Просечната плата во изминатата година е зголемена за скоро три илјади денари, и надмина 31.400 денари, но тие пари денеска вредат помалку од 28.700 денари колку што беше платата лани, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Видете и ова: Секое четврто семејство зимоска грее само едно сопчеОфицијалните податоци покажуваат дека платата е зголемена за 9 отсто во однос на лани, но трошоците за живот се зголемени за 14 отсто, па просечната плата вреди 2,3 проценти помалку.
Слични податоци покажуваат и пресметките на Сојузот на синдикати на Македонија. Потрошувачката кошничка за едно четиричлено семејство пред една година била 34 илјади денари, а сега за истите работи се потребни 5,500 денари повеќе, односно синдикалната кошничка е 39.700 денари.
Храна
Прехранбените производи во јуни биле за над 20 отсто повисоки од истиот месец минатата година. Лебот е поскапен за 30 отсто, маслото за 50 проценти, шеќерот, месото, млекото, зеленчукот и јајцата за 20 отсто.
Владата во март го намали ДДВ-то на основните прехранбени производи од 5 на нула проценти и ја ограничи маржата за трговците. Од 1 јуни прекинаа со важност овие мерки, па имаше драстични поскапувања на некои производи. За да ги ограничи поскапувањата, владата повторно воведе ограничување на маржите.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во јуни се закани дека владата ќе ги објави сите компании кои направиле вештачки скок на цените.
„За само два дена, маржата на добивка кај тестенина од еден производител, пораснала од четири проценти на 31 мај на 72,5 проценти т.е. граѓаните плаќаат 65 проценти повисока маржа за тестенина од еден производител“, изјави Битиќи.
Сепак, по направените инспекции не беше објавен ваков список со фирми.
Пред две недели, Владата забрани извоз на брашно и пченица до крај на годинава за да спречи раст на цените. Исто така беше укината царината за увоз на масло за јадење до крајот на годинава.
Видете и ова: „Наместо месо, ќе вариме коски“: страв од нови поскапувањаГорива
Пред точно една година, на почетокот на август 2021 година, бензинот Еуросупер 95 бил 71 денари, а дизелот 60 денари. Денеска Еуросупер 95 е 95,5 денари, а дизелот 94 денари. Тоа значи дека бензинот поскапел за 35 отсто, а нафтата за скоро 60 проценти.
Ако месечно трошите по 40 литри гориво, годинава тоа се 1000 до 1400 денари месечно повеќе од лани.
Според државната статистика, транспортот во однос на лани е поскапен за над 30 проценти. Тоа автоматски повлекува поскапување на сите стоки и услуги, затоа што станува поскапо секој производ да се донесе до продавница.
Поскапе и меѓуградскиот превоз, но градскиот превоз во Скопје остана со истите цени.
Владата во март го намали ДДВ-то и акцизата за горивата, но таа мерка престана да важи на 1 јуни, по што горивата веднаш поскапеа за 9 денари.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Греење
Почетокот на грејната сезона е 2,5 месеци далеку, но набавките се во полн ек.
Кубик дрва лани чинеше 3.500 денари, а годинава, барем во Скопје, оди до 5.000 денари.
Вреќичка пелети лани се продаваше за 180-200 денари. Оние што имаат среќа, годинава купија за 300 денари, но потоа ги снема, па сега се продаваат за 360 денари.
Владата пред две недели донесе одлука за ограничување на извозот на огревното дрво и пелетите до крајот на годината. Во владиното соопштение се наведува дека ова веќе го направиле и владите на Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.
Трговците се прашуваат каква е користа од овие мерки, ако се има предвид дека најголем дел од пелетите доаѓаат од увоз.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи пак најави дека по допрен глас ќе се даде задолжение до инспекторатот да ги провери дали има обиди да се направи вештачки недостиг на пелети и огревно дрво заради зголемување на нивните цени.
Видете и ова: Дрва за огрев по солени цени, пелети „ни за лек“Парното за скопјани од Нова година поскапе за 14 отсто, па пред неколку дена повторно за 14,18 отсто, односно вкупно 30 проценти за една година. Ако лани во август сте плаќале 2.000 денари за парно, сметката сега ќе биде 2.600 денари месечно, под услов владата да продолжи да го субвенционира греењето.
Владата повикува да се штеди енергија, но официјалните податоци покажуваат дека луѓето веќе штедат. Според податоците на Евростат од 2018, скоро 25 отсто од Македонците изјавиле дека не можат соодветно да ги загреат своите домови. Со овие поскапувања, тој број може и да се зголеми.
Дополнително, неизвесно е дали ќе има доволно природен гас во грејната сезона и по која цена, па се размислува парното да работи на мазут.
Струја
Струјата од 1 јануари поскапе за 9,48 отсто, а минатиот месец просечно за 7,4 проценти. Тоа значи дека струјата во однос на лани е поскапена за 18 проценти. Со оглед на тоа што се воведоа четири блок тарифи за скапа струја, поскапувањето за оние кои трошат повеќе, односно се греат на струја, ќе биде уште поголемо.
Семејствата што лани плаќале струја по 2.000 денари, сега плаќаат 360 денари повеќе. Од јули минатата година, стапката на ДДВ за струјата се намали од 18 на 5 проценти, како дел од антикризните мерки. Важењето на мерката е продолжено до крајот на годинава.
Цените почнаа да растат уште минатата година по заживувањето на светската економија по затворањата поради ковид-кризата. Горивата и храната дополнително поскапеа по почетокот на руската инвазија врз Украина кон крајот на февруари, по што западните земји воведоа жестоки санкции кон Москва.
Русија е многу голем извозник на нафта, гас и житарици. Украина исто така е еден од најголемите извозници на жито и сончоглед, а неизвесноста околу извозот драстично ги зголеми цените на светските берзи.