Одржувањето на физичко растојание од еден метар или повеќе, носењето на заштитна маска како и заштита за очите се најдобриот начин за заштита од заразување со Ковид-19.
Ова го покажува споредбената анализа на 172 истражувања спроведени во 16 земји која е објавена во магазинот за медицина Лансет, а финансирана од Светската здравствена организација.
Без строго утврдена терапија како и вакцина за третирање на Ковид-19, овие мерки за намалување на опасноста од заразување беа применети во речиси сите земји во светот.
„Ризикот од заболување во голема мера зависи од растојание помеѓу здраво и заболено лице и видот на маска за уста и нос како и за заштита на очите кои се носат. Моменталните препораки за одржување на најмалку 1 метар растојание имаат големо ниво на заштита, а растојанието од 2 метри има уште поголем ефект“, се наведува во истражувањето.
Доказите покажуваат дека одржувањето на физичко растојание, употребата на заштитна опрема за лицето значително го намалуваат ширењето на вирусот, но тие исто така мора да се практикуваат и во комбинација со другите мерки за заштита како на пример одржувањето на хигиена и често миење на рацете.
„Луѓето мора да сфатат дека носењето на заштитна маска не е алтернатива за одржувањето на физичко растојание или одржување на основна лична хигиена“, вели Дерик Чу, професор на универзитетот МекМастер од Канада кој го водел истражувањето, пренесува Ројтерс.
Како што е познато, примарното пренесување на коронавирусот е преку капки кои се пренесуваат во воздухот кога заразено лице кашла, кива, зборува па дури и при дишење. Покрај тоа, вирусот се пренесува и преку контакт со контаминирана површина и потоа допирање на лицето, устата очите и носот.
Носењето маска заштитува повеќе отколку неносењето
Немањето на единствен став за тоа дали маските заштитуваат од вирусот, дали треба да ги носат само болните или и здравите лица има повеќе причини, вели Холгар Шунеман професор на Мек Мастер Универзитетот, коавтор на истражувањето.
„Има многу истражувања на оваа тема. Некои се добро сработени, други не толку добро. Честопати е многу тешко да се систематизираат сите истражувања кои постојат. Она што се случува понатаму е што луѓето се потпираат на некои истражувања кои ги потврдуваат нивните однапред заземени ставови наместо да се земат предвид сите податоци кои се достапни и да се обидеме на непристрасен начин да ги систематизираме“, вели Шунеман.
Точно е дека нема многу сериозни и долгорочни истражувања за употребата на различните видови маски, обичните медицински, маските со филтер N95, текстилните маски и слично, но ние се обидовме да ги собереме сите релевантни истражувања и да презентираме сеопфатен одговор на тоа кои маски колку заштитуваат, појаснува тој.
„N95 маските заштитуваат до 96 проценти, додека обичните хируршки маски штитат до 77%“, се наведува во анализата.
Авторите потенцираат дека иако постојат докази дека употребата на маски има поголем ефект за заштита на здравствените работници, истото во голема мера се однесува и за употребата на маски и меѓу луѓето надвор од здравствениот систем.
„Луѓето кои користат маски направени дома треба да ги следат советите од официјални извори. Врз основа на резултатите кои ги добивме од истражувањето, да, носењето маска при контакт со други лица ќе ве заштити повеќе отколку да не носите никаква маска воопшто“, потенцира Шунеман.
Тој советува да се користат повеќе слоеви на ткаенина при изработка на маски наместо маска од еден или два слоја бидејќи со тоа се зголемува заштитата.
Истражувањето допира и друг глобален проблем, а тоа е ограничениот пристап и за медицинските лица и за јавноста до маските со најголем ефект, тоа се маските со филтер N95.
„Со оглед на моменталната состојба, оние кои ги креираат политиките за употребата на маски мора да го имаат предвид и фактот дека постои недостаток на производство на маски со филтер и како да се определи каде ќе бидат тие дистрибуирани според големината на ризикот. Веќе постои дискусија како да се направи реорганизација на производството и дистибуцијата на овие поефективни заштитни маски“, вели Чу.
Поголемо физичко растојание, подобра заштита
Заедничкото за сите истражувања кои ги разгледувавме, а поврзани со одржувањето на физичко растојание, вели Чу е дека кај сите постои согласност дека ризикот од заболување е помал при растојание од еден метар. Ризикот уште повеќе се намалува со зголемување на растојанието.
„Одржувањето на физичко растојание од најмалку два метри, кога е можно, може да има одредено влијание и за тоа како дефинираме што значи близок контакт и како да спроведеме ефективно следење на контактите на заболеното лице“, вели Чу.
„Ние препорачуваме дека одржувањето на растојание од два метри може да биде поефективно од растојанието од еден метар. Тоа значи, доколку се применува ваква мерка, многу посоодветно е таа да биде дефинирана на два метри“, вели Шунеман.
Сите проценки изнесени во анализата треба да бидат основа за креирањето и планирањето на мерки за одговор при пандемија, велат авторите.
Подготви Марија Севриева