Вклучувањето на опозицијата во евроинтегративните просеци, пред сè во реформската агенда, може да биде првиот чекор во помирувањето. Новиот претседател Стево Пендаровски во инаугуративниот говор, рече дека граѓанското помирување ќе биде еден од неговите главни приоритети.
Видете и ова: Соживотот во Северна Mакедонија е пример во ЕвропаПолитичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека вклучувањето на опозиција може да почне преку посериозен инклузивен договор околу европските реформи, бидејќи околу нив немаме спор.
„Се разбира, тоа не зависи само од Пендаровски, зависи и од опозицијата колку ќе биде подготвена на тоа, и зависи од тоа за колку брзо Македонија ќе ги започне преговорите. Ако Македонија не ги почне преговорите брзо, тогаш опозицијата ќе има изговор дека наградата од ЕУ не е стигната и ќе има право, односно ќе може да говори дека нема потреба од политичка инклузивност“, вели Арсовски.
Сепак, прашање е како да се дојде до тоа политичко помирување ако се има предвид поделеноста во општеството токму во однос на Преспанскиот договор, кој пак е услов за откочување на евроинтеграциите.
„Секако дека тој за Преспанскиот договор ќе мора да поработи малку повеќе со опозицијата, која ги праќа сите сигнали дека сè уште не го прифатила до крај, но тоа е прашање на време. Тоа мора да се работи постојано и мора да почне со некаков посериозен политички инклузивен договор, првенствено околу европските реформи, бидејќи околу нив немаме спор“, вели Арсовски.
Видете и ова: Во тензична атмосфера прекината седницата за имунитетот на ВељаноскиОд друга страна, социологот, професор Хасан Јашари вели дека тензии има само меѓу политичките партии, а не меѓу граѓаните. По потреба, партиите креираат поделби, вели тој.
„Јас не гледам некој проблем меѓу граѓаните. На некој начин во бизнисот, образованието, здравство функционираат одлично, но гледам проблем во интересите на политичките партии. Тие создаваат раздор и ги штитат нивните интереси. Посебно кога е во период на избори, тогаш го користат тоа во тие предизборни кампањи“, вели тој.
Во инаугуративниот говор пред Собранието во неделата, Пендаровски рече дека речиси и да нема држава во Европа која е толку мала, а има толку поделби.
„Време е да ги залечиме отворени рани од нашето скорешно минато и реално да го започнеме граѓанското помирување затоа што немаме резервна татковина која можеме да ја наречеме наш дом. На тој пат сакам да се вложам без остаток, не водејќи сметка за својот политички рејтинг“, рече Пендаровски.
Тој рече дека ќе подаде рака за соработка кон опозицијата, и оти има обврска да ги штити правата и статусот на политичкото малцинство од евентуалното самоволие на мнозинството.
Претходно, и премиерот Зоран Заев најавуваше помирување, но тоа на крај заврши со амнестија на пратениците од опозицијата кои гласаа за промена на Уставот.