Маглата под која денеска e обвиткан главниот град само дополнително го влоши проблемот со и онака енормната загаденост на воздухот. Вредностите на штетните ПМ честички низ мерните станици во земјава покажуваат алармантни вредности, а граѓаните буквално се борат за воздух. Револтирани се и незадоволни од негрижата на надлежните институции да ја подобрат состојбата со високото аерозагадување.
“Нормално дека ни пречи овој воздух, меѓутоа оваа влада и овој градоначалник ништо не ги интересира, туку само да го наполнат џебот, народот не ги интересира. Ова не ја амнестира и претходната влада, но никој ништо не презема, а народот може и да умира”, вели Слободан Трпковски, жител на Скопје.
“Многу ми пречи воздухот, јас сум хронично болен. Ништо не прават, треба да го решат овој проблем, а не сите да се гушиме”, вели Митре Станојков од Скопје.
“Како не ни пречи, секако дека пречи за извршување на секојдневните активности. Децата ги пуштаме во училиште , се жалат дека грло ги боли. Не се прави, не доволно, туку воопшто ништо”, вели Виолета од Скопје.
“Јас ретко се движам, ми пречи воздухот. Мислам дека во моментот ништо не се презема, само времето не спасува, Скопје никогаш не било такво какво што е сега”, вели една пензионерка.
И додека граѓаните бараат итни мерки кои ќе се применат веднаш во деновите на енормно загадување, од министерството за животна средина велат дека мерките за големо загадување се активираат кога ќе се исполнат два предуслови. Еве како заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули го објаснува фактот што вонредните мерки не се активираа минатата недела кога имавме два дена во кои повеќе од две мерни станици покажуваа загаденост од над 200 микрограми на метар кубен.
“Таа уредба зависи од мерните станици, (податоците кои ги покажуваат) и метеоролошките услови. Така е секаде во светот. Бидејќи минатиот пат беше јасно дека за кратко време ќе дува северен ветар, бидејќи таа е композит одлука која зависи од двата фактори, затоа не се прогласи. Денеска имаме надминат праг на информирање, затоа се информирани и јавноста и институциите”, вели Макрадули.
Прагот на информирање подразбира примена на следните мерки: препораки до населенито да не излегува без потреба, да се користи јавен превоз, возилата да не се користат без поголема потреба, да се јаде свежо овошје и зеленчук итн.
Прагот на алармирање пак подразбира активирање на вонредните мерки во кои пак влегуваат бесплатниот јавен превоз, прекин на сите градежни активности, зголемена инспекциска контрола на инсталациите кои загадуваат, некористење на службените возила и други.
Од градот Скопје негираат дека не превземаат мерки за да го намалат загадувањето. Додаваат дека има листа од 25 мерки направени за 365 дена. Итните мерки се краткорочни и тие не го решаваат овој проблем, вели портпаролот на град Скопје, Ваљон Салиу.
“Проблемот со загадувањето е подолга борба и за тоа работевме во текот на целата година. Градот го формираше и Акционерското друштво градски енергиски системи кое ќе управува со топлификацијата и гасификацијата зошто токму загревањето на домаќинствата е една од поголемите причинители за загадувањето и мислам дека со овој потег ќе влијаеме на воздухот. Во текот на годината субвенциониравме печки за пелети, чистење на оџаци, обуки дававме, нови фасади, инсталиравме прочистувачи за воздух во средните улилишта, обезбедени се средства за 30-40 еко автобуси кои ќе се возат другата година низ градот и многу други”, вели Салиу.
Според дел од активистите за животна средина зимава не треба да очекуваме некое подобрување, бидејќи загадувањето е толку големо што според нив мора да се преземат ригорозни мерки и храбри чекори за да се почувствува некакво намалување од 20-30 проценти во наредните неколку месеци.
Долгогодишното високо ниво на аерозагадување во земјава претставува сериозен ризик за здравјкето на граѓаните во земјава.Загадениот воздух во Македонија според проценките на Светска банка на годишно ниво убива над 1.300 луѓе, а економијата на годишно ниво трпи штети од 250 милиони долари.