Пратениците денеска по последниот ден од расправата за буџетот за следната година, до полноќ треба да се изјаснат дали државната каса ќе изнесува 4,4 милијарди евра, како и за начинот на кој тие пари ќе ги троши власта. Кога сме кај трошењето, јавниот долг изнесува 59, 3 проценти од бруто домашниот производ, односно 6,95 милијарди евра. Тоа значи дека секој македонски граѓанин е задолжен со 3 475 евра.
Но, власта во новата фискална стратегија предвидела нови заеми, нови обврзници што значи дека може да се очекува долгот и натаму да расте.
„Се утврдува лимитот на вкупниот јавен долг на среден и долг рок којшто не треба да надмине ниво од 60 отсто од БДП“, се посочува во новата ревидирана Фискална стратегија 2022-2024, а намалување на долговите се предвидени и во ревидираната Стратегија за управување со Јавниот долг.
Но, оваа граница веќе е пробиена во текот на оваа економска година која завршува. Во вториот квартал година вкупниот јавен долг изнесуваше 63,1 процент од БДП, што е највисока стапка досега.
Тоа не е висина на долг, кој Македонија треба да го има, трошоците за него се превисоки, вели поранешниот гувернер Петар Гошев. Тој потсетува дека за камати за тој долг во 2020 година биле исплатени околу 160 милиони евра, и дека до крајот на годинава каматите за јавниот долг очекува да изнесуваат околу 160 милиони евра.
„ Таа висина на долг не остава простор за било каква фискална интервенција во услови на интерни или екстерни шокови. Се употребија 10 до 15 процентни поени зголемување на јавниот долг како процент од БДП, и сега за натамошни посериозни интервенции, доколку не дај боже затреба, Владата ќе нема простор за посериозна интервенција, за да амортизира шокови“, вели Гошев.
Предизвиците големи и во 2022
Во наредниот период земјава ќе се соочи со големи економски предизвици, особено што по здравствената криза која остави економски последици, земјава ја зафати енергетска криза. Гошев објаснува дека задолежноста од 60 проценти од БДП е висина на долг која е далеку од капацитетот на македонската економија, но и од економскиот капацитет на граѓаните.
„Затоа што тие во крајна линија го плаќаат тој јавен долг, а не плаќаат функционирите кои што го произведуваат јавниот долг. Час поскоро е потребно тоа ниво на јавен долг да се симне, вели Гошев.
Марјан Николов од Центарот за економски анализи вели дека со години фискалната политика во Македонија служи за наоѓање на лесни појавни решенија наместо на одржливи решенија за проблемите.
„Доколку продолжи и понатаму да се користи буџетот како инструмент на клиентелизам и популизам и како касица-прасица од страна на политичарите, доколку знаме дека цената на задолжувањето измерена во отплата на камати во последните години е зголемена скоро за 4 пати споредено со 2009 година, тогаш е јасно дека политичката цена станува повисока за политичарите за стабилизација на долгот преку зголемување на даноците, пишува Николов во својата колумна за интернет порталот „Независен“.
Според Гошев во изминатава година имаше објективни причини за зголемување на јавниот долг, поради силниот пат на економските активности. Но, проблемот е во тоа што и во претходните десетина години висината на јавниот долг постојано растеше поради неодговорното однесување на политичарите.
„Постојаните парадите за економските успеси на владите, за изградба на некакви проекти, за доделување на средства на одредени социјални групи кои осебено се случуваа во предизборие е на товар на јавниот долг. И на крајот на денот нема доволно средства за тоа што е клучно за едно општетсво. Нема доволно пари за здравстеви услугу, нема доволно средство за образование, нема доволно средства за ранливите категории. Тоа е производ на фискалната политика која цело време е популистичка“ вели Гошев.
Според пресметките на Центарот за економски анализи за стабилизација на јавниот долг од 2019 година, континуирани годишни стапки на раст на БДП од 4% јавниот долг би достигнал прудентно ниво од 40% од БДП дури во 2030 година. Долгот би можел да се намалува при миниум стапки од 3% годишен раст на БДП.
„Ова е и отприлика долгорочната стапка на економски раст за оваа држава. Значи потребен е екстра напор за подобрување на амбиентот за да може да се зборува за стабилизација и намалување на јавниот долг“ , пишува Николов.
Власта, пак , според стратегијата за управување со јавниот долг објавена на страната на министерството за финансии смета дека задолженоста на државата ќе биде под контрола, на одржливо ниво.
„Движењето на јавниот долг на среден рок ќе бележи умерен раст до 2023 година како резултат на последиците на кризата, а потоа, во периодот по 2024 година, преку мерките на фискална консолидација се очекува намалување на нивото долгот“, се наведува во Стратегијата за управување со јавниот долг.
Во стретегијата е наведено дека во наредните две до 4 години се предвидуваат нови видови на задолжувања преку развојни обврзници, којшто ќе бидат индексирани за стапката на инфлација, со што ќе се поттикне финансирањето на развојните проекти во земјата.
Потоа се предвидува нов инструмент наречен Зелените обврзници ќе бидат воведени за поддршка и поттикнување на проекти кои се наменети за унапредување и заштита на животната средина, со крајна цел за транзиција кон зелена економија и финансирање на еколошки проекти.
Третиот инструмент ќе предвидува „Проектните обврзници“ кои ќе бидат воведени со цел обезбедување на потенцијални инвеститори кои би финансирале поспецифични развојни проекти. Овој тип на обврзници ќе нуди алтернативен начин за финансирање на проекти поврзани со инфраструктура, се вели во стратегијата.
Дел од задолжувањето служи за покривање на буџетските дефицити, односно непречено извршување на исплатите од Буџетот, а дел од задолжувањето е наменето за рефинансирање на претходни долгови што достасуваат во наредниот период.
Според податоците од министерството за финансии во јули годинава е отплатена еврообрзницата во износ од 500 милиони евра издадена во 2014 година. Во наредниот среднорочен период пристигнуваат за отплата поголеми износи и тоа 450 милиони евра во 2023 година за еврообврзницата издадена во 2016 година, 500 милиони евра коишто ќе треба бидат обезбедени во 2025 година со цел рефинансирање на еврообврзницата издадена во 2018 година, како и 700 милиони евра што достасуваат во 2026 година како резултат на издадената еврообврзница во 2020 година.