Достапни линкови

Како Шилегов ќе ја исполни неговата „света должност“ за чист воздух?


Поглед на Скопје во летен период од планината Водно. 18.07.2018
Поглед на Скопје во летен период од планината Водно. 18.07.2018

Градоначалникот на Скопје минатиот декември најави дека до 2021 година главниот град ќе стане зелена европска престолнина, а за една година управување со градот против аерозагадувањето исполни само една мерка, која, според екологистите, воопшто не е приоритет.

Помина една година од локалните избори на кои кандидатот на СДСМ Петре Шилегов стана градоначалник на Град Скопје со кампања во која најмногу ветуваше мерки за долгогодишниот проблем со загадениот воздух, но екологистите велат дека оваа зима нема да биде различна од претходните.

За таквата ситуација доволно говори и политичкиот бројач на интернет платформата „Мој воздух“, според кој од вкупно 39 ветени мерки, Шилегов единствено го исполнил тоа што ја укинал мерката на неговиот претходник Коце Трајановски за прскање на скопските улици со калциум магнезиум ацетат.

Предизборна кампања за запирање и намалување на аерозагадувањето во Скопје водеа и сопартијците на Шилегов од СДСМ кои станаа градоначалници на скопските општини Центар, Карпош, Аеродром и другите, ветувајќи решенија за аерозагадувањето во Скопје, за што на предизборните митинзи лично гарантираше и претседателот на нивната партија и премиер Зоран Заев.

Шилегов и Заев ветуваа дека чистиот воздух е нивна „света должност“
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:49 0:00

Прашањето кое загрозува илјадници животи и кое сериозно го нарушува здравјето на скопјани, беше и остана во сенка на темите за референдумот и Договорот за името со Грција, Законот за јазиците, судењата на поранешниот премиер Никола Груевски и другите поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ, нови политички кризи, поставување бројчаници и воведување ваучери за пијани возачи, а прашањата за загадувањето на животната средна се дискутираат само во случаи на зголемени реакции на граѓаните на социјалните мрежи.

Ситуацијава за следнава зима ќе биде потполно иста. Беше направено едно мешовито работно тело кое требаше до сега да го има планот како ќе се постапува со тие мерки, кога е веќе извесно дека загадувањето ќе биде исто како претходните години“, вели Александра Бујароска - правник специјализиран за еколошко право од граѓанската организација „Фронт 21/42.“

Шилегов на предизборен митинг во Скопје на 8 октомври минатата година, рече дека здравјето на граѓаните и потребата од чист воздух, се нивна „света должност“ и нивна обврска.

Што можат да направат граѓаните против загадениот воздух?

Бидејќи јавните службеници не ги исполнуваат своите ветувања, ниту своите законските обврски во однос на животната средина, граѓаните имаат неколку опции во борбата со загадениот воздух. Некои од нив ги препорачува и Европската агенција за животна средина.

Иако Бујароска е скептична дека луѓето сами можат да ги сменат навиките, укажувајќи дека „е потребен координиран пристап од страна на градот и владата“, граѓаните сепак можат повеќе да користат јавен транспорт или организирани заеднички патувања, повеќе пешачење и возење велосипеди.

Доколку мораме да користиме автомобил, Агенцијата препорачува да провериме дали имаме соодветен притисок во гумите, бидејќи со намален притисок само од 0,5 бари на автомобилот му се потребни 5 проценти повеќе гориво кое повеќе ќе загадува. Исто така, возењето со вклучен клима уред ја зголемува потрошувачката за 30 отсто, а возењето со отворени прозорци за 5 проценти.

Агенцијата објаснува дека ако го оставаме автомобилот да се загрее, можно е да потроши 50 отсто повеќе гориво, а ако веднаш почнеме да возиме, моторот побрзо ќе ја достигне работната температура.

Користењето на багажник на кровот исто така може да ја зголеми потрошувачката за 20 до 30 проценти. Велосипедите е подобро да бидат прикачени на задниот дел на автомобилот. Доколку купуваме автомобил, внимателно треба да ја провериме неговата економичност, бидејќи помалата потрошувачка произведува помалку гасови.

Преносот на стоки од една на друга страна на светот генерира многу повеќе загадување на воздухот, отколку дистрибуцијата на кратки растојанија, затоа Европската агенција за животна средина препорачува да се обидеме да купуваме локално и сезонски произведена храна, чии транспорт и производство не генерира толкаво загадување на воздухот.

Во однос на заштедата на електричната енергија, треба да внимаваме да не ги оставаме вклучени електронските уреди: телевизорите, компјутерите и сл, доколку ги исклучиме целосно, наместо да ги оставаме на „стенд бај“ можеме да заштедиме околу 10 проценти од сметката за електрична енергија. Исто така може да помогнат и штедливите светилки, бидејќи помалку потрошената електрична енергија значи намалено загадување.

Минатата зима Скопје на периоди беше најзагаден град во светот со концентрации на ПМ10 честички од над 1.000 микрограми на метар кубен, но за загадувањето на воздухот акциите се исти од претходните години, велат од еколошките граѓански организации. Високо на овие листи се Тетово и Битола.

Доаѓа нова зима, а стратегиите и мерките на централната и локалните власти за аерозагадувањето се само на хартија, нема решенија за запирање на загадувањето од домаќинствата, индустријата, сообраќајот, урбанизацијата, депониите, иако постојат многубројни докази дека нивните емисии предизвикаа илјадници смртни случаи во изминативе години и десетици илјади случаи на заболувања од рак, нарушувања на белите дробови и срцето и други.

Посебно е загрижувачки што под најголем ризик се чувствителните групи, како децата и оние со хронични заболувања.

„Во ниту една сфера не е преземена мерка со која во суштина ќе се направи разлика од зимата 2017 година до зимата 2018 година“, вели Бујароска.

Шилегов вети вкупно 39 мерки за аерозагадувањето, кои се наведени во апликацијата „Мој воздух“, но единствено целосно го исполнил ветувањето за укинување на мерката на неговиот претходник Коце Трајановски од ВМРО-ДПМНЕ, кој при високи концентрации ги прскаше улиците со калциум магнезиум ацетат.

Шилегов вети 24 часовна инспекција со дежурства на инспекциите вон работно време, покривање на најризичната жешка точка – депонијата со пестицидот линдан во ОХИС од каде се шири токсична прашина со канцерогениот пестицид, заштита на зелените површини и приоритет на воздухот во урбанистичките планови, ревизија на ГУП на Град Скопје, формирање на зелени коридори, зголемување на буџетот за заштита од загадувањето, воспоставување на пешачка зона во центарот на градот, се само дел од вкупно предложените 39 мерки, кои се наведени во апликацијата „Мој воздух“ каде е поставен бројач за исполнување на овие обврски.

За една година, само едно ветување е исполнето, ако оди со истата динамика, за 4 години ќе исполни 4 мерки против загадувањето. Шилегов во декември 2017 изјави дека до 2021 година Скопје ќе стане зелена европска престолнина.

Град Скопје во моментов обезбедува субвенции за електрични тротинети и спроведува акции за чистење на оџаци за домаќинствата.

Од Град Скопје велат дека се започнати повеќе работи: „Ако добро ги анализираме, почнати се доста од ветувањата меѓутоа повеќе се работи кои треба да се завршат во текот на целиот мандат“, вели портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салихиу.

Но, како да се натераат властите во Македонија да ги исполнат своите обврски во обезбедувањето услови за здрава животна средина, кога според Уставот и Законот за животна средина тие се должни тоа да го направат.

Во однос на проблемите со загадениот воздух, во некои европски градови граѓаните и граѓанските организации правото на чист воздух и здрава животна средина го бараат пред националните судови. За тоа Европската комисија усвои Известување за пристап до правда во врска со прашања поврзани со животната средина, за да објасни во целина што Европскиот суд на правдата има да каже во врска со тоа како националните судови треба да се справуваат со правните предизвици на претставниците на јавноста против одлуки, делувања или пропусти на јавните органи или претставниците на власта на земјите членки на Унијата кои влијаат врз животната средина.

Правата во областа на животна средина е на граѓаните им се овозможува преку Архуската конвенција, која Република Македонија ја има ратификувано во 1999 година и оттогаш го има започнато процесот на воспоставување на систем за пристап до информации, учество на јавноста во донесувањето на одлуки и пристап до правда, вели Бујароска. Таа потенцира дека во земјава правото на пристап до правдата во областа на животната средина исто така е овозможено, но оти недостасува пракса. (Оваа тема РСЕ ќе ја обработи во посебна сторија.)

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG