На просторот меѓу граничните премини меѓу Македонија и Србија, Табановце и Прешево, македонскиот премиер Зоран Заев и српскиот претседател Александар Вучиќ денеска го промовираа заедничкиот концепт за интегрирано гранично управување.
Проектот ќе овозможи сите граѓани кои патуваат од едната во другата земја со само едно застанување да ги поминат сите потребни контроли, а ќе се преполови и времето на чекање на граничниот премин. Двајцата лидери истакнаа дека овој проект ќе ја унапреди довербата и добрата соработка меѓу двете земји. Покрај пораките за пријателство и соработка тие разменија и пораки за актуелните политички прашања.
На новинарско прашање за евентуален договор за прекројување на границите помеѓу Србија и Косово, Вучиќ со став дека треба да се остават Србите и Албанците сами да ги решаваат своите односи.
„Ќе ни дозволат ли да се обидеме сами да го решиме проблемот кој постои меѓу Србите и Албанците веќе 200 години? Треба да ни дозволат, иако не сум оптимист. Мислам дека решавањето на конфликтот меѓу Србите и Албанците најмногу од се придонесува за стабилноста и одржување на мирот во регионот. А кои се актуелните граници? Сега да седнеме, не можеме да се договориме во наредните 100 години, зошто јас имам предвид едни граници, а вие други. Затоа е важно да седнеме и да се обидеме да договориме, дека и едните и другите во иднина ќе имаат пред себе една граница, а не секој да си има своја,“рече Вучиќ.
На прашањето дали Македонија поддржува ваков договор, премиерот Заев истакна дека Македонија ќе поддржи позитивно решение кое ќе донесе мир, стабилност и просперитет на Балканот.
„Македонија поддржува позитивно решение за Косово, решение кое ќе ја унапреди благосостојбата и на Србите и на Албанците и на сите граѓани во Косово, решение кое ќе ја гарантира и безбедноста и мирот и просперитетот и на Србија и на Косово и на целиот регион. Значајно е сите лидери на регионот да бидат обединети околу заедничките цели, а тоа се траен мир, регионална соработка, економски развој и членство во ЕУ“, рече Заев.
Во пресрет на референдумот, Вучиќ посочи дека нема да се меша во внатрешните работи на други земји. Да се повикува на гласање, според него, значи мешање во внатрешните работи на една земја, а решавањето на проблемот за името со Грција, според него, е добра работа за регионот.
"Не се мешам во внатрешни работи на друга земја. Благодарен сум му на Заев за ставот со Приштина. Не сакаме да се мешаме, ама позитивно ќе реагираме ако нашите соседи ги решаваат проблемите. Ќе поздравиме сѐ што придонесува за регионалната стабилност. Јас сум му благодарен на Заев што ги разбира нашите ставови околу Косово," изјави Вучиќ.
Инаку според најавите, проектот за заедничко гранично управување ќе се спроведе во наредните месеци а двете страни ќе потпишат протоколи и спогодба на заедничката владина седница меѓу Скопје и Белград која треба да се одржи до крајот на годината.Србија и Македонија се првите земји во регионот кои ќе започнат ваква соработка.