Репрогласувањето на Националниот парк Маврово не е направено веќе осум години. Според одговорот кој го добивме од Владата, ситуацијата е таква бидејќи Јавната установа Национален парк Маврово неколку години не доставува документ за зонирање на паркот. Од ЈУНП Маврово, пак, велат дека документите се направени, но дека Министерството за животна средина не го прифаќа нивниот предлог за зонирање усвоен во 2012 година, без да им даде образложение. Според ЈУНП Маврово, Министерството за животна средина настојува да биде усвоена друга Студија за валоризација во која ќе бидат поместени котите за зонирањето на паркот со цел да бидат „покриени незаконски работи“, вклучително одобренија за изградба на мали хидроелектрани. Одложувањето на процесот е сериозен проблем и според еко-активистите, кои во тоа гледаат конфликт меѓу заштитата на природата и изградбата на инфраструктурните проекти.
Репрогласувањето на Националниот парк Маврово треба да биде направено според обврските од измените на Законот за заштита на природата усвоени во 2013 година, кои наложија да биде направено репрогласување на сите заштитени подрачја во Македонија.
Но, Националниот парк Маврово сѐ уште не е репрогласен, процес кој треба да биде завршен со донесување на закон врз основа на изработена Студија за валоризација на неговите природни вредности.
„Оваа постапка се прави за сите заштитени подрачја, така и за Маврово. Во 2012 година изготвена е една студија за валоризација на неговите вредности, врз основа на која требаше да биде направено репрогласувањето на паркот“, вели за РСЕ Ана Чоловиќ Лешоска од граѓанската организација „Еко-свест.“
Додека процесот за репрогласување на националниот парк трае скоро една деценија, во меѓувреме во Маврово никнуваат проекти кои ги загрозуваат неговите природни вредности. Според активистите, со усвојувањето на законот за такви активности „нема да биде лесно“ да се добиваат дозволи.
Во изминатите неколку години во Маврово беа планирани и изградени мали хидроцентрали за кои екологистите и локалното население сметаат дека се закана за природните вредности и водните ресурси.
Овие проекти не се единствениот ризик за животната средина во подрачјето кое државата одлучила да го заштити пред повеќе од 70 години.
Загадувањето на почвите и водите со отпад, нелегалната сеча на шумите и несоодветно изградените објекти, се семо некои од примерите за кои реагираат активистите и локалното население.
Деновиве, Државниот инспекторат за животна средина соопшти дека правни субјекти на територијата на Националниот парк Маврово не поседуваат елаборати за заштита на животната средина, а дека голем број угостителски објекти директно испуштаат отпадни води во Мавровското Езеро или во реката Радика.
Влада - ЈУНП Маврово да достави документ со зонирање
Побаравме одговор од Владата зошто сѐ уште не е направено репрогласување на Националниот парк Маврово, скоро една деценија по донесувањето на измените на Законот за заштита на природата.
Оттаму посочуваат дека во текот на подготовката на Нацрт-законот за репрогласување на НП Маврово во 2015 година, невладиниот сектор поднел жалба до Секретаријатот на Бернската конвенција при Советот на Европа која се однесувала на реализација на хидропроектите во границите на паркот.
„Врз основа на што беше отворен фајл за НП Маврово“, велат од Владата.
Од институцијата наведуваат дека потоа на владина седница одржана во март 2016 година, било препорачано Јавната установа Национален парк Маврово да достави утврден документ со зонирање на НП Маврово до Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).
ЈУНП Маврово документот го доставила во септември 2016 година, но поради изборни дејствија во 2016 и 2017 година, постапката не продолжила по што новото раководство на ЈУНП Маврово не се сложувало со веќе изменетото предлог зонирање содржано во Студијата за валоризација од 2016 година, се вели во одговорот на Владата.
„Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) во неколку наврати во текот на 2017, 2018 и 2019 се обрати официјално до ЈУНП Маврово да достави утврден документ за зонирање со цел продолжување на постапката, но истиот не беше доставен“, велат од Владата.
Од Владата велат дека ЈУНП Маврово во 2020 година доставила до Министерството за животна средина Записник од Стручниот-колегијален орган на Јавната установа со заклучок постапката за прогласување на Маврово за национален парк да продолжи согалсно утврденото зонирање од Студијата за ревалоризација од 2012 година.
„Но, без прилог од Студија за ревалоризација на заштитеното подрачје Маврово, во која меѓу другото е содржано и предлог-зонирањето, така што тоа не беше основа за продолжување на постапката за повторно прогласување на Маврово за национален парк“, велат од Владата.
