Емисиите од согорувањето на фосилните горива, горењето на дрва, чадот од цигарите, па дури и чадот од месото кое го печеме на скара, содржат бензо(а)пирен – канцерогено соединение кое штетно влијае врз човековото здравје.
Поради неговата токсичност во законите на Европската унија веќе се дефинирани безбедни нивоа за здравјето на луѓето и ,според тоа, земјите ја мониторираат неговата присутност во амбиентниот воздух, што засега не е случај во Македонија.
Бензо(а)пиренот се добива од некомплетно согорување на органиски соединенија на температура над 300 степени целзиусови, го има во јагленовиот катран, во саѓите од оџаците, но може да биде и од природно потекло како вулкански ерупции или шумски пожари, објаснува професор Јане Богданов од Институтот за хемија на Природно-математичкиот факултет во Скопје.
„Пред се ако е возможно треба да се избегнува греење на дрва, пластики, дрвена граѓа и фосилни горива, како јаглен и мазут. Иако на времето ова соединение се ослободувало и го имало во автомобилските издувни гасови, сега тоа е сведено на минимум заради подобрување на квалитетот на горивата“, вели Богданов.
Граѓаните на Македонија подолго време се изложени на високо загаден воздух, со што земјата е на врвот во Европа според годишните предвремени смртни случаи предизвикани од аерозагадување.
Токму затоплувањето на домаќинствата и институциите во повеќе научини студии се посочени како еден од главните фактори за загадувањето, покарај индустријата, сообраќајот и неконтролираната урбанизација.
Така концентрациите на цврстите честички ПМ10 и ПМ2,5 секоја година повеќекратно се надминати во зимскиот период, но не се само тие кои го загадуваат воздухот.
Видете и ова: И натаму „очајно“ малку пари против загадувањетоВо 2015 година во земјава биле направени еднократни мерења на соединенија на групата пирени, кои исто така покажале дека во зимскиот период максимално дозволените концентрации биле надминати за над 20 пати.
Сега Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) ја разгледува можноста за континуирано следење на концентрациите на бензо(а)пирен во амбиентниот воздух, според одговорот кој го добивме од институцијата.
Од МЖСПП објаснуваат дека за да се изврши мерење на оваа загадувачка супстанца, потребно е да бидат земени примероци од воздух со „референтни семплери“, а потоа на земените примероци треба да им се направи хемиска анализа во лабораторија.
„Во моментов Министерството располага со уреди за земање примероци, но не располага со лабораториска функционална опрема за анализа на бензо(а)пирен“, велат за РСЕ од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Професор Богданов смета дека во сите урбани средини во Македонија треба да има официјални мерења на бензо(а)пиренот.
„Треба да има мерења на емисиите на бензо(а)пирен и потоа да се прошири со мерења и на другите полициклични ароматични соединенија. Ова треба да се организира и во координација со стручни лица, како научници и инженери од Македонија“, вели Богданов.
За токсичноста на бензо(а)пиренот, професор Богданов објаснува дека уште во 18-ти век било откриено дека оџачарите развивале ретка форма на рак на тестиси, односно таканаречен „оџачарски карцином“ поради присутноста на полициклични ароматички соединенија во саѓите на оџаците, меѓу кои и бензо(а)пиренот.
Безно(а)пиренот е класифициран како канцероген во Група 1 канцерогени соединенија според Интернационалната агенција за истражувања за рак при Светската здравствена организација, објаснува Богданов.
Но, тој сепак посочува дека со податоците кои би се добивале од официјалните мерења не треба да се шири страв меѓу населението, туку да се користат за изработка на долгорочен план за намалување на емисиите на бензо(а)пирен.
Во моментов Министерството за животна средина и просторно планирање, освен мониторинг на цврстите честички ПМ10 и ПМ2,5, континуирано ги следи и концентрациите во амбиентниот воздух на сулфур диоксид, јаглерод моноксид, азотни оксиди и озон, податоци кои се добиваат од 19 мерни станици во земјава, најмногу од нив поставени во главниот град Скопје.
„Во првиот квартал на 2021 година во рамките на проектот финансиран од SIDA ќе се инсталираат нови инструменти за ПМ2,5 и тоа на мерните места во Ректорат, Миладиновци, Велес, Кочани, Струмица, Кавадарци, Кичево и Гостивар“, велат од МЖСПП.
Видете и ова: Граѓани и пратеници заеднички во борба против загадувањетоОсвен најавата за поставување на новите инструменти за мерење на честичките ПМ2,5 Министерството пред два месеци го прошири мониторинг системот со поставување на нова станица во Гевгелија.
Богданов посочува дека научниците од Институтот за хемија подолго време се занимаваат со анализи на одредени полутанти во животната средина и дека во склоп на Сојузот на хемичари и технолози на Македонија (СХТМ) има стручен кадар „од светски калибар“ којшто може да допринесе да се постават мерењата и интерпретацијата на резултатите на научна основа.
Тој заклучува дека е во тек акредитација на Лабораторија за хроматографски анализи со примарна цел определување на линдан и други пестициди и полутанти.