Ако навечер погледнете кон зградите во Скопје, посебно оние кои се наоѓаат на Водно, ќе забележите голем број станови во кои нема светло. Во Охрид пак на пример, надвор од туристичката сезона, во многу станбени блокови со по педесетина станови, светло се пали во едвај 3-4 стана. Последните податоци по новиот попис само го потврдија она што беше очигледно, дека во земјава скоро 37% или над 307 илјади станови немаат жители.
Од нив скоро 60 000 се во Скопје. Во туристичкиот Охрид пак или Берово, празни се повеќе од половината станови, во Дојран над две третини. Ама пописот покажа и дека во исто време, во изминатите 20 години бројот на станови бил зголемен за 141 031, односно за дури 20,2 проценти.
Последниве години состојбата е најалармантна во скопскиот регион, каде само лани биле издадени 1414 одобренија за градба, пред се во високоградбата, што е рекорден број во последната деценија. За да биде состојбата уште почудна, да се купи нов стан во Скопје нема „ниту за лек“, додека цените се вивнати до небо.
Никола Велковски од Групацијата за градежништво при Стопанската комора и поранешен главен градски архитект, причината за ова ја гледа во нерамномерниот регионален развој, поради што секој гледа да купи стан во Скопје. Вели дека сето ова е дополнително подгреано од стравот од инфлација, во време кога цените на становите се нереално зголемени. Ова според него е многу опасно, бидејќи станови купуваат оние кои не планираат никогаш да живеат во нив.
„Се гради во делови на Скопје каде нема никаква инфраструктура, ама ништо не им е важно. Него сега е важно само да си ги затвори парите, затоа што нема ни намера да живее тука, децата нема да му живеат тука. Дали има зеленило, спорт , паркинг, школо, градинка, него тоа не го интересира затоа што сега му е битно да купи стан“, вели Велковски.
Според него побарувачка за „празни“ станови ќе има се додека не се создадат пристојни услови за живот и во помалите места. Но предупредува дека последиците од ова последиците ќе ги гледаме низ целата држава во годините што доаѓаат. Потсетува дека становите ќе треба да се одржуваат, нема доволно кираџии, па товарот ќе падне на оние кои ќе живеат во полупразните згради.
„И сега оваа фаза е само поволна за градителите и сопствениците на градежното земјиште. Сите други сме губитници“, дециден е Велковски.
И додека бројот на станови расте, бројот на жители во последните две децении е намален за 185 834 лица, или за 9,2 проценти покажа пописот од 2021 година. Раст има во бројот на домаќинства за нешто над 6%. 207 населени места во земјава се целосно иселени.
Лидија Смиљкова, од агенцијата за недвижности „Асторија“ која работи во скопскиот регион забележува дека има многу нелогичности на пазарот на станови. Вели дека додека едни купуваат наеднаш по 4-5 станови во кои никој нема да живее, други не можат да дојдат до дом затоа што нема квалитетни станови. Открива дека клиентите сега најмногу бараат новоградби, пред се околу ценарот на Скопје, или на Водно.
„Цените се скокнати, луѓето се во еден некаков хаос, не знаат дали е сега моментот, дали цените ќе паднат, дали ќе останат вака како што се. Има дефицит на квалитетни станови за продажба, така што во некоја хаотична состојба е моментално пазарот “, вели Смиљкова.
Податоците на Народната банка пак покажаа дека и во првиот квартал на 2022 година продолжи растот на цените на становите и достигна рекордни 12,4%.
„Според расположливите податоци за вредноста на издадените одобренија за изградба на станбени згради во првиот квартал од 2022 година засега упатуваат на натамошно зголемување, на годишна основа. Од аспект на побарувачката на станови, таа и натаму е поддржана и преку кредитната активност, при натамошен двоцифрен раст на станбените кредити“, се наведува во последниот квартален извештај на Народна банка.
Од друга страна пак забележува Смиљкова, нема големи осцилации во однос на издавањето на становите.
„Тоа е чудното што цените на кириите не се качени, во однос на тоа дека цените на становите се качени. Ако некој го платил станот 70 000 и го издава 300 евра, сега треба да го плати 100 000 и да го издава повторно 300 евра“, додава таа.
Од први јануари годинава стартуваа измените во Законот на даноци кои директно ќе ги погодат оние кои имаат празни станови. Така, секој кој има стан или деловен простор кој не се користи ќе плаќа три пати повисок данок на имот. Ова се однесува и на имотот во сопственост на државата, општините и Град Скопје, но и на физичките и правните лица.
Притоа, ако станот не се користи подолго од шест месеци во текот на една година, ќе се плаќа за три пати повеќе во однос на стапките пропишана со законот. Оние пак кои нема да пријават имаат имот кој не го користат, ќе платат пет пати повисок данок. Ако сопственикот живее во станот, тогаш пак плаќа за 50% понизок данок.