„МЖСПП во 2020 година достави нов допис до Јавната установа Национален парк Маврово со кое побара да ја достави потребната документација за продолжување на процесот со оглед дека обврска на ЈУНП Маврово е да достави предлог-зонирање до МЖСПП со цел продолжување на постапката за прогласување на Маврово“, велат од Владата.
ЈУНП Маврово - репрогласување нема поради неажурност на МЖСПП
Во однос на ситуацијата РСЕ побара одговор и од Јавната установа Национален парк Маврово. Цане Петревски од ЈУНП Маврово вели дека репрогласувањето на паркот не е направено поради „неажурност на Министерството за животна средина“.
Според него, Министерството не сака да ја земе предвид Студијата за ревалоризација на паркот од 2012-2013 година.
„Оваа студија е усвоена на управен одбор и е доставена до Министерството за животна средина, со чек листа, со зонирање, а зад тоа стои Стручниот колегиум со дописот од 15 октомври 2020 година“, вели Петревски.
Според Петревски, со одлука на Владата претходното раководство на ЈУНП Маврово било задолжено да изврши репрогласување на паркот, за што биле ангажирани 33 експерти и фирма за да изготват нова Студија.
По изработка на таа студија, како што вели Петревски, биле пореметени котите на зонирањето на паркот. Според него, тоа било направено и покрај сите доставени документи и карти со постоечкото зонирање на паркот до Министерството за животна средина.
„Таму каде што имаат издадено мали хидроцентрали, наместо строга заштита, ставаат активно управување или одржливо користење и ја подметнуваат студијата и ја испраќаат до Владата. Јас како застапник на паркот отидов во Влада и во Министерството за животна средина и им укажав дека оваа студија е „фалц“. Имам писмен доказ од координаторот на експертската група дека не стои зад тоа, со сите експерти зад таа нова студија од 2016 година и дека таа студија е нелегитимна“, вели Петревски.
Петревски вели дека ЈУНП Маврово „исклучиво стои“ на зонирањето, студијата и границите на паркот од 2012 година – документација за која вели дека е доставена до Министерството за животна средина и просторно планирање, но дека Министерството не го прифаќа тоа зонирање без да даде никакво образложение. Доколку се прифати зонирањето од 2012, смета тој, нема да биде можно поместување на зоните, особено зоната на строга заштита.
„Тие немаат пратено образложение зошто не го прифаќаат, што пак се надоврзува на „фалц“ студијата зад која не стојат координаторот и експертите кои ја имаат изготвено. Тие сакаат да си ги покријат коруптивните и незаконски работи коишто ги направиле, а немаат доставено документ зошто не е тоа-тоа“, вели Петревски.
Во меѓувреме, вели Петревски, се предвидуваат и издаваат концесии за мали хидроцентрали на целата територија на паркот врз барање за позитивно мислење од претходното раководство на паркот, без да биде земена предвид континуираната издашност на водотеците за последните години и целокупната заштита на флората и фауната.
„Без никаква студија, а камоли да се повикаат на спогодбите кои ги има склучено државата со Натура 2000 и Бернската конвенција“, вели Петревски.
Конфликт меѓу инфраструктурни проекти и заштитата на природата
Процесот за репрогласување на паркот не е завршен веќе осум години. Чоловиќ Лешоска вели дека тоа е сериозен проблем и дека во него гледаат дека постои конфликт меѓу заштитата на природата и изградбата на инфраструктурни проекти, меѓу нив и хидроелектраните планирани во националниот парк.
„Во моментов има еден проблем во однос на зонирањето. Сметаме дека оттука потекнува и целото застанување на процесот, бидејќи не можат властите да одлучат и да пресечат како ќе изгледаат зоните на паркот со цел да нема конфлит со веќе издадените концесии или планираните изградени хидроелектрани или обратно, како овие концесии да немаат конфлит со зоните“, вели Чоловиќ Лешоска.
Таа додава дека фактот што Маврово долго време нема закон, значи и дека Маврово нема ниту план за управување кој овозможува планирање на активности, мерки и финансии за одржување и заштита на природните вредности на паркот.
„Се додека немаме закон, немаме и менаџмент план, а тоа генерално ја става под ризик заштитата на природата во паркот“, вели Чоловиќ-Лешоска.
Националниот парк Маврово е прогласен во 1949 година поради посебните природни убавини, историското и научно значење на шумите и шумските предели околу Мавровското Поле.