Во жестока расправа со надвикување и чести паузи, на полноќ претседателот на Собранието Талат Џафери ја прекина седницата, откако претходно процедурално се јави координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски кој се бунеше зашто не му била одобрена паузата од еден час. Вечерва на пленарна седница пратениците требаше да одлучуваат дали ќе му се одземе пратеничкиот имунитет на поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски. Џафери изјави дека во наредните неколку дена ќе ги извести пратениците за тоа што ќе се случи со оваа седница.
Претходно во речиси двочасовна дебата пратениците спореа околу тоа дали воопшто има правен основ да се свика седницата со оглед на тоа што надлежната Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, не донела заклучок со мнозинство гласови, односно четворица пратеници предложија одземање на имунитетот, а четворица биле против.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ смета дека штом Комисијата за мандатно – имунитетни прашања не зазела став за барањето на судот за одредување притвор за Вељаноски, тогаш пратениците на пленарната седница не треба ни да расправаат за тоа прашање.
„Да, има извештај, но нема предлог заклучок од комисијата. Што тогаш Џафери ќе стави на гласање? Оваа седница е чудна работа, неразумна е, штом нема предлог заклучок нема ни точка за расправа“, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски.
Тој посочи дека со ваквите дејствија на владејачкото мнозинство се губи смислата на пратеничкиот имунитет со што ќе се воведе лоша практика во иднина која остава можност за честа злоупотреба.
На тоа со реплика му договори претседателот на Комисијата, Павле Богоевски, кој истакна дека ја поддржува идејата на Димовски на сите пратеници да им се одземе пратеничкиот имунитет во некои наредни измени на Деловникот, но засега треба да се постапува според собраниските правила.
„Која е одлуката да расправа собранието за одземање на имунитет ако комисијата изгласа против, а не може да расправа ако изгласа нерешено. Со должна почит кон вас, но Собранието може да преживее и без Трајко Вељаноски“, рече Богоевски.
За збор беа пријавени 29 пратеници, но поради краткото време и честите паузи за координирање на опозициските пратенци, малкумина го искористија тоа право. Дел од пратениците, пак, времето на говорницата го искористија за теми како што е непотизмот во владеењето на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, за разни владини политики и за случувањата од 27 април 2017 година.
Пред почетокот на расправата за пратеничкиот имунитет на Вељаноски, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски побара од пратениците од владејачкото мнозинство да ја тргнат од дневен ред точката.
„Очигледно одлуката за одземање на имунитетот на Вељаноски е донесена на друго место,а тука треба да се изврши егзекуцијата. Сето онашто го зборувавме два дена на самата комисија и за кое што не донесовме одлука на самата комисија, не беше доволно за вас. Продолжувате со темата за која сами рековте дека треба што побргу да се заборави, а формиравте и тело за помирување, ама како што гледам нема да има помирување“, изјави од собраниската говорница Мицевски.
Тој потенцираше дека време е веќе еднаш да завладее разумот во Собранието и пратениците од власта да почнат навистина да се залагаат за реформите за кои само декларативно се залагаат но од познати причини за нив редовно ги кочат. На тоа Богоевски му реплицираше дека последното негово тврдење звучи како закана.
Поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски вечерва не присуствуваше на закажаната седницата на која се одлучуваше за неговиот притвор кој го бара судот во рамки на случајот „27 април“.
Вељаноски заедно со поранешните министрите, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски во средата беа приведени на распит поради сомнение дека се дел од организаторите на настаните од 27 април. Вељаноски се повика на пратеничкиот имунитет, додека на Јанакиески и Ристовски им беше одредена мерка притвор. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека се работи за политички прогон.