Депонијата Дрисла работи со полна пареа, при што во 2018 година биле согорени околу 989 тони медицински отпад. Депонијата продолжила со истиот тренд на работа како во изминатите неколку години и покрај забраната и ограничувањето заради застарениот филтер. Бројките на согорениот медицински отпад во Дрисла во ниту една година не се совпаѓаат со пријавените количини на медицински отпад од страна на здравствените институции. Најголема е разликата во 2015, 2016 и 2017 година која изнесува неколку стотици илјади килограми медицински отпад.
Дрисла минимум работи по 14 часа дневно
Дрисла во 2018 година собрала, транспортирала и согорила отпад од 699 056 килограми. Додека дополнителните 217 086 килограми медицински отпад биле од фирмите или институциите кои сами вршат достава во депонијата.
Со години се согоруваше медицински отпад со филтер кој не ги запазуваше потребните еколошки стандарди, за што и претходно пишуваше Радио Слободна Европа. Ако се земе в предвид дека капацитетот на печката е да согорува околу 200 килограми медицински отпад на час или максимум три тони дневно, ќе се увиди дека таа работела по речиси 14 часа дневно, 365 дена во годината.
Ако во пресметките од годината се одземат празниците и викендите кои вообичаено се неработни излегува дека печката работела околу 20 часа дневно. Во пресметката не влегуваат и деновите кога депонијата од јануари до април 2018, односно до поставувањето на новиот филтер требаше да работи само 8 часа дневно, или воопшто да не биде во функција во деновите кога загадувањето на воздухот е алармантно. Пред забраната во 2017 година и во 2016 година кога Дрисла работела непречено согорила отпад речиси исто колку и во 2018 година.
Заработка од милион евра
Согорувањето на еден килограм медицински отпад чини 56 денари, при што Дрисла минатата година заработила над 900 илјади евра, а беше казнета со 8500 евра поради несовесното работење. Речиси иста сума на пари депонијата заработила и претходната година. Од 2013 година па досега, откако со Дрисла стопанисува италијанската компанија „ФЦЛ Амбиенте“ профитот е зголемен за двојно, а за двојно е зголемено и согорувањето на медицинскиот отпад. Капацитетот на печката, како што е наведено на интернет страницата на депонијата е од 500 до 1,400 тони годишно.
Видете и ова: Медицински отпад - согорен, пријавен, заработка за ДрислаПријавени помали количини на медицински отпад
Согласно важечката законска регулатива во областа на управување со медицински отпад здравствените институции кои создаваат медицински отпад се обврзани да доставуваат еднаш годишно извештај за постапување со отпадот до Министерството за животна средина. Според последниот годишен извештај на министерството во 2017 година биле пријавени 716, 25 тони медицински отпад. Во 2016 бројката е само за 4 тони помала, за разлика од 2015 кога е пријавена речиси двојно помала количина на отпад.
Дрисла е единствената депонија во Македонија која има концесија за согорување на медицински отпад. Доколку се споредат бројките излегува дека во депонијата во 2017 година биле согорени дополнителни 344 тони медицински отпад кој не бил пријавен во Министерството за животна средина. Ист е случајот и со претходните две години, што е показател дека не се знае колку точно медицински отпад се создава во Македонија.
„Дефинитивно сите количини на опасен медицински отпад не се третираат соодветно, а друг проблем е што тој согорувач на Дрисла не треба да функционира и да работи и филтерот што го поставија воопшто не го решава проблемот“, вели Блаже Јосифовски од Асоцијацијата за чиста животна средина „Ајде Македонија.
Од Министерството за животна средина признаваат дека прикажаните количини на отпад во нивниот извештај, не претставуваат и вкупни количини на создаден медицински отпад на ниво на Македонија.
„Разликата на создаден отпад (прикажан во Годишниот извештај на МЖСПП) и согорен отпад (прикажан во податоците од ДРИСЛА) произлегува од фактот што во годишниот извештај недостасуваат податоци за одредени институции, чиј отпад е согорен во Дрисла“, ни одговорија од министерството.Бројките за 2013 и 2014 година пак го покажуваат сосем спротивното дека во Дрисла била согорена помала количина на отпад од пријавената во Министерството за животна средина со што се отвора прашањето каде завршил вишокот од 47 тони на отпад кои не биле согорени во депонијата.
Јосифовски вели дека не верува оти државата има капацитети да спроведува инспекции со кои ќе се контролираат здравствените институции.
„Пред две години кога имавме теренски истражувања можеше да се забележи при излевања на реки во неколку региони во Македонија, посебно во селото каде има јавни установи се случува дел од тој медицински отпад да заврши во реката или некоја друга медицинска установа да фрли илегално дел од нејзиниот отпад“ додава Јосифовски.
