Енергетска или вредносна криза: Која е улогата на младите?

Андреј Стојкоски, младински активист и колумнист

Замислете, живееме во оваа фаза на светски напредок и достигнување на човештвото, и се уште треба да разговараме за како да ги промовираме основните вредности и како да градиме иднина во која што младите се поврзани... Автор: Андреј Стојкоски

Една по една, се кинат страниците на календарот на 2022 година. Се работи за година која што беше обележана по доста голем број случувања, како на европско ниво така и во нашата држава. На ниво на Европска Унија, оваа година беше избрана да биде „година на младите“, со потенцирање на нашата улога во градењето на подобра иднина, која ќе биде позелена, инклузивна и дигитална.

Со надеж и можности да учиме, да се поврзуваме и соработуваме, со волја да продолжиме понатаму кон градење на иднината во пост-пандемиската реалност. Од друга страна пак, сведоци сме на светските случувања, каде моите
врсници од другата страна на Европа се во воена состојба. Замислете, живееме во оваа фаза на светски напредок и достигнување на човештвото, и се уште треба да разговараме за како да ги промовираме основните вредности и како да градиме иднина во која што младите се поврзани, се негува младинска соработка, се негуваат општествените вредности и иднина каде младите се слушнати во своите општества.

Видете и ова: Младинска апатија – Сите се жалиме, а никој не ни помислува нешто да промени

За жал, сме сведоци дека на светско ниво се соочуваме со една од најтешките во
последните дваесетина години. Светските случувања, дирекно влијаат врз економската и енергетската ситуација на светско ниво, што предизвикува да нашата реалност биде проследена со економска и енергетска криза, што не ја заокружи и нашата држава.

Но, дали само тие се предизвиците со кои се соочуваме?

Секако дека НЕ. Живееме во реалност во која што се плашиме да соработуваме со врсниците од другата страна на границата. Или да бидеме солидарни. Реалност, во која се уште водиме дискусии за дали треба да се поврзуваме со младите од регионот и дали тоа поврзување треба да биде иднината на овој регион.
Како млад човек, ми лебдат две прашања: „Дали живееме во економска или вредносна криза? Дали со надминување на вредносната криза, ќе можеме заедно, како регион, да ја надминеме и економската криза?“

Кога се работи за 2022 година и календарот на Младински сојуз, ова е годината кога се слави дваесет годинишнината откако се одржала првата меѓународна конференција „Европските вредности за иднината на Југоисточна Европа“. Токму дваесет години, Крушево и Северна Македонија се центар на Југоисточна Европа и се местото каде младите од 16 држави низ Југоисточна Европа имаат можност да разговараат за своите моментални предизвици, да ги
негуваат и промовираат европските вредности и да работат на своите визии за иднината на овој регион од Европа. Иако поминале толку години на одржување на конференцијата, со учество од над 1000 млади лидери со визија за подобар регион, се чини дека како регион се уште “тапкаме во место“ и се соочуваме со истите предизвици од пред 20 години – градење на иднина која НЕ Е
базирана на вистинските вредности.

Во 2022 година, иако изминале толку години, повторно во фокусот се ставени
ПОМИРУВАЊЕТО и ГРАДЕЊЕТО МИР, СОРАБОТКАТА, ЕВРОПСКИТЕ ВРЕДНОСТИ, ИСЕЛУВАЊЕТО НА МЛАДИТЕ, КОРУПЦИЈАТА, ВЛАДЕЕЊЕТО НА ПРАВОТО, УЧЕСТВОТО НА МЛАДИТЕ ВО ПРОЦЕСИТЕ НА НОСЕЊЕ НА ОДЛУКИ... Листата можеме да ја продолжиме до недоглед. Се чини
дека во сите овие години не сме напредувале како регион, бидејќи се уште дискутираме за истите нешта.

