Додека Националниот парк Маврово е под притисок од забрзана урбанизација, активисти, професори и образовни институции бараат Владата да запре уште еден од планираните хидроенергетски прокти за кои сметаат дека ќе ја уништат природата во заштитеното подрачје.
Станува збор за малата хидроелектрана „Рибничка 7“, за која Владата во 2015 година склучи договор со инвеститорот Актуел-ЕНЕРЏИ ГРУП ДОО Скопје.
Според договорот, изградбата на оваа мала хидроелектрана е планирана да биде на неколку точки во недопрената природа на Маврово. Зафати се планирани на реката Изворска, на Порој и на Бабеш над селото Тануше, како и во долината Дагон која влегува во предложената зона за строга заштита на паркот. Целиот регион е во недопрени шумски појаси и плансински реки кои се примарни живеалишта во Националниот парк Маврово.
Малите хидроцентрали се субвенционирани од граѓаните преку сметките за струја, а реакциите на екологистите се дека при нивната изградба се прават огромни штети врз реките: со копањето на багерите во коритата, нивното пресушување и заробување со поставувањето на браните, со што се загрозуваат живеалиштата, дивиот свет и крајречната вегетација.
„Овие проекти, во комбинација со се повеќе засилената урбанизација во Маврово, се огромни закани за вредностите со кои располага националниот парк и за кои веќе со години предупредуваат експертите на Бернската Конвенција и даваат конкретни препораки како би запрело уништувањето на паркот“, вели Ања Јованова од еколошкото здружение на граѓани „Фронт 21/42“.
Суспендирање на сите одобрени концесии
Граѓанската организација „Фронт 21/42“ е меѓу 37-те организации, факултети и професори кои пред неколку дена упатија барање од Владата да не го продолжува Договорот за изградба на малата хидроцентрала „Рибничка 7“, бидејќи, како што наведуваат, рокот за изградбата и почетокот на работењето на оваа мала хидроцентрала истекува на 7 мај оваа година. Тие велат дека доколку не биде испочитуван овој рок, Владата има право да го раскине договорот.
Четири мали хидроелектрани досега се изградени во НП Маврово откако Владата од 2010 година наваму планираше да одобри вкупно 20 мали нископроизводни хидроенергетски проекти.
Организациите ја потсетуваат Владата дека откажувањето на малите хидроелектрани во НП Маврово е Препорака која Бернската Конвенција ја дава уште во 2015 година, а во декемврми 2021 година повторно прецизира дека од Македонија се бара да ги суспендира и откаже сите одобрени концесии за мали хидроцентрали на територијата на НП Маврово и да спроведе забрана на големи средни и мали хидроцентрали во националните паркови, во подрачјата на светското наследство и во другите заштитени подрачја.
Радио Слободна Европа побара информации од Владата, но оттаму не упатија одговор да побараме од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) како ресорна институција.
Според информации кои ги добивме, МЖСПП ја информирало Владата дека концесионерот поднел барање за продолжување на рокот за изградба на малата хидроелектрана „Рибничка 7“ заради неможност за реализација на изградбата по вина на институции.
Од Министерството велат дека концесионерот поднел барање за продолжување на рокот и дека Министерството ја разгледува документацијата според која, како што наведуваат, „не може да се констатира прекршување на одредбите од договорот по вина по вина на концесионерот заради кои би се раскинал договорот без притоа да има фискални импликации по буџетот.
„Треба да се има предвид дека кон реализација на градежни активности нема да се пристапи без притоа да се исполнат сите услови за тоа. Впрочем од тие причини досега не е започнато со изградба, и покрај тоа што Концесионерот обезбедил дозвола за градење и го исполнил своите обврски спрема НП Маврово. Информацијата се уште не е на дневен ред на Седница на Владата на РСМ, но штом ќе се најде ќе биде расправано по неа и јавноста ќе биде информирана“, велат од Владата.
И натаму нема репрогласување на НП Маврово
И покрај препораките на Бернската Конвенција, во Маврово во изминативе години забрзано никнуваат бројни проекти кои ги загрозуваат неговите природни вредности. Освен малите хидроелектрани кои дел се веќе изградени, а дел планирани, Маврово се соочува со загадување на почвите и водите со отпад, со нелегалната сеча на шумите и со несоодветно изградени објекти.
„Ваквите деградирачки активности со кои се соочува паркот се само резултат на отсуството на ефективен закон и планови за управување кои државата требаше досега да ги донесе и со тоа да обезбеди доследна заштита на НП Маврово. Искрено се надеваме дека државата ќе ги преземе потребните активности за донесување на закон и план, искористувајќи ја притоа можноста за помош од експертите на Бернската Конвенција“, вели Јованова.
Маврово е национален парк од 1949 година, но неговиот статус сега е ставен под прашање бидејќи Собранието повеќе од 9 години не успева да изгласа негово репрогласување. Проблемот е во несогласување околу зоните за заштита на подрачјето кои треба да ги предложи Јавната установа НП Маврово, а да ги прифати Министерството за животна средина и просторно планирање и потоа да биде усвоен нов закон за репрогласување на паркот.
Хидроцентралта „Рибничка 7“, совен што е во рамки на Националниот парк Маврово, исто така е во близина на неодамна прогласеното Светско природно наследство - „Буковата шума во долината на Длабока Река“ откако таква одлука донесе Комитетот за светско наследство на УНЕСКО долината да стане дел од „Древните и исконски букови шуми на Карпатите и други региони во Европа“.