Тетово е единствениот град во земјава кој нема градски парк, алармираат од Иницијативата „Тетово сака парк“. Шеесетина ентузијасти, од различни возрасти и професии, голем дел од нив јавни личности, изработија целосен проект за формирање источна зелена капија, во градот кој западно се граничи со Шар Планина. Ама чистиот воздух од Шара не успева да се пробие кон центарот на Градот кој е затрупан во бетон, гужви и сообраќаен метеж.
„Урбанистичкото планирање е сведено на една постапка која се тера по инерција. Овде гледаме само дека практично се цртаат површини за нови згради, се занемаруваат тие отворени простори. Градот станува се поизграден без ред, се затвораат јавните простори, се бетонираат тие зелени паркчиња што се преостанати, така што апсолутно сметаме дека животот во Тетово од тој аспект назадува“, вели младиот архитект Бошко Видоески, кој е дел од иницијативата „Тетово сака парк“.
Нивниот план се простира на 16 хектари, простор кој е доминантно државно земјиште со 87% и сега е запуштен. Два од четирите блока и според урбанистичките планови имаат намена „Д“, што значи простор за спорт и рекреација, но на другите два се планираат згради и објекти од лесната индустрија. Затоа сега целта на активистите е прво да се стави суспензија на актуелните урбанистички планови и да се убедат општинските власти паркот им е многу попотребен на граѓаните од бетонот.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Педесетина километри кон исток, на влезот во главниот град уште една иницијатива се бори за зеленило. Во скопско Влае, населба во рамките на општина Карпош, граѓаните излегоа на протести против плановите за изградба на згради среде јавните простори. Јадранка Плетикоса, која спас од гужвите во Дебар маало нашла во зеленилото на Влае, сега повторно е загрижена. Бетонот му се заканува на зелениот парк и детското игралиште кон кое гледа од нејзиниот дом.
Борба за паркови и во Скопје
Вели дека не се разбира во ДУП-ови и урбанистички планови, ама деновиве за првпат отишла на јавна презентација за да дознае со какви објекти општината ќе го уништува нејзиниот мир.
„Беа ставени само два листа хартија, испринтани, на оградата на игралиштето кои што воопшто не можеш да ги видиш ниту да разбереш што има на нив доколку не си ептен стручно лице. Но ете, со прашања, потпрашања дојдовме до заклучок. И сето тоа на луѓето не им се допадна што беше покажано. Сите овие игралишта особено во ова време на корона, покажаа дека на луѓето им се потребни отворени простори, не може ние сите да седиме постојано затворени во нашите станови, во нашите собички со нашите компјутери, и телевизори“, вели Плетикоса.
Додава дека на јавната презентација дознала оти на просторот на киното Влае ќе може да се гради зграда висока до 11 ката. Дека ќе има објект и на зеленилото пред нејзината зграда. На неодамна направеното инклузивно игралиште во Влае пак ќе треба никне верски објект.
„Значи тоа само што беше уредено, само што направија игралиште , го средија, парцијално е финансирано од страна на општината и сега ти земаш и тоа го бришеш и тука ставаш верски објект. Има црква во близина, ама инклузивно игралиште не постои, ова е единствено“, вели таа разочарана што во градот има се повеќе бетон, а се помалку воздух.
Општините зависни од издавање градежни дозволи
Општините повеќе ќар имаат од давање дозволи за згради, одошто од создавање паркови, бидејќи комуналиите за градба носат многу пари. Ова е огромна грешка, вели архитектката Даница Павловска - Циги.
„Тоа е политика на користољубие и лошо усмерена политика кон извлекување на профит од којшто живее самата управа, општината во случајов затоа што таа урбанистички суверенитет има на својата територија. Таа е таа што одлучува што и како ќе се гради или ќе се озелени. Ако се смени тој однос кон слободните површините кои се зелени тогаш и нема да се гради на нив“, вели архитектката.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Оваа зависност е толку голема, што во повеќе наврати беше алармирано дека е неопходна промена на начинот на финансирање на општините. Душица Перишиќ, од ЗЕЛС вели дека ако општините не издаваат градежни дозволи за кои се наплаќаат високи комуналии, тогаш ќе нема и пари за развој на општините.
„Тие средства кои се популарно наречени комунална такса, значат голем придонес, особено за општините кои се во рамки на градот Скопје, затоа што тука се и најголеми тие приходи. И носат во суштина развој на локалната самоуправа. Се што е направено во Град Скопје, направено е со тие средства, бидејќи други средства не постојат“, децидна е Перишиќ.
Видете и ова: Инвеститорите секогаш победници во “играта“ за лукративна урбанизацијаНо свесна е дека издавањето дозволи за градба не може да оди до недоглед бидејќи се помалку има неизградени парцели. Што потоа?, прашува таа.
За да биде состојбата уште полоша, општините тонат во долгови, а дел од нив се толку заглавени со енергетската криза па не успеваат да си ги платат ни сметките за струја. Перишиќ вели дека сега тие „ќе крпат“ со помош на издадените дозволи за градба и комуналиите од нив.
А бројот на издадени дозволи за градба расте, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика. За 2021 година, кога се бираа и новите локални власти, во скопскиот регион се издадени рекорден број одобренија за градба во последната деценија, вкупно 1414. И тетовско, односно Полошкиот регион лани срушил рекорд со 675 издадени одобренија.
Според Перишиќ, неопходно е продолжувањето на процесот на децентрализација, со давање нови надлежности и нови финансиски средства за развој на општините. Но пандемијата и енергетската криза ги запреа овие процеси. Едно од можните решенијата е општините да го зголемат данокот, ама не верува дека тоа ќе се случи.
„Тоа е многу непопуларна мерка и сите градоначалници кои јас сум ги запознала во последните 21 година не се љубители на такви мерки каде што би ги оптовариле своите граѓани со зголемени стапки на данок на имот, затоа што мислат дека тоа е непопуларна мерка“, искрена е Перишиќ.
И архитектката Павловска вели дека мора да се бараат нови решенија. Вели дека планерите ја имаат таа можност да претворат во парк и нешто што веќе изградено. Ама, додава, за тоа требаат средства, и уште поважно, силна политичка волја.
Зеленилото да не биде нужно зло
Мишко Ралев, претседателот на Асоцијацијата на архитекти на Македонија вели дека зеленилото во градовите мора да се третира како составен дел на изградената средина. Свесен е дека е потребно повеќе зеленило во градовите, но и дека општините живеат од давање градежни дозволи. Затоа смета дека мора да се најде баланс. При дооформувањето парцели, вели дека “секогаш државното земјиште е монета за поткусурување“, па оди во неповрат.
„Генерално секогаш се забележуваат просторите коишто се градени во едно друго време кога беше државна сопственост, и тука ќе видите и правилно растојание меѓу објекти, пополнет простор со зеленило, додека онаму каде што веќе немате зеленило каде што е се изградено, или „бетонизирано“ е тоа веќе на никого не му се допаѓа“, вели Ралев.
Со Законот за урбано зеленило донесен на почетокот на 2018 година беше поставена обврската при изработка на проектите да се обезбеди најмалку 20 % зеленило на секоја градежна парцела. Сепак, за градежните парцели кои се наоѓаат во градски подрачја каде што нема простор за обезбедување на овој процент, се дозволи компензација со поставување дрвореди и зеленило во жардињери, на кровни тераси и фасади. Со истиот Закон беше пропишано дека во процесот на урбанистичко планирање, при изработка на Генералниот урбанистички план, потребно е да се обезбеди 25 м2 зеленило по жител во рамките на планскиот опфат на градот.
Скопје на пример, според податоците на ЈП „Паркови и зеленило“ има нешто над 5 милиони метри квадратни градско зеленило, или 9,6 квадрати по жител според последниот попис од 2021 година. Ова е 2,5 пати помалку од потребните 25 квадрати. Во овие податоци е изоставено вонградското зеленило односно Паркот во Сарај, Гази Баба и Водно.
Градското јадро на Тетово, пак, како што објавија од иницијативата „Тетово сака парк“ има прескромни 0,2 квадрати зеленило по жител.
Ралев излез од состојбите гледа во зголемувањето на процентот на зеленило во законската регулатива, но не како „алиби“ за градба.
