Достапни линкови

Прв чекор за слобода на Морина, на потег Врховниот суд


Врховен суд на Македонија
Врховен суд на Македонија

По одлуката на Кривичниот суд, за барањето за екстрадиција на поранешниот член на ОВК, Морина ќе решава Врховниот суд. Но, крајниот збор го има Министерството за правда. Според упатените, доколку Морина не биде екстрадиран можно е заладување на односите со Србија .

Откако Кривичниот суд донесе решение дека не се исполнети условите за екстрадиција на поранешниот припадник на ОВК, Томор Морина во Србија за предметот ќе одлучува Врховниот суд. Но, одлуката на највисокиот суд не е обврзувачка, бидејќи последниот збор ќе го има Министерството за правда. Морина до правосилноста на решението останува во притвор. Од српската амбасада во Скопје велат дека нема да коментираат додека не донесе одлука Врховниот суд.

Од Врховниот суд соопштија дека решението се уште не е пристигнато, а кога тоа ќе се случи ќе биде испратено за мислење до Јавното обвинителство. Откако Обвинителството ќе го изготви мислењето, согласно законската процедура, го враќа предметот во Врховен суд каде за него ќе одлучува совет од пет судии во рок кој е определен од Кривичниот суд.

Српските власти претходно предупредија дека Северна Македонија ќе го прекрши меѓународното право ако не го испорача Морина. Поранешниот амбасадор Благој Зашов вели дека Србија треба да разбере оти ситуацијата е специфична и дека не е прв пат некое лице кое е барано со меѓународна потерница да не биде екстрадирано.

„Може малку да се заладат односите, но тоа се преодни периоди кога доаѓаат такви ситуации и се ќе си дојде во свој ред за кратко време. Нашите закони да се почитуваат, меѓународните стандарди исто така и праксата во вакви случаи. Јас ќе потсетам и Рамуш Харадинај кога беше притворен во Франција по определено време и него го пуштија така што тоа не е прв пат случај“, вели Зашов.

Тој додава дека и Косово го одби барањето на македонските власти за екстрадиција на двајцата обвинети во случајот „Монструм“. Од друга страна, според Зашов загрижува и мешањето на политичарите од ДУИ во случајот иако се работи за странски државјанин. Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи од апсењето на Морина, повикува на негово ослободување и порача дека нема основа за негова екстрадиција во Србија.

Косовскиот министер за надворешни работи Беџет Пацоли на Фејсбук изрази задоволство од одлуката на Кривичниот суд.

„Среќен сум што Томор Морина ја доби првата битка на судството во Северна Македонија за одбивање на српската одлука за екстрадиција. Ние веруваме силно во професионалната работа на властите во Северна Македонија и во пријателските врски меѓу нашите две земји. Многу бргу тој ќе се врати дома, кај своето семејство и пријателите и ги повикувам сите да бидат трпеливи“, напиша Пацоли.

Морина беше уапсен на 24 јули на граничниот премин Блаце врз основа на меѓународна потерница на Интерпол издадена од Србија поради сомнение за учество во воени злосторства против цивилното население на Косово.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG