Цели сегменти од Маркова Река се затрупани од градежен материјал од изградба на три мали хидроелектрани, со што е уништен „целиот екосистем“ и оневозможено е нормално течење на реката алармираат од граѓанската организација „Еко-свест“.
„Живиот свет во и околу реката е загрозен, видливи беа мртви речни ракови кои едноставно останале заглавени во странични вирчиња оставени да пресушат. Штетата која е направена не може да се надомести, станува збор за страшно уништување на природата и комплетно игнорирање на секој постоечки закон и правило“, вели Ана Чоловиќ Лешоска од „Еко-свест.“
За состојбата на Маркова Река прво алармирало локалното население, а потоа на терен излегле и активистите.
„Маркова Река деновиве ја затекнавме комплетно затрупана со камења, карпи и земја како последица од градежните активности за трите мали хидроелектани што се градат во погорниот тек на оваа река“, велат активистите од „Еко-свест.“
Маркова Река е десна притока на реката Вардар, која тече јужно од главниот град Скопје и е со должина од околу 30 километри. Владата има издадено концесија за изградба на три мали хидроцентрали: Маркова Река 143, 144 и 145 на концесионерот Индиго Хидро Македонија – Скопје.
Од „Еко-свест“ бараат Министерството за животна средина и просторно планирање веднаш да започне постапка за раскинување на издадената концесија, но и концесионерот да биде задолжен да ја поправи состојбата на Маркова Река до степен до кој тоа е возможно.
„На долг рок бараме Владата да ги заштити своите граѓани и извори на вода и ова да биде висок приоритет. Потребна е итна реакција поради моменталната состојба со продолжениот топлотен бран и ризикот по човековото здравје и животната средина“, велат од „Еко-свест.“
Одговор побаравме од Министерството за животна средина и просторно планирање, од каде велат дека по реакциите на граѓанските организации побарале од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) да излезе на терен и да утврди дали има прекрувања од страна на инвеститорот.
Од Државниот инспекторат за животна средина, соопштија дека по направениот увид инспекторите утврдиле дека сите три мали хидроелектрани се во фаза на изградба и дека сѐ уште не се во целост довршени, но дека биле подготвени за пуштање во пробна работа.
„При инспекцискиот надзор се утврди дека за ниту една централа не се зафаќа вода од реката, туку целата количина на вода се остава да тече слободно преку рибјата патека“, се вели во соопштението на Државниот инспекторат за животна средина.
Инспекторите во извештајот наведуваат дека констатирале оти водостојот на реката бил многу низок, дека инвеститорот ја има обезбедено целосната документација за изградба на хидроелектраните и дека по секое минирање инвеститорот вршел расчистување на теренот со соодветна механизација, но и дека ангажирал надворешна фирма за расчистување на теренот од гранки и паднати дрва.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање за РСЕ велат дека со Дозволата која ја добиле инвеститорите биле обврзани да го известат Министерството да направи увид, но откако ќе бидат завршени активностите.
„По што доколку е се прописно на инвеститорот ќе му започне и правното дејство на дозволата“, велат од Министерството за животна средина и просторно планирање од каде уверуваат дека и натаму ќе ја следат состојбата.
Но, според Чоловиќ Лешоска, извештајот на инспекторатот „повеќе звучи на серија оправдувања на инвеститорот отколку фактички наоди на теренска посета“, оценувајќи дека тој покажува дека инспекторите не го штитат јавното добро.
„Зошто не е одговорено на пријавите во детали? Зошто не е даден детален опис на секоја мерка од елаборатот со опис дали се почитува и доколку не, што треба да се стори? Зарем ДИЖС не поседува опрема па од око мери проток на вода? Зошто сѐ уште нема правилник за техничка изведба на рибните патеки?“, прашува Чоловиќ Лешоска.
„На крајот, зошто инспекторите не го штитат јавното добро туку смислуваат оправдувања за оние кои ја уништуваат природата“, вели Чоловиќ Лешоска.
Таа објаснува дека повеќе години водат борба со институциите да запре „ваквата уништувачка изградба“ на мали хидроелектрани, особено во подрачја со ретки, загрозени ендемски видови, но дека и покрај ветувањата од институциите и понатаму се „дозволува вистинска еколошка катастрофа“, вели Чоловиќ Лешоска.
Активистите од „Еко-свест“ го цитираат Членот 44 од Законот за води, според кој предвидува дека доколку „носителот на дозволата не ја врши дејноста согласно со условите утврдени со дозволата, односно врши битна и континуирана повреда на условите за вршење на дејноста од јавен интерес утврдени во дозволата“, надлежниот орган треба да постапи.
„Според Член 49 од истиот закон треба да се одземе водното право на концесионерот во случај кога е загрозено здравјето на луѓето и природната рамнотежа на водните екосистеми и екоситемите зависни од вода“, велат од „Еко-свест.“
Активистите и граѓаните подолго време укажуваат дека инвеститорите во изградба на мали хидроелектрани градат без да ги почитуваат закоините, правејќи голема штета врз реките и природата низ Македонија.
Властите во земјава во измиативе околу десетина години, дадоа десетици концесии за изградба на мали хидроелектрани, некои од нив во заштитените зони на Македонија, какви што се националните паркови. Изградени се мали хидроелектрани во националните паркови Маврово и Пелистер, како и на Шар Планина која неодамна беше прогласена за национален парк.