Ако Македонија беше човек ќе должеше повеќе од половина од сè што заработила во текот на годината, ако се направи паралела со тоа колку должи државата. Тоа е како на пример кога некој човек заработува 5.000 евра годишно, а должи 3.000.
Долговите на земјата, пак, се мерат во милијарди, односно Македонија должи над седум милијарди евра. Толку изнесува јавниот долг на државата, покажуваат податоците на Министерството за финансии, заклучно со крајот на минатата година. Тоа е над 60 отсто од Бруто домашниот производ.
Јавниот долг го сочинуваат парите што ги должи државата, јавните претпријатија, општините, претпријатијата во државна сопственост, Народната банка. Земјите кои имаат јавен долг до 60 отсто од БДП се умерено задолжени, според критериумите на Светска банка. Кога ќе се надмине тој праг, земјата спаѓа во категоријата висока задолжена.
СДСМ откако е на власт го зголеми јавниот долг за речиси 2,5 милијарди евра. Во 2017 кога доаѓаат на власт долгот бил 4,7 милијарди евра или 47,7 отсто од Бруто домашниот производ (БДП). Јавниот долг сега изнесува 7,135 милијарди евра или 60,8 отсто од Бруто домашниот производ (БДП). За време на кризата со пандемијата на ковид-19, јавниот долг минатата година во вториот квартал надмина и 63 отсто од БДП-то.
Министерот за финансии Фатмир Бесими во колумна пред една недела наведе дека во собраниска процедура е Законот за буџети, со кој се пропишува лимит за долгот. Според Бесими, долгот на општата влада ќе се ограничи на 60 отсто од БДП, и гарантираниот долг на 15 отсто од БДП, односно вкупниот јавен долг на земјата да не надмине 75 отсто од БДП. Во новиот предлог закон за буџети се дефинира и буџетскиот дефицит да не надмине ниво од 3 проценти од БДП, пишува министерот за финансии.
Видете и ова: Владата на СДСМ, за 4 години ја задолжи државата колку претходната за 11Универзитетскиот професор Борче Треновски вели дека треба добро да се размисли каде да се стави границата на задолжувањето.
„Ако е превисоко поставена таа граница ќе ѝ даде слобода на владата пред сè во задолжување, а од друга страна негативните ефекти од тој долг на кој летвичката ќе биде повисоко поставена отколку што треба нема да има позитивни ефекти за нашата економија. Доколку пак го ставиме прениско, тогаш ќе го ограничиме потенцијалот за поддршка, пред сè за оние продуктивни инвестициони проекти. Значи треба да имаме некои оптимално ниво на задолженост, обично сите пресметки што ги имаме правено досега покажуваат дека тоа ниво е некаде околу 55 до максимум 60 проценти, но под 60 проценти од БДП“, вели тој.
Со ограничувањето на долгот, вели професорот, се внесува поголема фискална дисциплина. Тоа ќе наметне притисок врз владата порационално и поефикасно да се однесува. Со закони или пак со уставни амандмани се решаваат одредбите за тоа што би се правело во услови на криза или на природни непогоди, вели професор Треновски. Тогаш долгот да може да се зголеми и над границата која е наведена во тој случај.
Треновски вели дека во новиот Предлог Закон за буџети има дел кој е насочен кој креирање на Фискален совет и фискални правила, кои најчесто се уште поефикасни од максималното ограничување на долгот.
„Тие фискални правила треба да овозможат контрола на трошењето и на јавниот долг додека да дојде до тие 60 отсто или повеќе од БДП-то на јавниот долг, значи да ги контролираат расходите, да ги ограничуваат, да предвидуваат определени рестриктивни мерки како ограничување на плаќања, замрзнување на расходна страна, намалување на надоместоци на определени членови на парламент, на влада инт. Уште пред да дојде до максималната граница мора да има определени механизми кои нема да доведат до таа граница“, вели тој.
Видете и ова: Инфлација и намален раст на БДП: Економско влијание од војната во УкраинаПрво заздравување на економијата, па на среден рој намалување на долгот
Министерот Бесими во колумната наведува дека на кус рок ќе се фокусираат на заздравување на економијата и на поддршка на стандардот на граѓаните, додека намалувањето на буџетскиот дефицит, во насока на стабилизирање на долгот е политика која ќе се спроведува на среден рок.
Но на економијата силно погодена од последиците од ковид кризата, се надоврза високата цена на енергенсите на светските пазари, а потоа и војната во Украина, па затоа министерот вели дека при очекувањата за долгот мора да се имаат предвид случувањата во Украина и растот на цените на енергенсите.
Светска банка во најновата пролетна прогноза објавена на 11 април предвидува забавување на растот на македонската економија за годинава на 2,7 проценти. Причина за тоа се последиците од руско-украинскиот конфликт и санкциите воведени кон Русија.
Според буџетот за 2022, владата очекува економскиот раст годинава да биде 4,6 отсто.
Според проекциите на Светска банка, фискалниот дефицит ќе остане зголемен со проектиран раст на јавниот долг над 62 проценти од БДП.
Справувањето со ценовните шокови досега чини 615 милиони евра
Владата соопшти дека за амортизирање на ценовните шокови, предизвикани од пандемијата и војната во Украина потрошила вкупно 615 милиони евра. Во неколку наврати првин за време на пандемијата, а потоа и за да се ублажи растот на цените на храната и на енергенсите, владата донесуваше сет на мерки за помош на граѓани и на компании. Во меѓувреме, се донесе закон за повисока минимална плата, која сега изнесува 300 евра, а беше 250, се бара методологија за зголемување на пензиите, а во тек е и штрајк на образованието со кој се бара усогласување на платите.
Во февруари годинава Заводот за ревизија во извештај за јавниот долг наведе дека тој ја достигнал критичната граница од 60 отсто како последица на ковид кризата, но и на отсуството на план за задолжување и реализација на капитални проекти. Јавниот долг во ковид кризата се зголемил за 15 процентни поени.
„Отсутноста на посебен закон или подзаконски акти за водење на јавните финансии во исклучителни околности, како кризна или вонредна состојба претставува ризик во управувањето на јавниот долг“, велат од Државниот завод за ревизија.
Извештајот покажува дека 75 отсто од вкупниот јавен долг, односно 88 отсто од државниот долг е за финансирање на буџетскиот дефицит поради проектирани повисоки расходи од приходи.
Ревизорскиот извештај покажува дека од 2008 до 2016 јавниот долг континуирано растел, потоа до 2019 се стабилизира се до почетокот на ковид кризата, која почнува пак да расте.
Кој е во опозиција тој обвинува за должничко ропство
Кога ВМРО-ДПМНЕ во 2006 дојде на власт јавниот долг изнесуваше 1,8 милијарди евра или 33 отсто од БДП-то, кога паднаа од власт во 2017 државата должеше 4,7 милијарди евра, односно 47, 7 отсто од БДП-то. За 11 години долгот пораснал за скоро три милијарди евра. Во првите две години јавниот долг се намалуваше, потоа следуваше светската економска криза, кога јавниот долг се зголеми, паралелно се тоа се градеше и Скопје 2014, што дополнително го зголеми долгот. Тогаш опозициската СДСМ обвинуваше дека власта сака да ја втурне државата во грчко сценарио. Во 2016 кога јавниот долг ја надмина границата од 50 отсто од БДП и кога експертите предупредуваа дека задолженоста е на опасна граница, СДСМ најави ревизија на сите задолжувања, обвинувајќи дека тогашната владината политика ги става и сегашните и идните генерации во должничко ропство.