Полициски службеници лишиле од слобода дваесет годишник по извршена кражба во Шуто Оризари при што биле одземени пари и златен накит. Полициски службеници лишиле од слобода триесет и пет годишник кој бил затекнат при извршување тешка кражба во обид во фирма и бил приведен во полициска станица. Во полициска станица биле повикани двајца малолетници, поради основано сомнение дека заедно со други две малолетни лица, сите од Скопје, извршиле кривично дело "разбојничка кражба". Во близина на сендвичарница, тројца од нив физички нападнале малолетно лице, а четвртиот малолетник со употреба на сила одзел пари.
Полицискиот билтен во изминативе денови секојдневно има информации за извршени кражби, иако министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски неодамна се пофали дека годинава има намалување на таквите кривични дела.
Видете и ова: Младите во пандемијата со помалку пари и дружбаОд МВР велат дека на територијата на државата во периодот од јануари до јули годинава се регистрирани вкупно 6.630 кражби и тешка кражби, а истиот период лани регистрирани се вкупно 6.048 кривични дела од овој вид. Што значи дека годинава има благо зголемување на кражбите во однос на истиот период лани кога имаше и построги мерки како карантин за спречување на ширењето на коронавирусот. По преземени мерки и активности, како што информираат од МВР, годинава кривично се пријавени 2.294 сторители.
Статистички гледно низ бројки, кражбите низ годините постојано се движат речиси во иста линија, но ефикасноста не е на посакуваното ниво, вели поранешниот полициски началник Љубомир Ѓурчески.
„Присуството на луѓето дома заради ковид кризата е еден од факторите кој што допринесе да имаме намален дел на тој вид на кривични дела“, вели Ѓурчески.
Лани, според годишниот извештај на МВР, биле регистрирани 8753 тешки кражби. Мерки на кривичен прогон се преземени против 2499 сторители. Причинета е материјална штета која е проценета на 7,8 милиони евра.
Најголем дел од тешки кражби се евидентирани во Скопје, потоа во Битола и Штип. Тешките кражби, како што наведува извештајот, најчесто се вршат во куќи, станови и викендици, по што следат следат моторните возила.
„Намалувањето е најизразено во делот на обичните кражби, но ,сепак, посебна важност имаат и намалувањата кои се постигнати во делот на тешките кражби и разбојништвата“, се наведува во извештајот на МВР.
Во 2020 регистрирани се 3053 кражби и има намалување од над 33 отсто во однос на 2019 година. Мерки на кривичен прогон се преземени против 807 сторители. Во извештајот се наведува и дека расветлени се 3.372 дела од имотен криминал, а вкупната ефикасност во оваа област изнесува околу 25 отсто.
Видете и ова: Бизнисот со ПЦР тестови „цвета“Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски минатиот месец изјави дека има намалување на бројот на кражби во споредба со минатата година. Тоа, според него, се должи и на превентивните активности на МВР.
„Минатата, 2020 година, беше година во која покажавме многу добри резултати во повеќе области, дури имавме резултати што се најдобри во последните 30 години во повеќе видови на криминалитет. Оваа година, нашата цел е да ги подобриме уште повеќе тие резултати и што е можно криминалитетот да се намалува во некои рамки кои што би биле добри за сите нас и за граѓаните и за безбедноста. Така што максимално континуирано и посветено се работи во овој дел со цел, не само да ги спречуваме, туку и да ги откриеме сторителите и за тоа да сносат одговорност,“ рече Спасовски.
Според Ѓурчески, најголем проблем е што во изминатите години имаме зголемување на криминалот, кај убиствата и насилствата кои претставуваат предизвикување на општа опасност.
„Обемот на бруталниот, на насилниот, на организираниот криминал сега ни е зголемен, глава боли, а тој највеќе предизвикува страв и револт кај граѓаните. Ако се украде еден точак пред зграда на некој, не е некоја опасност и нема да предизвика некој револт кај граѓаните. Ама ако еднаш во неделата пред зграда имаме пукање од возила и пресметка знаете каков страв ќе имаме цела година“, додава тој.
Спасовски информираше и дека заедно со Одделот за превенција работат на тоа да им укажат на граѓаните како и на кој начин треба да ги заштитат домовите, бидејќи, како што порача, секој по малку треба да допринесе во јавната безбедност.