Првите букви отстранети, зградата на Владата утрово осамна без називот „Влада на Република Македонија“. Од Владата појаснуваат дека буквите биле отстранети рано утринава бидејќи, како што велат, на платото пред Владата во текот на денот ќе се одвиваат активности за поставување на НАТО знамето. На нивно место до крајот на неделава треба да биде напишано „Влада на Република Северна Македонија“ и преведено на албански јазик.
Оттаму не откриваат кои други институции ќе почнат со промената на таблите коишто ќе го содржат новото име и ќе бидат двојазични. Дел од медиумите повикувајќи се на анонимни извори од институциите објавија дека први ќе го сторат тоа МНР, Министерството за одбрана, како и Собранието.
Во рок од една недела на сите државни институции, дипломатски претставништва на гранични премини ќе треба да бидат поставени нови табли кои ќе информираат за називот на институцијата со сменето државно име, преведена на албански и англиски јазик.
Во меѓувреме со официјализирањето на конечната спогодба следуваат размена на ноти за ратификацијата на Договорот по што Грција и Македонија ќе треба да ги известат меѓународните организации за промената на името.
„Република Северна Македонија и Грција ќе достават заедничко писмо до Генералниот секретар на ООН, со кое го информираат Антонио Гутереш за датумот на влегување на сила на Конечната Спогодба, со што се става крај на повеќедеценискиот билатерален спор меѓу двете земји, “ се вели во соопштението од МНР.
Во наредните неколку дена МНР ќе има задача да ги информира Секретаријатот на ООН, земјите-членки, земјите набљудувачи на ООН, како и сите останати меѓународни организации чија членка е, за настанатите промени.
Новото име ќе се побара да го употребуваат и повеќе од 130 земји кои ја признаа државата под досегашното уставно име, Република Македонија.
Алтернативниот министер за надворешни работи на Грција Јоргос Катругалос вчера изјави дека Атина денеска ќе испрати вербална нота до Скопје со која ќе информира дека Грција го ратификуваше и Договорот од Преспа и Протоколот за членство во НАТО.
„Во понеделник ќе биде испратена Вербална нота што ќе информира за ратификацијата на договорот и во продолжение Северна Македонија ќе ги информира ОН, но и сите земји членки што ја признаа под уставното име, така што од сега па натаму признавањето да биде со новото уставно име. И секако, од понеделник започнуваат нејзините обврски, во внатрешноста да ги промени имињата на улиците, на објектите, на документите што го имаат старото име, како што беше договорено“,изјави Катругалос.
Пред два дена македонското Министерство за надворешни работи информираше што ќе следи откако ќе се исполнат сите правни услови за влегување во сила на Конечната Спогодба и Уставните амандмани.
„Владата ќе го објави во 'Службен весник' датумот на влегување во сила на Уставните амандмани и Уставниот закон. Потоа, Република Северна Македонија и Грција ќе достават заедничко писмо до Генералниот секретар на ООН, со кое го информираат Антонио Гутереш за датумот на влегување на сила на Конечната Спогодба, со што се става крај на повеќедеценискиот билатерален спор меѓу двете земји. По ова, Република Северна Македонија на соодветен начин ги информира Секретаријатот на ООН, земјите-членки, земјите набљудувачи на ООН, како и сите останите меѓународни организации чија членка е, за настанатите промени“, информираше МНР, со назнака дека „сето ова се очекува да се случи во следните неколку дена“, за што јавноста ќе биде информирана.
Видете и ова: Со аплауз проследено потпишувањето на протоколот со НАТОСпоред најавите на надлежните, во текот на утрешниот ден ќе бидат објавени уставните амандмани во Службен Весник со што и официјално ќе стапи во сила новото име на земјата „Република Северна Македонија“.
Со Уставните амандмани кои стапуваат во сила, покрај промената на името, се менуваат и други работи. Во преамбулата на Уставот место одлуките на АСНОМ се споменува Прогласот на АСНОМ, се внесува и Охридскиот рамковен договор, се менува делот во однос на грижата на Република Северна Македонија кон дијаспората, а државјанството се предвидува да биде „македонско/граѓанин на Република Северна Македонија“ во сите патни документи.
Промената на пасошите и личните карти ќе треба да се изведе во текот на следните пет години.
Двојазичноста ќе помине на еден трошок со спроведувањето на Преспанскиот договор. Со законот за употреба на јазиците е предвидено институциите да потрошат милион ипол евра за менување на таблите и да ја направат целата документација двојазична. На граничниот премин „Богородица“ веќе пристигна новата табла со името Република Северна Македонија.
Владата формира Интерресорска група која ќе треба да изработи Национален акциски план за спроведување на натамошните мерки и активности. Во неа се генералниот секретар на Владата Драги Рашковски, државните секретари во шест министерства, шефот на канцеларијата на премиерот, двајца негови советници и директорот на Службата за општи и заеднички работи. Во рок до седум дена државните институции, граничните премини и дипломатско-конзуларните претставништва ќе треба да ги сменат таблите со новото име на државата – Република Северна Македонија.
Употребата на новото име на државата ќе биде усогласено и со Законот за употреба на јазиците што значи дека таблите ќе бидат напишани и на албански јазик бидејќи, како што изјави неодамна владиниот портпарол Миле Бошњаковски, Албанците се 20 проценти на државно ниво.
Препораки за промена на таблите ќе добијат и единиците на локалната самоуправа, а секторите и службите за односи со јавност на државните и јавните институции ќе добијат насоки за употреба на уставното име.
Колку ќе чини целиот процес од Владата засега не откриваат, велат дека не направеле пресметка и дека за тоа ќе знаат откако ќе заврши целата постапка.
Подготовките за промена на таблите и натписите започнаа на крајот од минатиот месец, со заклучоците што ги донесе Владата на 117-тата седница, одржана на 29 јануари.