Економијата, силно погодена од пандемијата со ковид-19, годинава ќе забележи раст, но не може со сигурност да се каже дали ќе има нови вработувања, оти фирмите не се доволно закрепнати за да може да отворат нови работни места.
Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека годинава е намален и бројот на вработени и бројот на невработени во однос на лани, односно дека има намалување на активното население.
Во првото тримесечје годинава имало за 18 илјади помалку вработени отколку во првото тримесечје лани, пред да почне пандемијата. Бројот на невработени, пак, е намален за 6 илјади. Во првиот квартал од годинава имало 793 илјади вработени и 150 илјади невработени. Стапката на невработеност е 16 проценти.
Во првиот квартал од годинава се покажа дека вработеноста е многу повеќе погодена од вкупната економска активност, вели Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за економија. Во најновиот извештај за економските проекции за земјите од Источна Европа, во 23-те опфатени земји, кај половина беше забележан економски раст, кај половина имаше пад, но ако ја гледате вработеноста, во 90 отсто од економиите има намалување на вработеноста, односно во 90 отсто од економиите многу луѓе останаа на улица, вели Јовановиќ за РСЕ.
„Сè уште не е почнат оној процес на враќање на луѓето на работа. Сите оние фирми кои отпуштија луѓе за време на кризата сè уште не почнале со враќање на тие вработени. БДП-то почна да расте, економиите почнаа да работат, но работат со истиот број вработени кои ги имаа лани, не почнаа со нови вработувања“, вели Јовановиќ.
Тој додава дека не се знае дали оваа криза ќе направи поголеми штети врз вработеноста или, пак, состојбата ќе се врати во нормала како пред кризата.
„Треба да се види што ќе се случува во наредните месеци, но не би било чудно да имаме феномен што економистите го викаат jobless recovery или jobless growth, односно економски раст што не генерира вработувања. Такво нешто се случувало и во минатото, конкретно по кризата во 2007-2008 година, имаше такво нешто, имаше економски раст, а немаше раст на вработеноста. Тоа обично се случува кога државите, односно централните банки пумпаат пари во економијата, се генерира економски раст на тој начин, но нема вработувања на луѓе. Такво нешто може да се случи по оваа криза, особено ако има технолошки напредок, дигитализација, автоматизација, заменување на луѓето со автомати и роботи“, вели Јовановиќ и додава дека владите треба да следат што ќе се случува и ако е потребно да има реформи во социјалниот систем.
Туризмот и угостителството беа една од гранките најпогодени од пандемијата со ковид-19. Поради рестрикциите, овие бизниси долг период не работеа или пак работеа со рестрикции. На компаниите од угостителството и туризмот сега им недостигаат 50 проценти од потребниот кадар, пред сè келнери, рецепционери, готвачи и помошници готвачи, покажуваат резултатите од интерната анкета на Синдикатот на угостителство и туризам (СУТКОЗ). Голем дел од вработените во овие сектори работа си побарале на друго место.
Бизнисменот Бејто Морина, сопственик на ланец хотели, вели дека новите мутации на коронавирусот ги пореметија очекувањата дека се наѕира крајот на кризата.
„Се надевавме дека ќе има напредок, ќе има просперитет, ќе се ослободиме од тие стеги, но вирусот мутира и веројатно лошо ќе се одрази врз работата и економијата“, вели Морина.
Во својот бизнис, додава тој, забележал минимално подобрување годинава.
„Тоа е некое подобрување од 10 до 20 отсто, не е некое екстремно подобрување, не е да кажеме дека се враќаме во нормала, но и тоа минимално подобрување ни влева надеж дека можеме да испливаме од оваа слепа улица“, вели тој.
Минатата година падот на економијата беше 4,2 отсто, а за годинава владата очекува раст од 4,1 проценти.
Во следните пет години државата планира да ја преполови невработеноста од сегашните околу 16 проценти на 8,6 отсто во 2026 година, а планираат да ја зголемат вработеноста од сегашните 47 на над 54 проценти. Европскиот просек на невработеност, пак, изнесува околу 6 проценти.
Сепак, новите ковид-рестрикции и лошата состојба на европскиот пазар дополнително влијаат врз состојбите во земјава, затоа што македонската економија е зависна од европската.