Секогаш пред да тргне на пат низ државата, Елена Кочовска мора да го планира патувањето поради недостигот на јавни тоалети.
„Непостоењето на јавните тоалети е индикатор за загриженост од страна на сите општествени актери и е нешто за што треба да се посвети внимание“, револтирана е Кочовска.
Како жена и лице со попреченост Кочовска вели дека зависно од должината на патувањето, се воздржува од пиење течности и јадење одредена храна, во зависност од тоа колку долго е патувањето.
„Сето тоа е повторно дополнителен проблем, кога трпите, кога нели стискате, создава дополнителни проблеми. Но повторно јавната слика ви е одма на тоа до кое ниво ви е развојот на самата држава. Тоа ви е првата слика“, вели Кочовска која со години е дел од Движењето против хендикеп „Полио плус“.
Дека достапноста на тоалети е проблем при патувањето, увидоа и од Здружението за социјални иновации и одржлив развој „Радар– Скопје“. Во истражувањето направено годинава, тие утврдиле дека нема ниту еден јавен тоалет покрај двата автопати „Пријателство“ и „Мајка Тереза“, кои инаку се дел од европските коридори и подлежат на европските стандарди. Укажуваат дека тоалети има во склоп на бензинските станици, но голем дел од нив не ги задоволуваат стандардите, како во однос на хигиената, така и во однос на достапноста до сите категории граѓани.
„За потребите на трудниците и жените кои инсистираат на поголема хигиена во тоалетите низ автопатите низ државава, за пристапот на лицата со посебни потреби до јавен тоалет на автопат, практично и воопшто не се разговара“, нотира истражувањето.
Видете и ова: Девојчиња не одат на школо оти немаат пари за влошкиТака како на пример, на потегот од центарот Скопје до граничниот премин Табановце, во двата правци се лоцирани 11 бензиски пумпи со тоалет. Девет од нив не биле пристапни за лица со посебни потреби, а на скала од 1 до 5 имаат просечна оценка 2.9 за чистотата. Нешто подобро стои автопатот од Скопје за Гевгелија, каде во двата правци се лоцирани 22 бензиски пумпи со тоалет, кои добиле просечна оценка за чистотата од 3,6.
„Дел од граѓаните се изјаснија дека има тоалети кои се навистина во добра ситуација, меѓутоа има и тоалети кои не ги задоволуваат сите нивни очекувања. Најголем дел од јавно достапните тоалети не се целосно достапни за лицата со попречености“, вели Катерина Танкосиќ од здружението „Радар-Скопје“.
Во истражувањето се забележува и дека јавни тоалети кои може да ги користат патниците нема ниту на наплатните станици низ земјава. Дополнително, покрај автопатите нема ниту соодветно уредени паркинзи за одмор. Празните простори пак кои често служат за застанување на возилата, не се соодветно уредени или се преполни со ѓубре, реагираат од „Радар-Скопје“.
Зависно од докуметот, европските препораки за овој проблем се различни. Така, според една од ЕУ регулативите за развој на трансевропската транспортна мрежа, се вели дека инфраструктурните барања за инфраструктура за патен транспорт, меѓу другите предвидуваат и „поставување на места за одмор на автопатиштата приближно на секои 100 километри, во согласност со потребите на опкружувањето, на пазарот и на животната средина, со цел, меѓу другото, да се обезбеди соодветен простор за паркирање за корисници на сообраќај со соодветно ниво на безбедност и сигурност“.
Според европските ТЕМ (Trans-European North-South Motorway) стандарди препорачана пракса за растојанието помеѓу местата за одмор треба да биде од 15 до 25 км. Во нивен состав се предвидени и јазли кои треба да се лесни за чистење, со поголеми излези од стандардните, со подови дизајнирани за лесно перење со млазеви вода или пареа и со директна поврзаност во канализацијата мрежа. Препорачана пракса е, кога санитарните јазли се наоѓаат во рамките на одреден објект да можат да бидат опремени со огледала, електрични фен/сушач за раце, диспанзери за сапун, електрични приклучоци, хартија, итн...
Според проектантката Мила Габуника, и Македонија треба да ги следи ваквите пракси. Нејзин предлог е поставување модуларни јавни тоалети на местата каде ги нема, од цврста градба, но внатре со материјали како инокс, кои не можат да лесно да се оштетат. Она што смета дека е од особена важност е објектот да биде пристапен за лица со посебни потреби, да има посебен простор за мажи, жени и за деца, а во женскиот тоалет да има посебни мијалници за одржување менструална хигиена.
„Не мислам дека сме сиромашна држава за да немаме тоалети. Тоа сепак е основна човекова потреба. Не може 2 часа да возиш низ државава, а да немаш каде да застанеш и да ја обавиш основната потреба“, вели Габуника.
Во националната регулатива за јавните патишта нема посебни одредби кои се однесуваат на јавни тоалети, обврската за нивно поставување и одржување, на колку километри и според кои стандарди. И од Јавното претпријатие за државни патишта велат дека нема пракса на изградба на јавни тоалети, бидејќи нема ниту законска регулатива поврзана со ова прашање.
Видете и ова: Со кредит од ЕБОР ќе се гради автопат дел од Коридорот 8„Оттука произлегува дека нема обврска за изградба. Доколку се донесе законска регулатива за оваа област, ЈПДП ќе ја применува. На државните патишта поставена е информативна вертикална сигнализација со која се најавуваат одморалиштата со прислужно-услужни објекти во кои има јавен тоалет“, појаснуваат од претпријатието.
Од Радар-Скопје укажуваат дека е неопходно постоењето на јавни тоалети покрај патиштата. Препорачуваат со нив да менаџира претпријатието за државни патишта или да ги дава под закуп на надворешни оператори. Како втора можност посочуваат дека јавните тоалети може да се дадат и на приватна компанија, која ќе биде сопственик и ќе менаџира со нив.
Кочовска од Полио Плус смета дека тоалетите на бензинските пумпи не се соодветна замена за јавни тоалети по патиштата. Сериозен проблем за неа е тоа што тие не се функционално пристапни за граѓаните со попреченост.
„Државата, односно општествените актери ќе мора да си поведе некаква одговорност за немањето пристапни и достапни функционални јавни тоалети по магистралните патишта“, децидна е Кочовска.
Во Македонија има вкупно 4.862 км државни патишта. Од нив 262 км се класифицирани како автопатишта, 911 км како магистрални патишта и 3.689 км се регионални патишта.