Со години спортската сала на УКИМ во кампусот на правниот, економскиот и филолошкиот факултет стои демолирана и руинирана.
Изградена уште во 2017 година со сите потребни реквизити и услови за спортување на студентите, салата не само што никогаш не беше ставена во функција, туку денеска објектот е претворен во руина и мала депонија за кого никој не се грижи.
Вратите и прозорците на самиот влез се искршени, таблите за кошарка и фудбал се демолирани, исто како и столчињата на трибините, а објектот е полн со отпад и стакла.
Од тоалетите се извадени чешмите, клима уредите се демонтирани, а просториите кои се наменети за соблекувални се полни со ѓубре. Објектот никој не го обезбедува и може кој било да влезе.
АМС: Се прават проценки на штетите - следната година ќе биде ставена во функција
За изградбата на салата, државата потроши околу 2,5 милиони евра. Парите ги обезбеди Владата предводена од тогашниот премиер Никола Груевски, а Агенцијата за млади и спорт (АМС) склучи договор со Друштвото за градежништво, трговија и услуги „Алконпроект“ од Скопје која што го градеше објектот.
Изградбата заврши во 2017 година, кога и требаше да биде пуштена во употреба. Но, поради судскиот спор кој настана помеѓу фирмата и Агенцијата, салата не доби технички прием и никогаш не профункционира.
Фирмата која што ја изгради, ја тужеше Агенцијата поради долгови, по што АМС со судска одлука исплати околу 800.000 евра на фирмата. Но, пред две години Агенцијата застапувана од Државното правобранителство поднесе ревизија, по што Врховниот суд го врати предметот на повторно одлучување. Од државното правобранителство велат дека сега овој предмет е вратен во надлежност на Агенцијата за млади и спорт, по нивно барање.
Актулниот директор на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсоски тврди дека судскиот процес е при крај и дека сега фирмата ги враќа парите на Агенцијата.
„Наплатата што беше од судовите кон Агенцијата, а што ги повлече фирмата веќе се стопирани и веќе почнуваат да се враќаат тие средства кои беа за оштета на самата фирма. Излезе дека државата е во право и мислам дека тоа за брзо ќе се реши“, вели Мојсоски.
Во меѓувреме УКИМ треба да направи проценка колкава е штетата за државата да одвои пари за санација. Мојсоски очекува дека сумата за санирање ќе биде околу 4 милиони денари и најавува дека веќе следната година ќе биде ставена во функција на студентите.
„Имавме средба со ректорот на УКИМ со кој дефинитивно заземавме заеднички став, бидејќи немаше технички прием, тие да направат приклучок за вода и струја и тоа веќе се направи, сега треба да се направи проекција да видиме колку е направено оштетување на самата сала за ние како Агенција и како држава предвидиме средства за 2023 и да се пушти во употреба.Сега ја чекаме проценката, мислам дека нема да биде повеќе од 4 милиони денари за да се санираат штетите“, вели Мојсоски.
Од УКИМ не добивме одговор дали е направена проценката и колкава е штетата. Салата беше изградена со капацитет од 1.100 гледачи, а приспособена беше да се користи за кошарка, ракомет, одбојка, мал фудбал, пинг-понг, гимнастика, боречки спортови и сите останати дисциплини поврзани со физичкото образование и спортот на студентите.
Студентите нема каде да спортуваат
И додека салата со години наназад се распаѓа, студентите од правниот, економскиот и филолошкиот факултет велат дека се приморани сами да се снаоѓаат кога треба да играат спортски натпревари.
„Ќе почнеме за УКИМ да играме, а не знам каде ќе играме, салата не фунцкионира, треба сами да си бараме, а не можеме да најдеме. Мислам дека потребен е спортот, треба да имаме сала“, вели Јана Чаушевска, студентка на економскиот факултет.
„Сега сме во процес да студентите повеќе се вклучат во спортските активности, не сум информиран дали салата е отворена, но секако дека е потребна сала каде што студентите ќе имаат простор за спортски активности, ќе има одредени натпревари меѓу студентите, за што ќе ни биде потребна и сала“, коментира студентот од правен факултет, Борјан Давковски.
Друг дел од студентите пак воопшто не ни знаеле дека постои сала на кампусот.
„Јас искрено не ни знаев дека постои спортска сала. Неодамна дознав. Веројатно ќе ја направат, бидејќи апсолутно е потребна, немаме никакви спортски активности и се надевам ќе има некаква интервенција“, вели студентот Јован Василевски од правниот факултет.
Во меѓувреме на кампусот факултети, абер нема ниту од довршување на изградбата на новите згради каде требаше да бидат сместени Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) како и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје.
Изградбата е веќе одамна стопирана, зградите се до пола изградени, а веќе со години нема никакви градежни активности на терен. Студентите и професорите на ФИНКИ бидејќи немаат сопствени, мора да ги користат просториите на соседните факултети, договарајќи и преговарајќи за слободни термини. Додека пак, на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје студентите и натаму студираат во дотраени бараки.