Сомнежите, според него, се дека во Македонија има околу 2000 тони на медицински отпад за разлика од Националниот план за управување со отпад до 2015 година каде се тврди дека има од 900 до 1200 тони медицински отпад.
Подобрување за околните жители нема
Околните жители кога го посетивме Батинци во јануари, минатата година се жалеа на загадениот воздух и на низа заболувања, кои според нив се последиците кои ги трпат од несовесното работење на депонијата. Една година подоцна и по поставувањето на новиот филтер, Изудин Бачевац од селото Батинци вели дека се е исто.
„Нема никакво подобрување откако е поставен тој филтер. Воопшто не се осеќа подобрување на воздухот. Дури има и некои денови кога навечер се гори, сабајле може да се види и црн облак над Дрисла кој потоа се спушта накај нас и накај Драчево и Лисиче“, вели Бачевац.
Според него, најмногу отпад се согорува навечер, кога и најмногу се чувствува загаденоста на воздухот.
„После 20 часот знае воздухот да биде навистина загаден и неподнослив“, додава тој.
Проблематична и печката за согорување медицински отпад
Но, не е проблем само филтерот, туку и самата печка која датира од 2001 година и е донација од британските власти. Според документацијата, Дрисла по десет години од добивањето на печката, односно во 2011 година до Министерството за животна средина доставила известување за намера за изградба на нова постојка за согорување на опасен отпад. За таа цел била нарачана и студија за влијанието на проектот врз животната средина во која е наведено дека не е можна адаптација на постоечката печка, бидејќи не ги исполнувала законските барања. Новата печка и покрај најавите се уште не е набавена.
Министерството за животна средина иако било запознаено за недостатоците во нејзиното работење во 2013 година на депонијата и издало интегрирана А еколошка дозвола, која според законот се заснова на примена на најдобрите достапни техники. Ветената инвестиција од 73 милиони евра во првите пет години од концесијата фирмата „ФЦЛ Амбиенте“ не ја спроведе.
ОЈО се уште истражува
Од Основното јавно обвинителство Скопје по допрен глас пред една година отворија предмет за работењето во депонијата за кривично дело загадување на животната средина и природата. Од обвинителството велат дека предметот е е во фаза на предистражна постапка.
„Побарани се информации од Државниот инспекторат за државна средина во врска со извршените контроли на депонијата Дрисла. Во доставениот извештај беа наведени констатираните состојби. Во обвинителството беше сослушан и претставник на Државниот инспекторат за животна средина за контролите извршени во 2018 и 2017 година. Претстои преземање на други мерки за да се утврдат фактите за предметот“, соопштуваат од ОЈО.
Новиот филтер депонијата требаше да го набави уште во 2005 и 2006 година поради усогласувањето на нашето законодавство со тоа на Европската унија. Дрисла имала обврска да ја усогласи својата технологија со најдобрите технологии од областа на согорување на отпадот.
Старо нов концесионер?
Во Град Скопје кој поседува 20 проценти од депонијата во меѓувреме е формирана нова комисија која треба да изврши повторна евалуација на понудите на компаниите кои учествуваа на тендерот за избор на концесионер во 2011 година. Во склад со евалуацијата, според најавите, ќе се избере концесионер со што до крајот на годината би требало да заврши целиот процес и да почне имплементацијата на современа технологија која од Дрисла конечно би направила модерна депонија.
Правото на концесија на „ФЛЦ Амбиенте“ од Италија се оспорува на суд од добивањето на тендерот во 2013 година од страна на германската компанија „Шолц“. Од тогаш случајот никако да добие разрешница поради постојаните жалби и тужби. Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов најави дека од новоизбраниот концесионер ќе биде побарана банкарска гаранција дека ќе си ги изврши превземените обврски.
Новиот концесионер, според најавите, ќе треба да воведе и производство на електрична енергија од Дрисла. „ФЦЛ Амбиенте“, заедно со компанијата „Г. Енит ЛТД“ која е регистрирана во Лондон, на 10 декември минатата година во Македонија регистрирале нова компанија МК Енерџи Груп ДОО, како што пишува ИРЛ. Приоритетна дејност на фирмата е наведено дека е производство на електрична енергија.
Директорот на Дрисла, Горан Ангелов неодамна изјави дека судот е генератор на се што се случува со депонијата и изрази уверување дека наскоро ќе заврши процесот и ќе почнат инвестициите кои ги ветила италијанската компанија.
За Јосифовски решението, согласно трендовите е да се набави стерилизатор на медицинскиот отпад што е многу поеколошки начин од постојниот.
Во моментов печката е надвор од употреба поради дефект и физички оштетувања во делот на филтерот. За негово отстранување, како што соопштија од Дрисла, се потребно минимум 15 дена и во тој период примениот медицински отпад нема да може да се согорува.