„Да се сфати дека зеленилото не е нужно зло, туку е нужно добро. И затоа процентите да ги читаме правилно, а не да ги задоволуваме по некакви ивици или маргини на изградениот простор“, дециден е архитектот.
Неговиот многу помлад колега од „Тетово сака парк“, архитектот Видоески, смета дека мора да им се застане на патот на приватниот капитал и „апетитите на незаузданите приватни инвеститори“.
„Тетово е дојдено до точка во која до таа мера е подриено јавното добро, да веќе ваквите иницијативи со коишто ние се бориме практично со здрав разум, на многумина им делуваат утопистички или нереални за изведба“, вели тој.
Од Општина Тетово за РСЕ велат дека се запознаени со иницијативата за парк, но проблем се парите.
„Се работи за сериозен проект, кој предвидува да се опфати доста голем простор од неколку урбани блокови, но и бара огромни финансиски средства. Финансиите, поради наследениот милионски долг на општината, се еден од проблемите. Тука се и имотно правните односи и проблемите околу експропријација на одредени места. Најважно е што иницијативата има поддршка и од општината и од советниците во Советот, кои остварија и средба со претставници на „Тетово сака парк”, но тука се и бројните пречки и проблеми“, велат од Општина Тетово.
Сепак додаваат дека приоритет им е зеленилото, а средбите меѓу советниците и претставници на иницијативата ќе продолжат и во иднина.
Од Општина Карпош пак велат дека се водат од урбанистичките планови, а според ГУП-от просторот кај кино Влае бил наменет за колективно домување. Додаваат дека верскиот објект, односно црквата на локацијата кај инклузивното детско игралиште била ставена на барање на жители на Влае и на МПЦ, а постоела и во претходниот урбанистички план.
„Во однос на обвинувањата дека на место на отворено детско игралиште ќе се
градело сала или друг објект – тоа се обични лаги и невистини. Категорично ги
отфрламе тие шпекулации. Здравата животна околина е еден од нашите приоритети“, велат од општината од каде додаваат дека зеленилото по жител во Карпош изнесува 11,2% на метар квадратен, а светските стандарди се 9 квадрати по жител.
Многу протести, малку успеси
Додека граѓаните и активистите бараат воздух, парцелите забрзано се градат. Така, последен во низата е случајот кога државата за 7 евра приватизираше земјиште спроти НИП Нова Македонија кое го купи фирмата ЗСФ КОМ на бизнисменот Фатмир Етеми. Истиот бизнисмен има земјиште и среде паркот близу школото Ѓорѓија Пулевски во Аеродром, а јавноста го памети и како инвеститор на зградата кај Мајчин дом во истата населба, на што претходеа протести од локалците за зачувување на зелениот простор.
Планови за згради има и на просторот кај поранешната фабрика за мебел Треска, но и во празниот простор кај Расадник во Кисела Вода. И овде граѓаните стравуваат дека со изградба на десетици згради, ќе се уништи раатот на луѓето кои живеат во околината. Силен притисок имаше и за изградбата на вискокатници на паркингот кај „Холидеј ин“, ама и таму веќе се ископани темелите за нова зграда. Со планот се предвидени 3, од 16, 20 и 22 ката.
Случаите пак кога власта попуштила под притисокот на јавноста се бројат на прсти.
Така, во деведесетите, жителите на улицата „Бојмија“ во Аеродром, во непосредна близина на Железничката станица, успеаја да си го зачуваат паркот пред четирите кули, каде требаше да никне зграда. Жителите се потсетуваат дека иако имало ископано дупка, тие протестираа и ги рушеа тарабите се додека општината не одлучи да додели нова локација за восококатницата, местото до ден денеска да остане уреден парк со фонтана и игралишта.
Во Карпош пак, на улицата „Букурешка“, пред шест години среде парк требаше да се гради петкатница. И таму се беше „по правила и прописи“, но протестите на граѓаните вродија со плод, па место зграда, од општината во 2017 година најавија изградба на парк.
Според проекциите на Обединетите Нации до 2050 година скоро 70% од светското население ќе живее во урбаните области. Ова дополнително ја потврдува потребата од реобмислување на градовите. Затоа мора да расте свесноста за потребата од зеленилото и слободните простори, согласни се архитектите.