Заев- Брнабиќ: Економијата помага и онаму каде што не може политиката

Односите меѓу Македонија и Србија нема да се нарушат поради лажните вести кои се објавуваат и во српските медиуми во врска со случајот „Рекет“, порачаа премиерите Зоран Заев и Ана Брнабиќ по средбата во Скопје. Двајцата на Табановце отворија и едношалтерски граничен премин кој треба да го забрза протокот на луѓе.

Лажните вести нема да застанат на патот на добрососедските односи меѓу Македонија и Србија, изјави премиерот Зоран Заев на прес-конференцијата со својата српска колешка, Ана Брнабиќ. Тој одговараше на прашањето како пишувањата на српските медиуми за неговата вмешаност во случајот Рекет, можат да влијаат на односите меѓу двете земји.

Премиерот Заев рече дека тешко му паѓа кога ги гледа лагите и невистините.

Видете и ова: Вучиќ: Ќе има уште изненадувања во „Рекет“

„На нас политичарите, јас знам по себе, должност ни е да работиме на градење на пријателството, и секогаш да помогнеме сите да разграничиме што е тоа критичко новинарство, што се лажни вести. Треба да има критичко новинарство, тоа е многу здраво за демократијата, но истовремено лажните вести и невистините се штетни и ја уништуваат демократијата“, рече Заев.

Брнабиќ вели дека лажните вести на сите ни одземаат многу време и енергија и дека секогаш постои дилемата дали да се справите со лажните вести или да работите нешто во интерес на граѓаните.

„Сè додека има повеќе конкретни иницијативи, заеднички проекти, директна комуникација, меѓусебни посети, тоа дава многу појасна слика за меѓусебните односи, отколку сите останати лажни вести. Но, лажните вести се нешто со кое ние политичарите во светот ќе мора да се пресметаме“, рече премиерката.

Тема на разговор меѓу двајцата премиери било и екстрадицијата на поранешниот борец на Косовската ослободителна армија Томор Морина.

„Јас мислам дека претседателот на Владата, Заев,тука не може да влијае како било, јас знам дека јас не можам да влијаам на тоа во Србија. Ние рековме тоа за нас е политичка одлука, политичка одлука која директно се меша во правото“, рече Брнабиќ.

Заев рече дека одлуката за Морина е во делот на правосудните органи.

„Во правосудството навистина одлуките и во Република Северна Македонија се носат надвор од какво било влијание на политиката“, вели Заев.

Што се однесува до таксите кои Косово ги воведе за Србија и за БиХ, Заев рече дека таксите се неприфатливи. Во целата работа, земјата не сака да гледа бенефит, оти ѝ е значајна регионалната соработка, рече Заев. Тој ги охрабрува косовските и српските власти да најдат заеднички јазик. Вели дека од свое искуство, тоа не е лесно, но дека решавањето на ова прашање е од интерес на целиот регион.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

„One Stop Shop“ на граничниот премин Табановце – Прешево

Претходно двајцата премиери на Табановце - Прешево отворија едношалтерски граничен премин. Сега, наместо застанување на двете граници, ќе има само едно, а тоа според премиерите ќе значи поголем проток на луѓе и стоки, а чекањето ќе се скрати за двојно.

Српската премиерка рече дека во регионот, онаму каде што не помага политиката, треба да помогне економијата.

„Регионалната соработка во овој момент се соочува со предизвици, да го следиме патот премостувајќи ги бариерите кон слободна трговија, послободен проток на граѓани, стоки, услуги, да се насочиме кон иднината, а многу помалку на она што се случуваше во минатото“, додаде српската премиерка Ана Брнабиќ.

Премиерот Зоран Заев очекува зголемување на извозот, трговската размена, пораст на бројот на туристите.