Достапни линкови

Утврдени пропусти на затворската служба, оставка на директорот


Заедничка фотографија на поранешните министри Спиро Ристовски и Миле Јанакиески
Заедничка фотографија на поранешните министри Спиро Ристовски и Миле Јанакиески

Директорот на затворот во Шутка, Ѓоко Котевски денеска изјави дека го прифаќа барањето на премиерот Зоран Заев за оставка од функцијата. Тој најави дека извештајот за физичкиот напад врз Јанакиески и Ристовски ќе биде готов в понеделник. Според експертите, потребна е независна истрага.

Неотповиклива оставка најави директорот на затворот во Шутка, Ѓоко Котевски по физичкиот напад на поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, еден ден по изрекувањето на триесет дневниот притвор во рамки на истрагата за настаните во Собранието на 27 април, 2017 година. Котевски информираше и дека в понеделник ќе биде изготвен и извештајот од внатрешната истрага за инцидентот, кој ќе им биде доставен на сите надлежни институции.

„Јас сум одговорен човек, професионалец, посветен на службата и кога службата ќе потфрли, логично е од професионални и морални причини, да се поднесе оставка. Од досегашната истрага за случувањата утврдени се пропусти во постапувањата и непочитувања на стандардните безбедносни протоколи од службата за обезбедување на затворот „Скопје“ и затоа преземам одговорност“, рече Котевски.

Според сведоци и истрагата, најпрвин Јанакиески, па потоа и Ристовски кои во различно време го користеле правото на прошетка во два различни двора на затворот започнале вербална расправија која потоа преминала во физичка пресметка. Јанакиески и Ристовски се префрлени во „хашкото одделение“.

Премиерот Зоран Заев претходно побара оставка од Котевски, изрази жалење и го осуди инцидентот, притоа изрази уверување дека истрагата ќе ги даде деталите.

„Очекувам до понеделник директорот на затворот Скопје да ја поднесе својата оставка до Владата“, рече Заев.

Пред светот треба да покажеме дека нашите затвори се сигурни и на тој начин да ги затвориме устите на оние, меѓу кои и поранешниот премиер Никола Груевски, дека барале азил во друга држава, бидејќи отслужувањето на затворска казна може да биде опасно по живот вели професорката Мирјана Најчевска. Потребна е надворешна, објективна и исцрпна истрага, додава таа.

„Станува збор за специфична категорија на луѓе и тука се прави посебна проценка на ризик заради тоа што тоа се луѓе коишто биле на високи функции значи може да се очекува дека на овој или оној начин можат да бидат нападнати и автоматски затворската служба е таа којашто е одговорна не само за нивниот физички, туку и психичкиот интегритет и слично“, смета Најчевска.

Од СДСМ обвинија дека не успеал обидот на Груевски и на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски преку насилничко сценарио да создадат криза. Од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека физичкиот напад е акт на деспотизам и дека државата не успеала да ги заштити Јанакиески и Ристовски. Мицкоски се обиде да го посети Јанакиески, но не му беше дозволено, бидејќи за тоа е потребно одобрение од судот. На што СДСМ реагираше дека не успеал театарот на Мицкоски.

„Значи многу е очекувано, посебно во ваков период пред избор на претседател на државата кога веќе се започнати одредени дејствија кои се дел од партиската кампања, секој случај да биде искористен од другата страна“, посочува Најчевска.

Може и целиот случај да биде исцениран, додава таа, но да се дозволи таков инцидент, е грешка која треба да биде казнета. Делегацијата на ЕУ остро го осуди инцидентот и побара да се спроведе истрага, а одговорните за него да понесат последици.

Од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека со оставката на Котевски не смее да се прикрива одговорноста на инспираторите и нарачателите и повикаа на одговорност од Заев и министерката за правда Рената Дескоска.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG