Механизмот за остварување на права во областа на животната средина во Европа, е воспоставен со потпишувањето на Архуската конвенција во 1998 година во данскиот град Архус. Конвенцијата ја ратификуваа земјите од Европската унија заедно со 46 други земји од Европа и Централна Азија.
Тие со Конвенцијата се обврзаа дека ќе преземат мерки од законодавна и регулативна природа во областа на животната средина и оти со тоа на нивните граѓани ќе им овозможат информирање, учество во процесите на донесување одлуки и пристап до правда во областа на животната средина.
Македонија во 1999 година ја ратификуваше Архуската конвенција, која според членот 9 предвидува граѓаните на суд да можат да бараат остварување на правата во областа на животната средина, во услови кога власта ги крши законите. Но, според правни експерти судовите, граѓаните и граѓанските организации малку ја познаваат оваа материја.
„Кај нас на некој начин е овозможено правото на пристап до правда, но праксата е оскудна, имајќи предвид колку е мал бројот на организации и физички лица кои практикуваат остварување на своите права. Од тоа што можеме да го видиме како пракса, може да се увиди дека ниту судовите, ниту засегнатите страни во патот кон правдата имаат познавање од Архуската конвенцијата или од законите од областа на животната средина“, вели Александра Бујароска – правник специјализиран за еколошко право од граѓанската организација „Фронт 21/42.“
На почетокот на годинава и граѓанската организација „Еко-герила“ најави дека ќе се ангажира во овозможување на правна помош за граѓаните чие здравје е нарушено од загадувањето на воздухот, односно со тужби да ја надоместат предизвиканата штета.
Активистот Аријанит Џафери од „Еко-герила“ посочува дека со оглед на високата загаденост граѓаните треба да поднесуваат тужби против властите и загадувачите, но сепак тој посочува тоа не го прават поради нивната недоверба во правосудниот систем.
„Граѓаните имаат интерес, но поголемиот број кои не контактираа не веруваа во системот на правда во Македонија и повеќето од нив мислат дека е губење време да тужат држава, надлежни или загадувачи“, вели Џафери.
Еден од примерите за барање правда за животна средина на суд, е кога жители на германскиот град Штудгарт неодамна поднесоа кривични пријави против градските власти поради зголемените нивоа на аерозагадување.
Бујароска додава дека судовите во Македонија често носат одлуки и пресуди во областа на животната средина, кои се спротивни на одлуките на жалбениот комитет на Архуската конвенција или Европскиот суд на правдата.
„Многу добро се сеќаваме на случајот за пристап до информации за една студија во Маврово, каде што целиот случај стигна до Управниот суд, а судот одлучи спротивно на праксата воспоставена во светот за пристап до информации кои веќе биле достапни во јавниот домен. Тоа кажува дека се уште практикувањето на механизмите за остварување на правдата во Македонија е на многу ниско ниво“, вели Бујароска додавајќи:
Таа додава дека властите во Македонија немаат капацитет и знаење да ги разберат и испроцесираат тие тужби и жалби коишто се однесуваат на оваа проблематика.
За остварувањето на правдата во областа на животната средина, минатата година Европската комисија усвои Известување за пристап до правда во врска со прашања поврзани со животната средина за да објасни во целина што Европскиот суд на правдата има да каже во врска со тоа како националните судови треба да се справуваат со правните предизвици на претставниците на јавноста против одлуки, акти или пропусти на јавните органи или властите на земјите членки кои влијаат врз животната средина.
Според известувањето на ЕК, пристапот до правдата во однос на прашања за животната средина е збир на гаранции кои овозможуваат претставници на јавноста да ја оспорат законитоста на одлуките, актите или пропустите на јавните органи на земјите членки пред националните судови.
Претставници на јавноста се поединци или нивните здруженија, а збирот на гаранции го опфаќа она што треба да се случи пред, за време или после поднесувањето на предизвикот. Тој е составен од:
Правото да се донесе правен предизвик, националните судови доволно да го испитаат предизвикот, судиите правилно да ги постави работите доколку се согласат со предизвикот, заштита на тужителот од соочување со премногу високи трошоци од поднесувањето на предизвикот, особено ако судијата го отфрли и навременост во ракувањето со предизвикот.
ЕУ има усвоено важни закони за заштита на животната средина, со цел намалување на отпадот и загадувањето и зачувување на квалитетот на воздухот, водата и почвата. Нивната имплементација бара:
Националните парламенти и министерства да усвојат национална легислатива и регулаторни акти кои поставуваат обврски за одделни органи, како и создавање на права за јавноста, се вели во известувањето.
Усвојување на планови и програми на индивидуалните јавни власти за надгледување на влијанието и оценката на животната средина, за консултирање на јавноста, одлуки за барање на дозволи и други овластувања, следење на состојбата на животната средина и исполнување на други обврски, се вели во известувањето на ЕК.
Исто така се вели дека пристапот до правдата за прашања во областа на животната средина ги опфаќа одлуките, актите и пропустите во различни нивоа на имплементација. Тоа може да вклучи и исклучителни ситуации, како одлуки за регулирање на неовластени постапки и активности.
Наведено е дека поединците и нивните здруженија треба да бидат во можност да го заштитат секое право кое го уживаат според законите за животна средина на ЕУ. Тоа значи да бидат во можност да ја предизвикаат секоја одлука, делување или пропуст што ги загрозува овие права.