Достапни линкови

Воздухот во Битола колатерална штета на високата цена за струја


Загаден воздух во Битола
Загаден воздух во Битола

Најголем загадувач на воздухот во Битола е греењето. Во градот нема градско парно греење, па и оваа зима битолчани ќе се греат на дрва, со што загадувањето на воздухот ќе се зголеми. Според истражувањата дури 15 проценти од смртните случаи во Битола се резултат на аерозагадувањето.

Најголемото загадување на воздухот во Битола доаѓа од греењето, покажаа и најновите истражувања, како и оние направени пред неколку години.

Битола во последните четири-пет години се обидуваше да го намали овој извор на загадување со субвенционирање на печки на пелети и инвертер клими. Но, со новите цени на струјата и поскапувањата на другите енергенси, во градот кој нема плин, топлификација, ни организирано парно греење, дел од граѓаните пак ќе се вратат на дрва, со што аерозагадувањето ќе се зголемува.

„Имавме парно на струја, сега цената на струјата е многу скапа и ќе мораме да се вратиме на греење со дрва.“

„Распоредот во станот ни е таков што не можеме да се грееме со една клима, па во неколку соби треба да поставиме клими и тоа е голем трошок на струја, пак најисплатливо ни не на дрва“, велат дел битолчани.

Топлификацијата на Битола со топлинска енергија од РЕК, како еколошко решение се најавува веќе дваесет години, а во декември минатата година ЕСМ соопшти дека започна изградбата на топловодната мрежа.

Професорот Дејан Мираковски од Универзитетот „Гоце Делев“ во Штип вели дека проектите за еколошки извори на затоплување мора да се забрзаат доколку сакаме да имаме почист воздух.

„Енергетската политика мора да се базира или да води сметка за животната средина. Некои проекти ќе мора многу да ги забрзаме ако сакаме да ги замениме штетните извори на затоплување на домаќинствата и на производство на енергија, во индустријата замена на штетните горива. Тоа мора да се прави многу интензивно. Посебно во периодот кој доаѓа пред нас бидејќи цените на енергијата ќе растат, енергенсите од старо време ни се враќаат , барем привремено и ќе треба многу внимание да се посвети на тој проблем“, рече Мираковски.

Според истражувањето во проектот „Развивање и имплементација на здравствен индекс за загадување на воздухот во прекуграничниот регион“ финансиран од ИПА фондовите, дури 15 проценти од смртните случаи во Битола се резултат на аерозагадувањето, а најголем загадувач се токму огништата.

„Согорувањето на биомаса, нафтата и мазутот заедно доаѓаат во зимските месеци до 70 проценти од вкупниот товар, па и до 80 проценти во јануари 2021 година. Позади епизодите на големо загадување се изворите на греење на домовите и големите објекти зашто болниците, училиштата и другите институции се греат на нафта и мазут кои се загадувачки реагенси“, рече Мираковски.

Во Битола околу 19. 000 домаќинства се греат на дрва во услови кога кубик дрва достигна цена од 3.900 денари, а цената на струјата поскапе во просек за 7,4 проценти.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG