Ден по завршувањето на парламентарните избори чија цел е да го оформат десеттиот парламентарен состав, аналитичарите велат дека најголемите победници на овие избори, се всушност албанските политички партии.
„Кој е победник? ДУИ е победник, или Албанците вкупно затоа што од 20 одат на околу 30 мандати. Го мобилизираа своето членство, извадија една политика која кај нив се уште држи вода, на база на национализам, на база на големи чувства и така натаму“, вели универзитетскиот професор Никола Дујовски, според кој кампањата на ДУИ предводена од идејата за Албанец премиер, не била пресудна за добриот изборен резултат на оваа партија.
„ ДУИ има 25 000 вработени во државната администрација, тие се големи послушници на партијата и едноставно мултиплицирајте го тоа со 3 или 4 и еве го изборниот резултат на ДУИ и тој ќе им се повтори и во наредните изборни циклуси. Тие имаат стабилно гласачко тело, тука јас немам никакви дилеми“, вели Дујовски.
Видете и ова: СДСМ прогласи победа - ВМРО-ДПМНЕ сака да прави влада
Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу вели дека победник на изборите ќе биде тој кој ќе го добие мандатот да формира нова Влада. Она што според него е добро во однос на успехот на албанските партии, е тоа што се покажало дека во албанскиот блок веќе има консолидирана албанска опозиција која како што вели ќе биде сериозен противник на ДУИ.
„Мислам дека двете страни кај албанските политички партии сериозно се фатија за работа. Тука мислам на ДУИ, но и Алијанса за Албанците со Алтернатива сериозно и пристапија на работата. Сигурно дека ќе извлечат и поуки од овие избори затоа пто бројот на мандати и гласачи не секогаш се совпаѓа, но мислам дека резултатот кој го добија е резултат на добро планирани предизборни активности. Да не заборавиме дека албанските политички партии беа во константна кампања од локалните избори 2017 година“, изјави Муслиу.
Видете и ова: Странски агенции: тесна победа на социјалдемократите
Иако неофицијалните податоци покажуваат победа на Коалицијата „Можеме“ предводена од Социјалдемократскиот Сојуз, поради тесната разлика во гласовите и бројот на освоени пратенички места, од коалицијата „Обнова за Македонија“ соопштија дека ВМРО-ДПМНЕвлегува во трка за состав на нова влада. Нашите соговорници очекуваат тензични преговори, непринципиелни уцени и долги пазарења.
„Јас мислам дека во ВМРО-ДПМНЕ нема победничка атмосфера, тие се свесни дека ќе им биде многу тешко да формираат влада иако генералниот секретар тоа го најави. Сметам дека малку поголема предност ќе има СДСМ и сите други кои влегоа во собранието освен ВМРО-ДПМНЕ. Ќе биде жешко лето, ќе биде многу тешко да се формира владата, ќе има непринципиелни барања, уцени итн. но едно е факт, а тоа е дека Македонија го задржува курсот кон ЕУ, тоа не би можело да се промени бидејќи балансот на силите во Собранието го говори токму тоа“, убеден е Дујовски.
Муслиу пак вели дека ќе биде тешко албанските партии да ги заобиколат СДСМ во однос на преговорите за идна влада и да коалицираат со ВМРО-ДПМНЕ.
„Овие избори не донесоа големи губитници, има само губиток на големи надежи. Јас не знам како ова ќе се рефлектира врз раководството на ВМРО-ДПМНЕ, се надевам дека нема таму да има турбуленции, зошто секогаш кога таму се случуваат турбуленции, има последици на целото општество. Треба да се навикнуваме на демократијата, која не секогаш подразбира исполнување на личните желби“, вели Муслиу.
Видете и ова: Кој ќе состави нова влада?
Стручната јавност не е изненадена од изборниот резултат на Левица која засега има два пратенички мандати, но според нив не е сигурно дали ќе ги задржат двата или ќе им остане само еден. Конечните резултати треба да покажат дали не очекува „жешко лето“ или пак коалицијата која ќе биде дел од новата влада ќе биде релативно позната.
Според последните податоци на Државната изборна комисијата од обработени скоро 94 отсто од гласовите, Коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ е во блага предност на предвремените парламентарни избори во земјава. Коалицијата предводена од СДСМ и Беса освои 36, 13 отсто од гласовите, а коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ има 34, 65 отсто од гласовите. Во албанскиот блок победник е ДУИ со 11, 57 проценти од гласовите, следува Алијансата за Албанците во коалиција со Алтернатива со 8, 79 отсто. Левица има 3,96 отсто од гласовите, ДПА 1,48, а Интегра 1,33, соопштија од ДИК. Пресметано во пратенички места СДСМ добива 46 пратеници, ВМРО-ДПМНЕ 44, ДУИ 15, АА-А 12, Левица два, ДПА еден пратеник во новиот парламентарен состав.
Излезноста на 15 минути пред затворањето на гласачките места беше 50,86 отсто.