Град Скопје, Основното јавно обвинителство, МВР, Лекарската комора и Центарот за јавно здравје се институциите во кои изминатите два дена се забележани нови случаи со Ковид-19. Со тоа се покренува прашањето дали институциите може да бидат дел од нов кластер на заразени, имајќи предвид дека имаат голем број на вработени.
Од први јуни престанаа да важат заклучоците на Владата со кои различни категории вработени лица се ослободени по различни основи, од редовно и тековно извршување на работните активности, како работа од дома, патување на работа, организирање на ротации и други слични мерки.
Иако се соочуваме со втор бран на корона вирус, поранешниот министер за здравство Ѓорѓи Оровчанец вели дека луѓето во институциите не се вратиле пребрзо на работа, туку проблемот е што не се почитуваат мерките. Тој не ја исклучува можноста од зголемување на бројката на заразени во институциите.
„Ако не се пази, се е можно. Она што може да се прави минимум да се држат до мерките. Они не се држат до нив. Дефокусирани се. Пребрзо ги напуштија мерките. Мислат дека нема веќе коронавирус. Значи онаа групација која тврди дека нема вирус она има влијание на други луѓе. Наместо да се влијае врз нив и да се казнуваат, ние се поведуваме по нивната глупост“, вели Оровчанец.
Видете и ова: Рестриктивните мерки спасија милиони луѓе од ковид-19Од Град Скопје соопштија дека изолирани се 28 вработени кои биле во најблизок контакт со лицето позитивно на кроонавирус, а направена е целосна дезинфекција на сите бироа и простории.
Основното јавно обвинителство ги испрати сите вработени дома, откако еден од вработени е позитивен на Ковид-19, а просториите се дизенфицираат.
ВИДЕО - Најважно е да не разболуваме други
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Советник од кабинетот на министерот за внатрешни работи Наќе Чулев исто така е заразен со вирусот. Чулев на Фејсбук напиша дека советникот последен пат бил на работа на 2 јуни, а тестот го направил 4 дена подоцна, односно на 6 месецов. Досега ниту едно лице од Кабинетот на министерот не е во изолација. Пред некој ден Чулев информираше дека позитивен на болеста е и вработен во Одделот за информатика и телекомуникации при МВР.
Двајца вработени во Лекарска комора кои се и брачен пар се заразиле на свадба минатиот месец. Направени се тестови на другите вработени во Лекарска комора и тие се негативни.
Според Оровчанец, единствен начин за превенција се токму мерките.
„Апсолутно да ги почитуваат мерките. Што помалку контакти. Физичка дистанца најмалку метар и пол, два, како и заштитни маски и често миење на раце и хигиена. Да не се групираат на кафе. Ќе се соберат десет души и пијат кафе“, додава Оровчанец.
И министерот за здравство Венко Филипче изјави дека вториот пик е резултат на непочитувањето на мерките за заштита и апелираше сите да се придржуваат кон нив.
“Успешно се справивме со првиот бран, верувам дека и овој пат ќе донесеме правилни одлуки и побрзо ќе го спречиме ширењето на вирусот,” напиша Филипче на Фејсбук.
Владата донесе одлука да се воведат засилени контроли и мониторинг во таргетирани подрачја каде што е регистриран поголем број на новозаразени граѓани на Ковид 19.
Позитивен на коронавирус е потпретседателот на СДСМ, Мухамед Зекири и директорката на УЈП, Сања Лукаревска, е поради средби со нив, во домашна самоизолација беа неколку министри и високи функционери на владејачката партија.
Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски минатиот месец соопшти дека едно лице од неговото обезбедување е заразено со Ковид- 19. Десетина полицајци истиот месец, исто така, беа позитивни на болеста, а нивни колеги во самоизолација.