Видете и ова: Познатата карта во еден правец или вистински партнер на младите

Но, за да разговараме за вредности и за регионална соработка најпрво треба да се запознаеме, да седнеме заедно на маса, и да разговараме за нашите визии и чекори за подобар регион. За тоа, ни е потребна добра инфраструктура за да може да стигнеме од еден крај на регионот до другиот. Замислете, за млад човек од Босна и Херцеговина да стигне до Крушево, потребно е да патува 18 часа со автомобил, а да не зборуваме дека нема автобуски линии за да успее да стигне Крушево. Истиот млад човек, треба да оди на релација Сараево – Белград, а потоа Белград до Скопје и на крај од Скопје до Крушево. Ако друг млад човек од Косово, сака да појде да разговара за мир во Босна и Херцеговина, првенствено треба да поднесе документи за виза, да ја добие визата и да има можност да разговара со своите врсници за заедничките предизвици. Млад човек од Тирана, кој ја гледа регионалната соработка во градењето на иднината на својот град и сака да стигне во Крушево да се вмрежи со други млади луѓе од регионот, ќе треба да патува 12 часа со автобус, иако воздушната оддалеченост на овие два града е 239 км.

Треба да се соочиме со реалноста, дека за жал немаме изградено регион во кој младите веруваат, чувствуваат дека припаѓаат и се гледаат како идни граѓани во него. Ова е јасен индикатор до носителите на одлуки, дека мора ВЕДНАШ да се започне со општествени промени, каде младите ќе ја имаат лидерската позиција. Затоа што, токму тие се СЕГАШНОСТ и ИДНИНА на овој регион, затоа што НЕГУВААТ и ВЕРУВААТ во вистински вредности, и затоа што токму тие се клучот за развој на ОБЕДИНЕТ регион.

Што правиме како општество на темата?

Желбата и визијата за подобар регион се нешта кои би требало да не водат кон
отпочнување на општествени промени преку кои би успеале да ги достигнеме. Клучна улога во тие процеси, треба да имаме токму ние, младите како идни носители на одлуки и граѓани на овој регион. Се поставува прашањето, кои чекори ги преземаме како општество за да ја достигнеме оваа мисија?

Видете и ова: Спортската сала на УКИМ од 2,5 милиони евра, руинирана

Судејќи според наративите на политичарите, како општества градиме мостови помеѓу народите и државите за меѓусебна соработка и поврзување. Но, јас како млад човек, би сакал да прашам: „Што ако само ги градиме тие мостови, а не чекориме по нив? “. Што ако разговараме за создавање платформи и соработување со другите држави ако младите не се вклучени во тие процеси. Ние, младите од овој регион ги живееме истите секојдневија, се соочуваме со истите предизвици, ги делиме истите проблеми.

Замислете, регион каде младите се поврзани и соработуваат. Регион, каде ЗАЕДНО работат на надминување на своите предизвици. Замислете, доколку во истиот тој регион на централно место ги ставаме регионалната соработка и поврзување. Токму тогаш, ќе можеме да кажеме дека имаме регион во чија срж се врежани вредностите и регион во кој младите од овие држави ќе чувствуваат припадност.

Тешко ли беше да се замисли таков регион?

Морам да признаам, претходно ми беше тешко и мене. Не затоа што не верував во моите врсници од соседните држави, туку затоа што решението на предизвиците на младите, го гледав во некоја од Европските држави. Откако имав можност да соработувам со моите врсници од регионот заклучив дека само со негување на вредности како СОРАБОТКА, СОЛИДАРНОСТ и ЕДИНСТВО, можеме заедно да ги достигнеме нашите визии и желби за иднината на регионот во кој што живееме. За да изградиме ПРОСПЕРИТЕТЕН РЕГИОН, тогаш сите држави во него треба заедно да се развиваат и напредуваат, а тоа се достигнува доколку тој развој е базиран на меѓусебна соработка.

Како студент на Градежен Факултет, во дел од наставата имам можност да научам дека за да се изгради еден објект потребни се градежни материјали (суровини), градежни машини и алати и човечки ресурси. Па, се прашувам: „Што е потребно за да се изгради иднината на регионот?“. Како „градежен материјал (суровина)“, го имаме РЕГИОНОТ со СИТЕ НЕГОВИ ПРЕДИЗВИЦИ, „градежните машини и алати“ се ВРЕДНОСТИТЕ и најважното – „човечкиот
ресурс“ сме токму НИЕ, МЛАДИТЕ.
ПА АЈДЕ, ЗАЕДНО, ДА ЈА ИЗГРАДИМЕ ИДНИНАТА НА НАШИОТ РЕГИОН!

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.