Корона парадокс – Зголемени платите на текстилците, намалени на фармацевтите

Илустрација: Работнички во текстилна фабрика

Платите во угостителството и туризмот во јуни годинава биле за 25 отсто поголеми отколку во истиот месец минатата година. Во исто време, платите во фармацевтската индустрија се намалени за 8,2 отсто, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Упатените велат дека нема реален раст, туку има отпуштање на вработените со најниски примања.

Зголемувањето на просечната плата во ек на најголемата економска криза е нелогично и веројатно се должи на статистичка еквилибристика. Не може економијата да паднала за над 4 отсто, а платите да се зголемиле за над 7 отсто, велат упатените.

Видете и ова: Економијата заздравува, но нема нови вработувања

Државниот завод за статистика објави дека просечната плата во земјава во јуни била 28.744 денари, што е за 7 отсто повеќе од јуни минатата година. Раст има во речиси сите сектори, но тој е најизразен во секторите: Објекти за сместување и сервисни дејности со храна каде што платата пораснала за 25,1 отсто, Уметност, забава и рекреација со раст од 20,5 отсто и Информации и комуникации со 14,1 отсто.

Претседателот на Организацијата на работодавачи Ангел Димитров вели дека нема покачување, туку зголемувањето на просечната плата се должи на отпуштањето на вработените со најниски плати.

„Тоа се случи дури и кај нас во компанијата. Ние имавме една одлука за прогласување технолошки вишок, односно отказ од деловни причини, и нормално е, според критериумите, оние најнеуспешните, најлошите работници да заминат. Веднаш наредниот месец просечната плата во фабриката се зголеми за 7 отсто. Тоа се случува и на ниво на државата“, вели Димитров.

Просечната плата се пресметува така што се собираат сите плати и се делат со бројот на вработени. На пример, ако има тројца вработени, од кои едниот со плата од 55 илјади денари, другиот со 35, а третиот со плата од 15 илјади денари, тогаш нивната просечна плата е 35 илјади денари. Но, ако вработениот со плата од 15 илјади денари ја изгуби работата, тогаш остануваат двајца вработени со плати од 35 и 55 илјади денари, и нивната просечна плата е 45 илјади денари, односно 10 илјади денари повисока до претходно.

Според Државниот завод за статистика, во првиот квартал лани, пред да почне пандемијата на коронавирус, во Македонија имало 811 илјади вработени, а годинава има 18 илјади вработени помалку, односно намалување од над два проценти.

Паѓа во очи што во изминатата година најголемо покачување на платите има во секторите угостителство и туризам, кој беше еден од најпогодените од корона-кризата, додека на пример во фармацевтската индустрија, на која сосема добро ѝ оди во пандемијата, има намалување на просечните плати.

Видете и ова: „Предизборен поткуп“ гледан од позиција на власт или од опозиција

„Еден угостител, кој да речеме имал 10 келнери, отпуштил пет, останале петтемина најдобри коишто имаат и на највисока плата. Додека во фармацијата веројатно имаат нови инвестиции, нови вработувања на млади и неискусни луѓе со пониски плати и затоа просекот е таков, а не верувам дека се намалени платите на тие што од претходно биле вработени во фармацијата“, вели Димитров.

Претседателот на Бизнис-конфедерацијата на Македонија Миле Бошков вели дека e очигледно дека има намалена економска активност и се согласува дека растот на просечната плата во голема мера се должи отпуштањето на луѓе со ниски примања.

„Сите сме свесни, а некако и природно научени дека нешто што паѓа никако не може да даде позитивен ефект, освен во статистичките податоци за македонската економија“, вели Бошков.

Македонската економијата минатата година доживеа пад од 4,2 отсто поради пандемијата на коронавирус, многу фирми пропаднаа, а илјадници луѓе останаа без работа. Владата за годинава заздравување на економијата и економски раст од 4,1 отсто.