѓаат директно од премиерот. Тоа може да влијае на побрзо отстранување на административните и процедурални бариери и на забрзување на и онака ниските капитални инвестиции, со што ќе ѝ се даде ветар во едра на економијата, но тоа е краткорочно решение, зашто за одржлив раст се потребни структурни реформи и создавање систем во кој проблемите нема да треба да се решаваат со ургенција од повисоко ниво.

Од друга страна, професор Мирољуб Шукаров вели дека со оглед на тоа што нема најава за промена на политиките, персоналните решенија нема да променат многу, ни на лошо, ни на арно.

„Политиката не е сменета, не се сменети ниту некои правила, норми, така што нема да се промени буквално ништо. За да се промени нешто треба коренито да се смени воопшто политиката, а овде нема ниту најави за некакви промени на политиката, ниту може нешто такво да се случи во нормална држава, а јас сепак сум оптимист и сметам дека нашава држава сè уште е нормална“, вели Шукаров.

Економскиот аналитичар Висар Адеми, пак, вели дека ова ќе значи намалување на дисциплината во трошењето на јавните пари и создавање простор за злоупотреби. Премиерот на овој начин целосно ја презема контролата врз јавните финансии, вели тој.

„Ни во владеењето на Никола Груевски не сме имале ваков тоталитаризам. Човек којшто ги води и политиките, и надворешната политика, и јавните финансии, мислам дека е сепак премногу, дури и за таков демократ за каков што се продава господинот Заев. Со ова господинот Заев кажува дека ќе има полиберален пристап и ќе има поголеми трошења и побрз оптек на јавните пари до компании блиски до владејачката СДСМ или до некоја лоби група во партијата“, вели Адеми.

За концентрирањето на моќта во премиерот Зоран Заев реагираа и неколку невладини организации, меѓу кои Фондацијата Отворено општество Македонија, МЦМС, Институтот за демократија Социетас цивилис, Транспаренси интернејшнал Македонија, Транспарентност Македонија, ЦЕА, Евротинк и други. Под мотото, „Да не дозволиме една заробена држава да се замени со друга“, тие укажуваат дека обврска на институциите е „да се почитува Законот, кој особено ги уредува прашањата каде што одговорноста, а со тоа и авторитетот, не смеат да бидат сконцентрирани во еден центар на моќ, туку преку контрола и баланс, одговорноста треба да се подели меѓу повеќе фактори кои заемно ќе се контролираат“.

Премиерот Зоран Заев рече дека неговата намера со преземањето на министерството е да ги носи крупните одлуки од кои бенефит ќе имаат граѓаните. Тој рече дека следуваат храбри решенија и одлуки во социјалата, земјоделството, пензиите и во платите.

Дел од аналитичарите стравуваат дека тоа ќе значи нови задолжувања и зголемување на јавниот долг, кој во изминативе две години се стабилизира и сега изнесува 5,24 милијарди евра или 46,1 отсто од БДП-тоа. Според Фискалната стратегија 2020-2022 година, наредната година се очекува долгот да надмине 6 милијарди евра, односно 52,3 отсто од БДП, по што треба да почне да се намалува. Според стратегијата, за годинава се очекува економски раст од 3,5 отсто, догодина 4,2 отсто, а во 2021 и 2022, растот да биде 5 отсто.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG