Достапни линкови

Медиуми - Лажни вести за референдумот и прекројување граници


Пред референдумот ќе се интензивира машинеријата за лажни вести, насловуваат медиуми. Пишуваат и кампањата за референдумот и за чистењето на Избирачкиот список. Во топ вестите е и идејата за прекројување на границата на Косово.

„Машината за ширење лажни вести за Трамп, ќе бревта и за референдумот“, е насловен текстот во Слободен печат во кој се наведуваат мислења на политички аналитичари, а како повод служи еден од текстовите на Руската информативна агенција „Спутник“ под наслов: „Започна специјалната војна во Македонија, конечната битка на 30 септември“. Весникот наведува дека „Спутник“ важела за јасен поддржувач на политиката на Кремљ, особено на Балканот. Слободен печат ја цитира изјавата на првиот шеф на македонската дипломатија Денко Малески за РСЕ, кој смета дека таквите текстови се дел од глобалната руска стратегија против ширењето на НАТО и ЕУ, а со тоа и против македонското зачленување во нив.

Нова Македонија ја објавува статистиката на Институтот отворено општество во Софија „која идентификува факт дека Македонија (по Турција) предничи на листата земји во кои најмногу се произведуваат лажни вести“. Во текстот со наслов „Балканот и Македонија најзаразени од пандемијата со медиумски лажги“ се додава дека, според анализите на истиот Институт од Софија, токму Македонија и Турција се со многу ниска медиумска писменост што создава плодна почва за лажните вести како алатка за манипулација со јавноста.

Во овој контекст, Нова Македонија пишува дека прекројувањето на границите и размената на територии се евергрин-тема која се отвора наменски во одреден регионален политички контекст и која се појави ова лето по идејата на српскиот претседател Вучиќ и шефот на дипломатијата, Дачиќ за поделба на Косово. Иако овие идеи во моментот се оценети како спинови и лажни вести, домашните аналитичари и правни експерти сметаат дека многу е незгодно кога таквата ситуација во соседството се користи во сензитивен момент за Македонија зашто, според професорката Ванковска, актуелизирањето на идејата за прекројување на границите во земјава има друга конотација и служи за заплашување на граѓаните со безбедносни ризици пред референдумската одлука. Весникот го насловува текстот со прашање: „Стратегија за заплашување пред референдумот?“

Паралелно со увидот во јавниот список тече и пријавувањето на иселениците за изјаснување на референдумот што исто така завршува на 23 август, информира Нова Македонија во текстот со наслов: „Се бришат починати лица од Избирачкиот список“. Вечер оди со наслов: „Заев на средба со претставници на дијаспората: Ве повикувам да дадете придонес во историскиот момент за напредок на државата“. Независен информира дека „Продолжува увидот во Избирачкиот список, се пријавува и дијаспората“. Вечер наслови: „Владата донесе одлука за кампања за референдумот и за разрешување на Лазо Велковски, директор на Бирото за јавна безбедност, поради користењето на службениот џип од страна на неговата ќерка на Халкидики.

Инаку, кампањата за референдумот ќе се финансира од пренамена на средства и од заштеда на буџетски средства“, а Слободен печат со критички наслов по пресот на Владиниот портпарол, Муамет Хоџа: „Како Владата ги оправдува парите за кампањата за референдумот: Согласно законот, согласно законот...“

Од средата стапи на сила руската забрана на увоз на праски од Србија и од Македонија, информира Нова Македонија додавајќи дека нашите производители сметаат дека ваквиот потег е политички и дека нема никаква врска со квалитетот. Вечер во истата информација за времената забрана потсетува дека македонските власти не добија официјално известување за тоа.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG